170/2005-0-0

170/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 8 февруари 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за содржина на образецот за издавање на наод, оцена и мислење за утврдување на потребата за помош и нега од друго лице, потребната медицинска и друга документација, начинот на остварување, критериумите за утврдување на висината и висината на износот на правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице (“Службен весник на Република Македонија” бр. 88/2004).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 31 став 6 во делот: “начинот на остварување на правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице, како и поблиску ги утврдува критериумите за утврдување на висината и висината на износот на ова право” од Законот за социјалната заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр. 50/ 1997, 16/2000, 17/2003 и 65/2004).

3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на дел од членот 31 став 6 од Законот за социјалната заштита, означен во точката 2 од ова решение.

Воедно, со иницијативата се оспорува и уставноста и законитоста на Правилникот означен во точката 1 од ова решение и тоа по однос на:
– називот на Правилникот во делот: “начинот на остварување, критериумите за утврдување на висината и висината на износот на правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице”;
– член 1 во делот: “начинот на остварување на правото на паричен надоме- сток за помош и нега од друго лице, како и поблиску се утврдуваат критериумите за утврдување на висината и висината на износот на ова право.” ;
– член 2 во делот: “и овој правилник”;
– член 8 и член 9.

По однос на оспорената законска одредба, подносителот на иницијативата наведува дека начинот на остварување на правото на паричен надоместок за помош и нега на друго лице, како и критериумите за утврдување на висината и висината на износот на ова право можеле да се пропишуваат само со закон, но не и со правилник на министерот. Ваквото законско овластување немало уставна основа и отстапувало од владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Врз основа на изнесеното, подносителот на иницијативата смета дека со оспорениот дел на законската одредба се повредувале член 8 став 1 алинеа 3 и 4, член 34, член 35, член 51 и 96 од Уставот на Република Македонија.

По однос на делот на називот на Правилникот, делот на членовите 1 и 2 и членовите 8 и 9, подносителот на иницијативата наведува дека врз основа на изнесените аргументи за оспорениот дел од законската одредба автоматски произлегувало дека Правилникот во оспорените делови не бил во согласност со наведените уставни одредби и со членот 31 од Законот за социјалната заштита. Воедно постоела и несогласност со член 55 став 1, член 56 став 1 и член 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, бидејќи со актите што ги донесувал министер не можело за граѓаните и правните лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.

4. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 31 став 6 од Законот за социјална заштита, (“Службен весник на Република Македонија” бр.50/1997, 16/2000, 17/2003 и 65/2004), било предвидено дека: “министерот ја пропишува содржината на обрасците за издавање на наодот, оцената и мислењето за утврдување на потребата за помош и нега од друго лице, потребната медицинска и друга документација која се приложува кон барањето за остварување на ова право, начинот на остварување на правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице, како и поблиску ги утврдува критериумите за утврдување на висината и висината на износот на ова право”.

Законската одредба се оспорува во делот: “начинот на остварување на правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице, како и поблиску ги утврдува критериумите за утврдување на висината и висината на износот на ова право.”

Судот на седницата, исто така утврди дека оспорениот правилник носи назив: Правилник за содржина на образецот за издавање на наод, оцена и мислење за утврдување на потребата за помош и нега од друго лице, потребната медицинска и друга документација, начинот на остварување, критериумите за утврдување на висината и висината на износот на правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице. Називот се оспорува во делот: “начинот на остварување, критериумите за утврдување на висината и висината на износот на правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице”.

Правилникот е донесен врз основа на член 31 став 6 од Законот за социјална заштита.
Според член 1 од Правилникот, со овој правилник се пропишува содржината на образецот за издавање на наодот, оценката и мислењето за утврдување на потребата за помош и нега од друго лице, потребната медицинска и друга документација која се приложува кон барањето за остварување на ова право, начинот на остварување на правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице, како и поблиску се утврдуваат критериумите за утврдување на висината и висината на износот на ова право. Одредбата се оспорува во делот: “начинот на остварување на правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице, како и поблиску се утврдуваат критериумите за утврдување на висината и висината на износот на ова право”.

Според член 2 од Правилникот, врз основа на утврдената фактичка состојба од страна на надлежната комисија за издавање наод, оцена и мислење за потребата од помош и нега од друго лице (во натамошниот текст: комисијата), правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице се остварува согласно Законот за социјална заштита и овој правилник. Одредбата се оспорува во делот: “и овој правилник”.

Според член 8 од Правилникот висината на износот на правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице изнесува 26% од просечната месечно нето плата по работник во Република Македонија остварена во последните 3 месеци, за лицата со следните болести:

– неподвижно лице – потполно,
– потполно слепо лице (со 99% намален вид),
– лице со целебрална или детска парализа и параплегија,
– лице заболено со дистрофија или сродни мускуларни или невромускуларни заболувања, во краен стадиум на болеста,
– лица со тешки и најтешки пречки во интелектуалниот развој над 26 годишна возраст и лица со ментална дитериорација кај хронични психози (шизофренија, манијачна депресивна психоза, параноја),
– лице со целосна одземеност на една страна од телото или одземеност на сите 4 ектстремитети и
– лица со малигно заболување во терминалниот стадиум со метастази на внатрешните органи.

Според член 9 од Правилникот, висината на износот на правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице изнесува 23% од просечната месечно нето плата по работник во Република Македонија, остварена во последните 3 месеци, за лицата со следните болести:
– лица со тешко нарушен вид (97%),
– во прв стадиум на болеста на лице заболено од дистрофија или сродни мускуларни или невромускуларни заболувања,
– лице со делумна одземеност на една страна од телото (како последица на крварење на мозокот) и
– стари лица над 70 годишна возраст со тра уматски повреди, оперирани поставени со плочки, шипки поради пролонгирано санирање на истите поради возраста, заради што се неподвижни.

5. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Судот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Во конкретниот случај иницијативата е поднесена на 13 септември 2005 година, меѓутоа подносителот на иницијативата немал предвид дека законската одредба што ја оспорува содржински и нумерички е изменета нешто повеќе од еден месец пред поднесувањето на иницијативата.

Имено, оспорената законска одредба во повеќе наврати претрпела измену- вања и дополнувања. Последен пат одредбата е изменета со членот 13 од Законот за изменување и дополнување на Законот за социјалната заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.62/2005), кој влезе во сила на 5 август 2005 година и има сосема друга содржина и нумерација од онаа што ја оспорува подносителот на иницијативата.

Поконкретно, според член 31 став 5 од Законот, што сега е во сила, министерот со акт го пропишува начинот на остварување на правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице, потребната документација која се приложува кон барањето за остварување на ова право, поблиску ги определува условите за остварување на ова право, составот и начинот на работа на стручната комисија од ставот 1 на овој член, начинот на водење евиденција за издадени наоди и содржината на образецот за давање на наод, оцена и мислење за утврдување на потребата за помош и нега на друго лице.

Со оглед на тоа што Уставниот суд, според член 110 алинеја 1 од Уставот е надлежен да ја оценува уставноста на законите што се во правна важност, но не и да ја оценува уставноста на зако-ните што престанале да важат, Судот, согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот одлучи како во точката 2 од ова Решение.

6. Според член 110 алинеа 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на другите прописи и колективни договори со Уставот и законите.

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Во членот 91 алинеја 5 од Уставот на Република Македонија е утврдено дека Владата на Република Македонија донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Согласно член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000 и 44/2002), министерот, меѓу другото, донесува правилници за извршување на законите кога за тоа е овластен со закон. Според член 56 став 1 од овој закон, со правилник се утврдуваат и разработуваат одделни одредби на законите и други прописи заради нивно извршување, а според член 61 став 1 од овој закон, со актите што ги донесува министерот не може за граѓаните и правни те лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.

Во членот 31 став 6 од Законот за социјалната заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр. 50/1997, 16/2000, 17/2003 и 65/2004), беше предвидено дека: “министерот ја пропишува содржината на обрасците за издавање на наодот, оцената и мислењето за утврдување на потребата за помош и нега од друго лице, потребната медицинска и друга документација која се приложува кон барањето за остварување на ова право, начинот на остварување на правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице, како и поблиску ги утврдува критериумите за утврдување на висината и висината на износот на ова право”.

Постапувајќи во рамките на овластувањата кои произле-гувале од цитираната законска одредба министерот за труд и социјална политика го донел оспорениот правилник.

Во Законот за изменување и дополнување на Законот за социјалната заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр. 62/2005) одредба со ваква нумерација и содржина нема или поконкретно членот 31 од Законот повеќе нема став 6, ниту има содржина каква што се прикажува од подносителот на иницијативата.

Од изнесеното произлегува дека оспорените одредби од Правилникот се засноваат врз одредба од Законот која престанала да важи, односно која повеќе не е дел од правниот поредок на државата. Оттаму, во правниот поредок егзистира Правилник, кој претставува разработка на непостоечка законска одредба.

Поради ваквата состоја, не само оспорените делови од Правилникот, туку и Правилникот во целина може да се доведе под сомнение по однос на неговата согласност со владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, бидејќи во правниот поредок можат да егзистираат подзаконски акти кои имаат основ во важечка законска одредба, што овде не е случај.

Од наведените причини може да се постави прашање за согласност на оспорениот Правилник со останатите одредби од Уставот на кои се повикува подно- сителот на иницијативата.

Со оглед на тоа што министерот може да донесува правилници за извршување на законите само кога за тоа е овластен со закон со цел утврдување и разработување на одделни одредби на законите и други прописи заради нивно извршување, а имајќи ја предвид изнесената фактичка и правна состојба, според оцена на Судот оспорениот Правилник повеќе не може да има функција на акт што треба да служи за извршување и доразработка на законска одредба.

Оттаму, по однос на Правилникот Судот изрази сомнение и по однос на неговата согласност со членот 31 став 5 од интегралниот текст на Законот и со членовите 55 став 1 и 56 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.

7. Од натамошна анализа на одредбите од последната измена и дополнување на Законот, Судот утврди дополнителен аргумент по однос на доведување под сомнение на делови од Правилникот, како и Правилникот во целина по однос на неговата согласност со Уставот и Законот за социјалната заштита.

Имено, министерот за труд и социјална политика според важечкиот член 31 став 5 од Законот, повеќе нема овластување поблиску да ги утврдува критериумите за утврдување на висината и висината на износот на правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице, што го доведува под сомнение Правилникот и по однос на неговата согласност со наведената законска одредба.

Според сега важечката регулатива утврдувањето на износот на овој вид надоместок и критериумите од кои зависи неговата висина се определени во членот 12 од Законот за изменување и дополнување на Законот за социјалната заштита (” Службен весник на Република Македонија” бр.62/2005) или поконкретно во член 30-а, член 30-б и член 30-в од интегралниот текст на Законот.

При состојба кога со последната измена и дополнување на Законот не е оставено овластување на министерот со подзаконски акт понатаму да ја разработи материјата за критериумите за утврдување на висината и висината на износот на правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице и во Законот не е содржана одредба која би го уредила натамошното важење на до тогаш донесените подзаконски акти, вклучуваќи го и оспорениот Правилник, Судот оцени дека истиот и поради оваа причина повеќе не може да егзистира во правниот поредок.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите:д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 170/2005
8 февруари 2006 год.
С к о п ј е
л.а/м.л

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply