1/2006-0-0

1/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и на членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/1992) на седницата одржана на 8 март 2006 година донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 54 алинеја 3 од Законот за превоз во патниот сообраќај (“Службен весник на Република Македонија“ бр. 68/2004);

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот за оценување на согласноста на оспорената одредба од точка 1 на ова решение со одредбите од Законот за индустриска сопственост.

3. Авто-такси компанијата “РИВА” од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 54 алинеја 3 од Законот означен во точка 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата секое правно и физичко лице, како и секоја такси компанија има сопственост над логото на својата фирма и сопственост на бојата на своите возила заштитени како трговска марка и дека бојата на такси возилата, формата, големината и воопшто изгледот на таблата која треба да е сместена на покривот од такси возилата не можат со закон или со подзаконски акт да им се наметнуваат на правни лица во приватна сопственост кои ја вршат оваа дејност. Поради тоа, подносителот на иницијативата смета дека нарушувањето на правата од сопственоста на правните и физичките лица, вклучувајќи ги такси компаниите било противуставно, односно спротивно на член 8 став 1 алинеја 6 и 7 и на член 30 од Уставот.

Според подносителот на иницијативата, унификацијата која незаконски им се наметнувала на авто-такси компаниите, нивната потполна меѓусебна идентичност како во поглед на бојата на возилата така и во поглед на формата, големината и натписот на таблата ја ограничувала слободата на пазарот и претприемништвото и еднаквата положба на субјектите на пазарот гарантирани со член 55 од Уставот. Покрај големата штета што со тоа им се нанесувала на авто-такси превозниците кои веќе потрошиле многу средства за создавање на своја препознатилива трговска марка (интелектуален имот), штета им се нанесувала и на граѓаните кои секојдневно ги користат такси услугите доведувајќи ги во заблуда во поглед на тоа кој е вистински давател на услугата.

Во иницијативата понатаму се прави паралела на одредбите од Законот за превоз во патниот сообраќај и Законот за индустриска сопственост, и се укажува на нивната меѓусебна неусогласеност.

Поради наведените причини, подносителот на иницијативата предлага Уставниот суд да го укине член 54 алинеја 3 од Законот за превоз во патниот сообраќај и да ги поништи сите правни дејства кои се предизвикани и кои би можеле да настанат со неговата примена.

Во иницијативата, исто така, се предлага до донесување на конечна одлука, Уставниот суд да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија преземени врз основа на оспорената одредба, бидејќи со нивното извршување би можеле да настанат тешко надоместливи последици.

4. Судот на седницата утврди дека според член 54 алинеја 3 од Законот за превоз во патниот сообраќај (“Службен весник на Република Македонија“ бр. 68/2004), со актот на советот на општината или на советот на градот Скопје особено се утврдуваат, меѓу другите, и условите во врска со бојата на такси возилата.

5. Споредч член 8 став 1 алинеја 1, 6 и 7 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, правната заштита на сопственоста и слободата на пазарот и претприемништвото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 30 став 1 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Според став 2, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на подинецот и на заедницата. Според став 3, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Според член 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Според член 114 став 1 од Уставот, на граѓаните им се гарантира правото на локална самоуправа.

Според Амандман ЏВИ на Уставот со кој е заменет ставот 5 на член 114, локалната самоуправа се уредува со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број на пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

Согласно Амандман ЏВИИ на Уставот, со кој е заменет став 1 на член 115 од Уставот, во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите утврдени со овој Амандман, меѓу кои се и комуналните дејности.

Врз основа на овие уставни одредби донесен е Законот за локална самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр. 5/2002) кој во член 22 ја утврдува и листата на надлежностите на општината. Согласно член 22 став 1 точка 4 од наведениот закон, во надлежност на општината е и вршењето на комуналните дејности во рамките на кои и уредувањето и организирањето на јавниот локален превоз на патници.

Согласно член 62 став 1 од Законот за локалната самоуправа, во вршењето на работите од својата надлежност советот донесува прописи, и тоа статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон.

Според член 1 од Законот за превоз во патниот сообраќај (“Службен весник на Република Македонија” број 68/2004 година) со овој закон се уредуваат условите и начинот за вршење превоз на патници и стоки во внатрешниот и меѓународниот патен сообра}ај.

Според член 3 точка 1 од Законот, јавен превоз на патници и стока е превоз кој под еднакви услови им е достапен на сите корисници. Согласно точка 21 на овој член, авто такси превоз на патници е превоз што се врши со патнички возила со најмногу пет седишта сметајќи го и седиштето на возачот, а според точка 32 од истиот член, такси станица е уреден простор наменет за паркирање на патнички такси возила кои чекаат позив на превоз.

Авто такси превозот на патници е регулиран со одредбите од член 52 до 55 од наведениот закон.

Согласно член 52 од Законот, авто-такси превоз на патници можат да вршат правни и физички лица ако добијат лиценца за вршење на овој вид превоз.

Условите за добивање на лиценца се определени во член 8 од Законот. Според овој член, лиценца може да добие домашно правно или физичко лице (во натамошниот текст: превозник), ако ги исполнува следниве услови: 1) да е впишано во трговскиот регистар за вршење на превоз во патниот сообраќај и да има решение за вршење претежна дејност за одделен вид на превоз освен лиценци за сопствени потреби; 2) да е сопственик на едно или повеќе возила за одделни видови превози што ги исполнуваат посебните техничко-експлоатациони услови пропишани за возила за вршење на одделни видови на превоз, а за меѓународен линиски превоз на патници да е сопственик на најмалку две возила; 3) да има вработено возачи во зависност од бројот на моторните возила (автобуси, моторни товарни возила и друго) што ги исполнуваат условите предвидени со прописите за безбедност на сообраќајот на патиштата; 4) да има вработено авто такси возачи; 5) во возилото за вршење на авто-такси превоз на патници да има вградено фискален апарат; 6) управителот или овластеното лице одговорно за превоз да има успешно поминато проверка за професионална компетентност; 7) да располага со сопствен капитал од најмалку 2000 евра во денарска противвредност по возило или 50 евра во денарска противредност по тон на најголема дозволена маса на товарно возило односно по седиште во автобус; 8) да не е во сила правосилна судска пресуда за кривично дело против имотот, стопанството или безбедноста во јавниот сообраќај; 9) да има во сопственост капацитет за паркирање и одржување на возилата или доказ за користење на таков капацитет со рок на важење од најмалку четири години; 10) во возилата за вршење на општински линиски превоз на патници да има вградено фискален апарат и 11) да има вработено возачи кои имаат сертификат за вршење на меѓународен превоз на патници и стока

Согласно член 9 од Законот, лиценците за авто-такси превоз на патници ги издава градоначалникот на општината, а за градот Скопје градоначалникот на градот Скопје.

Согласно член 53 од Законот, покрај условите за вршење на авто-такси превоз на патници пропишани со одредбите на овој закон, авто-такси превозниците мораат да ги исполнуваат и условите пропишани од страна на советот на општината или на Советот на градот Скопје.

Согласно член 54 од Законот (во рамките на кој се наоѓа и оспорената одредба), со актот на советот на општината или на Советот на градот Скопје особено се уредуваат условите во врска со: локацијата и капацитетите на такси станиците, обележувањето и опремувањето на такси станиците, бојата на возилата, (оспорена одредба) и тарифата и начинот на користење на такси станиците.

Согласно член 55 од Законот, при вршењето на авто-такси превоз, во возилото мора да има вградено исправен, пломбиран и баждарен таксиметар. При вршењето на превозот задолжително мора да биде вклучен таксиметарот и цената на превозот да се наплатува врз основа на износот утврден во таксиметарот. На покривот на возилото и на бочните страни на возилото со кое се врши авто-такси превоз на патници мора да биде истакнат називот “ТАЏИ”, а на бочните страни покрај називот такси и бројот од регистарот на такси превозниците.

Посебните техничко-експлоатациони услови што треба да ги исполнуваат возилата за вршење на такси превозот се регулирани со Правилник за посебните техничко-експлоатациони услови за возилата за вршење на одделни видови на превоз во патниот сообра}ај (“Службен весник на Република Македонија” бр. 73/1999 и 46/2001), донесен од министерот за сообраќај и врски.

Согласно член 2 од овој Правилник, под посебни техничко-експлоатациони услови се подразбираат условите што моторните возила во зависност од видот на јавниот превоз треба да ги исполнуваат заради обезбедување на кавалитетен и безбеден превоз.

Посебните техничко-експлоатациони услови што треба да ги исполнуваат патничките моторни возила за авто-такси превоз на патници се регулирани со член 14 од Правилникот, согласно кој авто-такси превоз на патници може да се врши со патнички возила кои покрај условите утврдени со Законот за превоз во патниот сообраќај и прописите за безбедноста на сообраќајот на патиштата и пропишаните стандарди ги исполнуваат и следните посебни техничко-експлоатациони услови: 1) имаат најмалку 4 бочни врати; 2) исправен уред за греење и за вентилација; 3) потребен простор за багаж на патниците; 4) сигурносни и појаси за патниците; 5) исправен радио апарат; 6) исправен алармен уред кој се активира од седиштето на возачот или инсталиран алармен сигнал во радио станиците; и 7) исправна радио станица.

Во член 15 од Правилникот е регулиран изгледот односно формата, големината и бојата на таблата со натписот “ТАЏИ” која се истакнува на покривот на возилото.

Од анализата на наведените одредби од Законот за превоз во патниот сообраќај произлегува дека авто-такси превозот како посебен вид на јавен превоз е регулиран со посебни одредби од овој закон кој пропишува определени услови што треба да ги исполнуваат лицата што се занимаваат со овој вид превоз. Притоа со Законот се пропишани само некои од условите за вршење на авто-такси превозот (условите кои се однесуваат на добивањето на лиценца за авто-такси превоз), додека пак за останатите услови (од наведениот член 54), Законот упатува на нивно регулирање од страна на општината односно градот Скопје.

Од наведените уставни одредби кои се однесуваат на локалната самоуправа кои понатаму се операционализирани во посочените одредби од Законот за локална самоуправа и Законот за превоз во патниот сообраќај, неспорно произлегува овластувањето на општината за уредување и организирање на јавниот локален превоз на патници, во кој спаѓа и авто-такси превозот кој претежно се одвива на подрачјето на општината односно на подрачјето на градот Скопје.

Законското овластување со акт на советот на општината односно Советот на градот Скопје да се утврдат условите во врска со: локацијата и капацитетите на такси станиците, обележувањето и опремувањето на такси станиците, тарифата и начинот на користење на такси станиците и бојата на такси возилата, според мислењето на Судот, значи натамошно допрецизирање на условите под кои авто-такси превозниците кои имаат добиено лиценца ќе го вршат превозот на патници и со нив се создаваат неопходните претпоставки за уредување на односите во областа на авто-такси превозот на патници, за што не само што нема забрана, туку напротив, претставува законска обврска на единицата на локалната самоуправа односно градот Скопје.

Во таа смисла и определувањето на условите во врска со бојата на возилата со кои ќе се врши авто такси превоз на патници со акт на советот на општината, односно градот Скопје, не претставува ограничувачки фактор за вршење на дејноста – авто-такси превоз, од причина што бојата на возилата не е услов за добивање на лиценца што е неопходна за вршење на овој вид на јавен превоз. Бојата на такси возилата не претставува ниту техничко-експлоатационен услов што треба да го исполнуваат моторните возила за вршење на авто-такси превоз на патници. Оттука и определувањето на условите во врска со бојата на такси-возилата од страна на советот на општината односно градот Скопје, според оцената на Судот не ја нарушува уставно загарантираната слобода на пазарот и претприемништвото од причина што со тоа не се ограничува правото на авто-такси превозниците да ја вршат својата дејност – авто такси превоз.

Според мислењето на Судот, исто така, со законското овластување на општината, односно градот Скопје со акт да ги определат условите во врска со бојата на авто-такси возилата не се нарушува еднаквата правна положба на субјектите на пазарот, како што смета подносителот на иницијативата, туку напротив се создаваат еднакви услови за вршење на авто такси превоз на сите легални такси превозници. Поблиското определување на условите во врска со бојата на такси возилата според оцената на Судот е оправдано и заради подобра организација и воспоставување на ред во сообраќајот, што е пред се во интерес на корисниците на авто-такси превозот.

Поради наведените причини Судот оцени дека оспорената одредба на член 54 алинеја 3 од Законот, не би можела да се стави под сомнение во однос на член 8 став 1 алинеја 7 и член 55 од Уставот.

Во врска со наводите во Иницијативата дека со оспорената одредба се повредувало правото на сопственост, во смисла на интелектуална сопственост, Судот оцени дека нема основа оспорената одредба да се проблематизира од аспект на член 8 став 1 алинеја 6 и член 30 од Уставот на Република Македонија, од причина што со овластувањето на општината за определување на условите во врска со бојата на такси возилата не се задира во правото на авто-такси компанијата да го користи логото на својата фирма, заштитено како трговска марка согласно закон.

Во врска со наводите во кои се укажува на неусогласеност на оспорената одредба од Законот за превоз во патниот сообраќај со Законот за индустриска сопственост, Судот утврди дека согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, не е надлежен да ја оценува меѓусебната согласност на законите.

Во поглед на барањето за донесување на решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорениот член 54 алинеја 3 од Законот за превоз во патниот сообраќај, имајќи предвид дека според наоѓањето на Судот оспорената одредба не е во несогласност со Уставот на Република Македонија, се утврди дека не се исполенти условите за донесување на вакво решение согласно член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У. бр. 1/2006
08.03.2006 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова