105/2005-0-0

105/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 1 февруари 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 28 во делот “при што трошоците за нивно остварување паѓаат на товар на општината на чие подрачје е гасен пожарот” од Законот за пожарникарството (“Службен весник на Република Македонија” бр.67/2004).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста на делот од одредбата од Законот означена во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата делот на оспорената одредба “при што трошоците за нивно остварување паѓаат на товар на општината на чие подрачје е гасен пожарот” не бил во согласност со Уставот на Република Македонија, затоа што прашањата што се однесуваат на пожарникарството воопшто биле класични државни функции во надлежност на Републиката, а не на единиците на локалната самоуправа, па според тоа и одговорноста за надомест на штета настаната кај доброволниот пожарникар кој за време на гаснењето на пожарот ќе го изгуби животот, не можело да биде на товар на единиците на локалната самоуправа во која е гасен пожарот, туку на товар на државата. Во иницијативата се наведува и тоа дека мора да се има предвид и материјалната можност на општината да ја надомести оваа штета, а со тоа некои оштетени граѓани ќе биле обештетни а другите не, поради тоа што општината едноставно немала финансиски средства.

Со оспорената одредба од Законот се повредувал членот 8 став 1 алинеи 3, 4 и 9, членовите 9, 51, 61, 88, 91 алинеја 1 и членот 115 од Уставот на Република Македонија.

Врз основа на изнесеното се предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот дел од законската одредба.

3. Судот на седницата утврди дека според член 28 став 1 од Законот за пожарникарството, доброволен пожарникар кој за време на гаснењето на пожар ќе се повреди или разболе, а таа повреда или болест настапи непосредно или како исклучива последица од гаснење на пожарот, е осигуран согласно со прописите за здравствено, пензиско и инвалидско осигурување, како и за повреда на работниците за време на работа.

Според ставот 2 од овој член времето и местото на настанувањето на повредата го потврдува раководителот на интервенцијата на пожарот при чие гаснење се повредил пожарникарот, а повредата се пријавува на надлежниот орган.

Согласно ставот 3 од овој член ако пожарникарот од ставот 1 на овој член, за време на гаснењето на пожарот го загуби животот, членовите на неговото семејство имаат право на надомест на трошоците за погреб и други права од пензиското осигурување, при што трошоците за нивно остварување паѓаат на товар на општината на чие подрачје е гасен пожарот.

4. Според член 8 став 1 алинеја 4 и 9 од Уставот, поде-лбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и локалната самоуправа, се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, а според член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 61 став 1 од Уставот, Собранието на Република Македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавна власт на Републиката, според член 88 од Уставот, Владата на Република Македонија е носител на извршната власт и своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и закон, а според член 91 алинеја 1 од Уставот, Владата ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување.

Според Амандман ЏВИИ точка 1 на Уставот со кој е заменет ставот 1 на член 115 од Уставот, во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон. Според член 115 став 2 од Уставот, општината е самостојна во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и закон, а надзорот врз законитоста на нејзината работа го врши Републиката. Според ставот 3 од овој член на Уставот, Републиката со закон може да довери вршење на определени работи на општината.

Со Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002) меѓу другото се утврдуваат надлежностите на општината, кои како збир на работи од јавен интерес од локално значење кои општината, во согласност со закон има право да ги врши на своето подрачје и е одговорна за нивното вршење.

Во листата на надлежности утврдена со член 22 од овој закон, во точката 11 е предвидено и тоа дека во нејзината надлежност спаѓа и противпожарната заштита што ја вршат територијалните противпожарни единици.

Со Законот за пожарникарството се уредува форми-рањето, организирањето и дејствувањето на противпожарните единици, доброволните противпожарни здруженија, гаснењето на пожарите, како и условите за производство, ставање во употреба и одржување на уредите, опремата и средствата за гаснење на пожари.

Според членот 2 од овој закон, пожарникарството е работа чие трајно и непречено извршување го обезбедува Република Македонија и општините и градот Скопје, односно општините во градот Скопје во согласност со закон. Пожарникарството е работа од стручен и хуманитарен карактер од јавен интерес.

Членот 3 од овој Закон утврдува дека пожарникарството е дел од единствениот систем за заштита и спасување во Републиката.

Од анализата на овие уставни и законски одредби произлегува дека општините како единици на локалната самоуправа се надлежни и за вршењето на пожарникарството.

Во функција на поуспешно и поефикасно организирање и дејствување на пожарникарството се формираат противпожарни единици.
Така согласно членот 5 став 1 од Законот, заради гаснење на пожари, спасување на животот на граѓаните и заштита на имотот загрозени од пожари и експлозии, укажување на техничка помош при незгоди и опасни ситуации, како и извршување на други работи при несреќи и непогоди, се формираат противпожарни единици.

Според ставот 2 од овој член од Законот противпожарните единици од ставот 1 на овој член, можат да вршат и определени непрофитабилни услуги заради подобрување на нивната техничка опременост и услови за работа, кои не смеат да го оневозможуваат или попречуваат извршувањето на функциите од ставот 1 на овој член.

Согласно ставот 3 од овој член територијални противпожарни единици формираат Градот Скопје и општините: Битола, Велес, Гевгелија, Гостивар, Кочани, Куманово, Охрид, Прилеп, Струмица, Тетово, Штип, Ресен, Кавадарци, Валандово, Дебар, Берово, Виница, Делчево, Крива Паланка, Кратово, Струга, Кичево, Крушево, Македонски Брод, Радовиш, Свети Николе, Пробиштип, Демир Хисар и Неготино.

Според ставот 4 од истиот член територијални противпожарни единици можат да формираат и општините чие седиште е оддалечено повеќе од 20 километри од општините од ставот 3 на овој член.

Во ставот 5 од овој член од Законот е утврдено дека, заради оперативно делување при гаснењето на големи пожари на целата територија на Република Македонија, територијалните противпожарни единици на Градот Скопје и општините: Битола, Куманово, Тетово, Прилеп, Велес, Кавадарци, Гевгелија, Струмица, Кичево, Охрид, Кочани, Штип и Гостивар, ќе дејствуваат и како противпожарни единици на Република Македонија.

Во членот 6 од Законот се утврдени критериумите за формирање на територијални противпожарни единици од кои суштинско значење имаат: бројот на жителите во општиините, меѓусебната оддалеченост на општините – општински центри, односно
нивната оддалеченост на најблиската територија на противпожарна единица, степенот на загрозеност од пожари и така натаму.

Според членот 28 став 1 од Законот, доброволен пожарникар кој за време на гаснењето на пожар ќе се повреди или разболе, а таа повреда или болест настапи непосредно или како исклучива последица од гаснење на пожарот, е осигуран согласно со прописите за здравствено, пензиско и инвалидско осигурување, како и за повреди на работниците за време на работа.

Во ставот 2 од овој член е утврдено дека времето и местото на настанувањето на повредата го потврдува раководителот на интервенцијата на пожарот при чие гаснење се повредил пожарникарот, а повредата се пријавува на надлежниот орган.

Според оспорениот став 3 од овој член од Законот, ако пожарникарот од ставот 1 на овој член, за време на гаснењето на пожарот го загуби животот, членовите на неговото семејство имаат право на надомест на трошоците за погреб и други права од пензиското осигурување, при што трошоците за ниивно остварување паѓаат на товар на општината на чие подрачје е гасен пожарот.

5. Тргнувајќи од содржината на цитираните законски одредби произлегува дека прашањата што се однесуваат на пожарникарството не се класични државни функции како што се наведува во иницијативата, туку, со процесот на децентрализација на власта тие преминале во надлежност на единиците на локалната самоуправа, кои пожарникарските работи ги вршат согласно членот 22 став 1 точка 11 од Законот за локалната самоуправа.

По однос на наводите во иницијативата дека општините немаат материјални можности за надомест на трошоците за остварување на правата на членовите на семејството на пожарникар кој за време на гаснење на пожарот го загубил животот, Судот утврди дека во одредбите од Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа се уредува и финансирањето на единиците на локалната самоуправа.

Имено, согласно членот 3 од Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.61/2004 и 96/2004), извори на финансирање на општината се: сопствени извори на приходи, дотации на средства од Буџетот на Република Македонија и од буџетите и фондовите и задолжувањето.

Во рамките на наведениот закон, поточно во Глава ВИИИ се предвидени одредбите кои се однесуваат на финансиската нестабилност на општината, како и конкретни мерки и активности што се преземаат за надминување на финансиската нестабилност на општината.

Имајќи го предвид фактот дека успехот и ефикасноста на противпожарните единици во голема мера зависи од начинот на нивното финансирање, во Глава ВИ (членовите 49, 50, 51 и 52) од Законот за пожарникарството се определени повеќе извори на средства за финансирање на противпожарните единици и организацијата на гаснењето на пожарите.

Така, согласно членот 49 од Законот, средствата за финансирање на противпожарните единици и организацијата на гаснењето на пожарите се обезбедуваат од:

– Буџетот на Република Македонија;
– Буџетот на општината и Буџетот на градот Скопје;
– 12% од наплатените премии за осигурување на моторните возила (каско) и осигурување од одговорност од употреба на моторните возила;
– средствата од наплатени парични казни за сторени прекршоци од областа на заштитата од пожари и експлозии;
– доброволни прилози и други средства од осигурителните друштва, фондации, правни и физички лица, наменети за унапредување на заштитата од пожари и
– приходи од сопствени извори за извршени услуги согласно со членот 5 став 2 на овој закон.

Овие средства (освен средствата од ставот 1 алинеја 3 на членот 49 од Законот) согласно ставот 3 и 4 на овој член од Законот се приход на буџетот на општината.

Оттука, имајќи го предвид изнесеното Судот утврди дека оспорениот дел од членот 28 на Законот за пожарникарство, во делот “при што трошоците за нивно остварување паѓаат во товар на општината на чие подрачје е гасен пожарот” не може да се доведе во релација со финансиските можности на општината, од причини што законодавецот воспоставил систем на финансирање на единиците на локалната самоуправа.

Тргнувајќи од изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот дел од членот 28 од Законот за пожарникарството со Уставот на Република Македонија.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.105/2005
1 февруари 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply