148/2005-0-0

148/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 8 февруари 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 125 став 2 во делот

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на деловите од членовите од Законот за високото образование, означени во точката 1 од ова Решение.

Имено, подносителот на иницијативата, по цитирање на делот од членот 125 став 2 од Законот, наведува дека условите и постапката за одземање на издадената диплома можеле да се утврдуваат само со закон, но не и со правилник на универзитетот. Оттаму, со оспорениот дел од одредбата се повредувале член 8 став 1 алинеја 3, член 46, член 51, член 68 став 1 и 2 и член 91 алинеја 5 од Уставот на Република Македонија.

По цитирање на делот од членот 173 став 2 од Законот, подносителот на иницијативата наведува дека оспорениот дел бил неодржлив од истите причини и образложенија содржани во Одлуката на Судот У.бр.181/2002 од 26 февруари 2003 година со која биле укинати членовите 165, 168 и 178 од истиот закон, како несогласни со член 8 став 1 алинеја 3, член 46 и член 58 став 2 од Уставот.

Имено, според подносителот на иницијативата, обемот, содржината и досегот на автономијата на универзитетот значеле исклучување на државните органи во активностите и делувањето на универзитетот.

Врз основа на изнесеното, подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на деловите од двете законски одредби.

3. Судот на седницата утврди дека според воведната реченица на член 125 став 2 од Законот за високото образование, условите и постапката за одземање на издадената диплома се утврдуваат со правилник на универзитетот. Условите поблиску се утврдуваат со статутот на факултетот, односно на високата стручна школа.

Оваа одредба се оспорува во делот: “Условите и постапката за одземање на издадената диплома се утврдуваат со правилник на универзитетот.”, или како што ја означува подносителот на иницијативата прва реченица на ставот 2 од член 125 од Законот.

Според член 173 став 1 од Законот, во одлуката за признавање на квалифи- кацијата е содржано дека странската квалификација ги исполнува општите и посебните барања поставени за пристап во високото образование или вработување во Република Македонија.

Според став 2 од истиот член, предлогот на одлуката за признавање на квалификацијата ја потпишува претседателот на стручната комисија. Одлуката ја потпишува министерот надлежен за работите на високото образование.

Оваа одредба се оспорува во делот: “Одлуката ја потпишува министерот надлежен за работите на високото образование.”, или како што ја означува подносителот на иницијативата втора реченица на ставот 2 од членот 173 од Законот.

4. Според член 46 од Уставот на Република Македонија, на универзитетот му се гарантира автономија (став 1). Условите за основање, вршење и престанок на дејноста на универзитетот се уредуваат со закон (став 2).

Според член 1 од Законот за високото образование, со овој закон се уреду- ваат условите и постапката за основање, финансирање и престанок на високообразов- ните установи и се утврдуваат основите за организација, развој и вршење на високо- образовната дејност.

Според член 2 точка 2 од Законот, “автономија на универзитет” значи академска слобода, академско управување и неприкосновеност на автономијата, а според точка 36 од истиот член “универзитет” значи највисока автономна високообра- зовна, научна, односно уметничка установа која ја сочинуваат висоообразовни установи основани според овој закон.

Според член 6 од Законот, високото образование е достапно на државјаните на Република Македонија; странските државјани, под услови на реципроцитет, како и на лицата без државјанство по услови утврдени со закон и со ратификувани меѓународни акти.

Според член 11 алинеја 2 и 4 од Законот, академската слобода, меѓу другото опфаќа: слобода на утврдувањето на правила на студирање, утврдување услови и критериуми за додипломски и последипломски студии, студии за стекнување на научен степен доктор на науки (во натамошниот текст: докторски студии), односно за стекнува- њето на докторат на науки, како и други видови на образование.

Според член 12 алинеја 2 и 11 од Законот, автономијата на управувањето со високообразовната установа, меѓу другото се остварува со воспоставување и уредува- ње на внатрешната организација и одлучувањето за други права утврдени со статутот на високообразовната институција.

Според член 74 став 1 и 6 од Законот, наставно-научниот, односно настав- ничкиот совет како орган на управување и стручен орган на факултетот, односно висо- ката школа може за одделни студиски програми, или за други потреби да формира стручни тела утврдени со статутот. Во членот 75 од Законот е определена надлежноста на овие органи, со оставена можност според алинејата 19 да вршат и други работи утврдени со овој закон и статут.

Во членот 100 од Законот се определени условите за запишување на студенти на додипломски студии, а во став 4 е определено дека условите и критети- умите за запишување на додипломски студии на државната високообразовна установа се утврдуваат со правилник на универзитетот.

Во член 114 од Законот се определни условите за запишување на магистар- ски и специјалистички студии, а во став 4 од истиот член е определено дека запишу- вањето на последипломски студии се врши врз основа на конкурс, под условите и во постапка утврдени со одлуката за организирање на последипломски студии.

Во член 119 од Законот се определени условите за запишување на студентите на докторски студии.

Според член 125 став 1 од Законот, на студент кој завршил додипломски и последипломски студии, или се здобил со научен степен доктор на науки може да му се одземе издадената диплома, ако се утврди дека не исполнувал услови за добивање на статус на студент на соодветна високообразовна установа, дека се здобил со соодветно звање спротивно на условите за стекнување на научно, односно стручно звање утврдени со статутот на високообразовната установа, или дека сторил кривично дело поврзано со стекнување на дипломата.

Според оспорениот дел од член 125 став 2 од Законот, условите и постап- ката за одземање на издадената диплома се утврдуваат со правилник на универзитетот.

5. Тргнувајќи од содржината на член 46 став 2 од Уставот произлегува дека условите, вршењето и престанокот на дејноста на универзитетот се уредуваат со закон, што значи дека автономијата на универзитетот не е апсолутна кат егорија што се исцрпува само со наведената уставна одредба. Материјата по однос на тоа што претста- вува автономија на универзитетот и кои се елементите на автономијата на универзи- тетот, Уставот препушта да биде предмет на уредување со закон.

За Универзитетот да ја врши својата дејност неминовно е на него да се образуваат додипломци, последипломци или студенти на докторски студии под општи услови утврдени во член 6, член 100, член 114 и член 119 од Законот, како и под посебни услови утврдени со актите на вискоообразовните институции, според спецификата на високобразовниот процес. Впрочем, членот 11 алинеја 4 од Законот под академска слобода подразбира, меѓу другото, утврдување услови и критериуми за додипломски и последипломски студии, студии за стекнување на научен степен доктор на науки, односно за стекнување на звање доктор на науки, како и други видови на образование.

Оттаму, Судот оцени дека целината на Законот во доволна мера ги определува условите под кои наведените категории студенти можат да стекнат право на образование на соодветните високообразовни установи.

Членот 125 став 1 од Законот, кој претходи на оспорениот дел од ставот 2 на истата одредба ги уредува случаите кога доаѓа до одземање на дипломата и тоа: кога ќе се утврди дека не биле исполнети услови за добивање на статус на студент на соодветна високообразовна установа, дека истиот се здобил со соодветно звање спротивно на условите за стекнување на научно, односно стручно звање утврдени со статутот на високообразовната установа или дека сторил кривично дело поврзано со стекнување на дипломата.

Според тоа, по оцена на Судот членот 125 став 1 од Законот во претежен дел, по својот карактер е воопштена одреба што ги опфаќа случаите на неисполнување на претходно, со истиот закон, предвидените услови за стекнување на право на образо- вание на високообразовна институција.

Оттука, не може да се прифатат како основани наводите на подносителот на иницијативата дека делот од членот 125 став 2 од Законот не е во согласност со членот 46 од Уставот, затоа што оставал можност условите за одземање на издадената диплома да бидат уредени со правилник на универзитетот, оттаму што од анализата на целината на одредбите од Законот и посебно членот 125 став 1, произлегува дека условите се утврдени со самиот закон. Тоа што во оспорениот дел од одредбата се дава овластување на универзитетот со правилник да ги уреди условите за одземање на издадена диплома е само во функција на разработка, операционализација или извршу- вање на наведените законските одредби.

Тргнувајќи од содржината на член 46 став 2 од Уставот, произлегува дека со з акон се уредуваат условите за основање, вршење и престанок на дејноста на универзитетот. Постапката за одземање на диплома не е услов за вршење на дејноста на универзитетот, од каде произлегува дека не е неминовно истата да биде уредена со закон, туку постапката може да се уреди и со подзаконски акт.

Од друга страна, од анализата на членовите 74 и 75 од Законот може да се утврди органот што ја спроведува постапката за одземање на диплома. Имено, наставно – научниот, односно наставничкиот совет формира стручни тела утврдени со статутот кои вршат работи утврдени со овој закон и статутот на универзитетот.

Според Судот, тоа преставува доволна законска рамка за идентификација на органот што ја спроведува постапката за одземање диплома, од што произлегува дека и по однос на законското решение постапката за одземање на издадената диплома да се утврди со правилник на универзитетот, содржано во оспорениот дел од членот 125 став 2 од Законот, не би можело да се изрази основано сомнение по однос на согласноста со членот 46 од Уставот.

Впрочем, ако се има предвид дека дипломата ја издава високообразовната установа, уставно и правно е оправдано истата да биде одземена од страна на високо- образовната установа, кога ќе се утврди дека се исполнети условите за тоа.

Конечно, бидејќи подносителот на иницијативата не наведува конкретни причини за несогласност на членот 125 став 2 од Законот по однос на член 8 став 1 алинеја 3 и 4, член 51, член 68 став 1 алинеја 2 и член 91 алинеја 5 од Уставот, Судот оцени дека не се исполнети претпоставките од член 15 од Деловникот на Уставниот суд за оценка на уставноста по однос на овие одредби.

6. Поаѓајќи од суштината на универзитетската установа како носител на правото и обврската за професионално, стручно и компетентно вршење на висообра- зовната дејност, произлегува дека оваа установа е единствено надлежна да ја потврдува во соодветна законска постапка вредноста, квалитетот и спроведливоста на високо- образовната квалификација со домашната и да врши признавање на така стекнатата квалификација.

Притоа, според член 2 точка 24 од Законот “признавање” значи формално признавање од страна на компетентно тело на вредноста на странска образовна квалификација во поглед на пристапот кон образовните активности или вработување.

Во Глава дванаесетта со наслов: “Признавање на високообразовни студии” ; што ги опфаќа членовите 165 до 180 од Законот се уредени условите за признавање на високобразовните студии стекнати во странство, надлежните органи и постапката за признавање.

Во член 168 став 1 од Законот, меѓу другото е предвидено дека Информа- тивниот центар ја утврдува валидноста на оригиналните документи, во смисла на нивна легализација, проверување на автентичноста, припадноста на институцијата на високо- образовниот систем на земјата во која е добиена високообразовната квалификација и друго, односно исполнувањето на формално-правните услови за да се пристапи кон признавање на еднаквоста на најблиска до наставно-научната област за признавање на странска високообразовна квалификација.

Во член 172 став 1 алинеја 3 од Законот е предвидено дека, покрај другите потребни документи Стручната комисија која ја врши процената може да побара и други дополнителни документи потребни за процена, односно за признавање на квалифика- цијата.

Според воведната реченица на член 173 став 2, која претходи на оспорениот дел од одредбата, предлогот на одлуката за признавање на квалификацијата ја потпишува претседателот на стручната комисија.

Во оспорениот дел од член 173 став 2 од Законот е предвидено дека одлуката за признавање на квалификацијата ја потпишува министерот надлежен за работите на високото образование.

Тргнувајќи од содржината на цитираните одредби, произлегува дека постап- ката за признавање на високообразовна квалификација е комплексна постапка во која најнапред постапува Информативниот центар, преку проверка на исполнувањето на формално-правните услови, потоа Стручната комисија врши процена дали има услови за признавање на квалификацијата, по што следува потпишување на предлог одлуката, а конечната одлука за признавање на квалификацијата ја потпишува министерот надлежен за работите на високото образование.

Судот оцени дека министерот надлежен за работите на високото образова- ние со законското овластување да ја потпише конечната одлука за признавање на квалификацијата не ја доведува во прашање автономијата на универзитетот, гаранирана во членот 46 од Уставот, од причина што истиот само го верификува она што во претходната постапка го утврдиле компетентни тела (Информативниот центар и Стручната комисија) по однос на вредноста на странска образовна квалификација.

Ова уште повеќе ако се има предвид дека признатата странска квалифи- кација може да биде издадена не само со цел пристап кон натамошно образова ние, туку и за пристап кон вработување. Исто така, треба да се има предвид дека автономијата на универзитетот не е апсолутна уставна категорија, истата се уредува со закон и во таа смисла Законот за високото образование во Глава тринаесетта со наслов “На дзор во работата на висообразовната установа” во член 181, 181а, 182 и 183 уредил на кој начин и во кои случаи министерот надлежен за работите во високото образование го врши надзорот над работата на високообразовните установи.

Конечно, повикувањето на подносителот на иницијативата на Одлуката на Судот У.бр.181/2002 од 26 февруари 2003 година, со која меѓу другото беше укинат член 168 од Законот е несоодветно за конкретниот случај. Имено, по повод оваа Одлука донесени се измени и дополнувања на Законот и според сегашното законско решение содржано во новиот член 168 од Законот, со наслов “надлежност” се уредува надлежноста на сите органи кои постапуваат во врска со признавањето на странската квалификација, а министерот надлежен за работите за високото образование, според ставот 6, ако утврди дека се исполнети условите утврдени со закон, ја потпишува конечната одлука за признавање.

Ова е сосема идентично решение со она што е содржано во оспорениот дел од одредбата, кој пак спаѓа во делот со наслов “постапка за признавање”.

Оттаму, Судот оцени дека не може да се постави прашање за согласноста на оспорениот дел од член 173 став 2 од Законот по однос на неговата согласност со член 46 од Уставот.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 148/2005
8 февруари 2006 год.
С к о п ј е
л.а/м.л

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply