175/2005-0-0

175/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 1 февруари 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на членовите 2, 3 и 4 од Упатството за распределба на средствата од Буџетот на Република Македонија за годишно финансирање на политичките партии, донесен од министерот за финансии (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/2005).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на членовите 2, 3 и 4 од Упатството означено во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорените членови од Упатството не биле во согласност со члено-вите 8 став 1 алинеи 3 и 4, 51 и 96 од Уставот, член 10 став 1, 2 и 4 од Законот за финансирање на политичките партии како и членовите 56 став 3 и 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, затоа што министерот за финансии со пропишу-вањето на обврски за политичките партии, Генералниот секретар на Собранието на Република Македонија и Државната изборна комисија ги пречекорил своите уставни и законски овластувања како и затоа што распоредувањето на средствата за финансирање на политичките партии од Буџетот на Република Македонија не се вршело на секои три месеци, туку согласно динамиката утврдена од страна на Министерството за финансии.

3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 10 став 4 од Законот за финансирање на политичките партии (“Службен весник на Република Македонија” бр.76/2004) министерот за финансии донел Упатство за распределба на средствата од Буџетот на Република Македонија за годишно финансирање на политичките партии, со кое според член 1 се уредува распределбата на средствата на финансирање на поли-тичките партии од Буџетот на Република Македонија.

Во оспорениот член 2 од Упатството е предвидено дека “политичките партии писмено го известуваат Министерството за финансии дека ги исполнуваат условите за финансирање со средства од Буџетот на Република Македонија”.

Покрај известувањето од став 1 на овој член, податоци до Министерството за финансии доставуваат и генералниот секретар на Собранието на Република Македонија за избраните пратеници од секоја политичка партија и Државната изборна комисија за освоените гласови за секоја политичка партија на последните избори за пратеници во Собранието на Република Македонија.

Министерството за финансии поединечниот износ на средства ги уплаќа на сметките на политичките партии пријавени во писменото известување.

Според оспорениот член 3 од Упатството “средствата за финансирање на политичките партии од Буџетот на Република Македонија се распоредуваат на политички партии во текот на годината, согласно динамиката утврдена од страна на Министер-ството за финансии”.

Во оспорениот член 4 од Упатството е предвидено дека “исплатата согласно ова Упатство може да започне кога сите политички партии кои ги исполнуваат критериумите за остварување на правото за финансирање, соодветно уредено со Законот за финансирање на политичките партии, за истото писмено ќе го известат Министерството за финансии”.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законо-давна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни пред Владата.

Според член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на дражвната управа (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000 и 44/2002) министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законски и други прописи кога за тоа е овластен со закон.

Според член 56 став 3 од наведениот закон со упатство се пропишува начинот на постапување во извршувањето на одделни одредби на законските и други прописи.

Со Законот за финансирање на политичките партии се уредува начинот и постапката на обезбедување на финансиските средства, располагање со средствата за тековната работа и дејствување на политичките партии, како и начинот на контрола на финансирањето и финансиско материјалното работење на политичките партии.

Политичките партии се финансираат од јавни и приватни извори на финансирање.

Јавните извори за финансирање на политичките партии се финансиски средства предвидени во Буџетот на Република Македо-нија и буџетите на единиците на локалната самоуправа. Вкупните средства за годишно финансирање на политичките партии се во висина од 0,06% од вкупните изворни приходи на Буџетот на Република Македонија.

Според член 10 од наведениот закон средствата за финансирање на политичките партии во износ од 30% што се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија се распоредуваат подеднакво на парламентарни и вонпарламентарни политички партии кои освоиле најмалку 1% од гласовите на излезените граѓани на последните избори за пратеници во Собранието на Република Македонија на ниво на целата Република, односно на последните локални избори во единицата на локалната самоуправа.

Средствата за финансирање на политичките партии во износ од 70% што се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија се распоредуваат на политичките партии чии кандидати се избрани за пратеници во Собранието на Република Македонија сразмерно на бројот на нивните пратеници, односно на политичките партии чии кандидати се избрани за градоначалници и советници во општините на Република Македонија, сразмерно на бројот на нивните советници.

Средствата од ставовите 1 и 2 на овој член се распоредуваат на политичките партии секои три месеци.

Министерот за финансии ќе донесе Упатство за распределба на средствата предвидено во ставовите 1 и 2 на овој член во рок од шест месеци од денот на влегување во сила на овој закон.

Од наведените уставни и законски одредби произлегува дека министерот за финансии кој раководи со Министерството за финансии како орган на државната управа е овластен да донесува акти за извршување на законите, што впрочем во конкретниов случај е направено со Упатството за распределба на средствата од Буџетот на Република Македонија за годишно финансирање на политичките партии, поради што Судот оцени дека не се основани наводите во иницијативата дека со оспорените одредби од Упатство-то се доведува во прашање начелото на поделба на власта на законодавна, извршна и судска.

Ова оттаму што имајќи ја предвид содржината на оспорените одредби од Упатството произлегува дека тие по својот карактер се од оперативна природа и се во функција на извршување на Законот на финансирање на политичките партии и со нив не се предвидуваат обврски за наведените субјекти, туку се бараат одредени податоци со кои тие располагаат.

При заземањето на ваквото становиште, Судот ги имаше предвид одделните законски одредби во кои е утврдена надлежноста на Државната изборна комисија во процесот на изборите како и одредбите од Деловникот на Собранието на Република Македонија, а кои се однесуваат на надлежноста на генералниот секретар на Собранието на Република Македонија.

Имено, согласно Законот за избирачкиот список, Законот за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија како и Законот за локалните избори, Државната изборна комисија, покрај другото, го потврдува избирачкиот список, одлучува по барања за запишување, дополнување и бришење од избирачкиот список, ги објавува вкупните резултати од спроведените избори за советници и градоначалници во единиците на локалната самоуправа, ги утврдува резултатите од изборите, ги објавува вкупните резултати од спроведените избори за пратеници во Собранието и издава уверение на избраните пратеници, а согласно Деловникот на Собранието на Република Македонија за издавањето на легитимација на избраниот пратеник и за евиденцијата на издадената легитимација се грижи генералниот секретар на Собранието.

Оттука, Судот констатира дека со оспорената одредба од член 2 од Упатството во суштина се овозможува врз основа на веродостојни податоци добиени од политичките партии, Државната изборна комисија и генералниот секретар на Собранието на Република Македонија, да се утврди правото на финансирање на политичките партии и висината на средствата што согласно Законот за финансирање на политичките партии и припаѓаат на партијата која ги исполнува законските услови.

Од друга страна, пак, имајќи го предвид фактот дека со Законот за финансирање на политичките партии е утврдена вкупната маса на средства во Буџетот на Република Македонија од кои ќе бидат финансирани политичките партии, како и фактот што 30% од таа маса на средствата се распоредуваат подеднакво на парламен-тарните и вонпарламентарни политички партии кои освоиле најмалку 1% од гласовите на излезените граѓани, а 70% од таа маса се распоредуваат на политичките партии чии кандидати се избрани за пратеници сразмерно на бројот на нивните пратеници, односно на политичките партии чии кандидати се избрани за градоначалници и советници во единиците на локалната самоуправа, Судот утврди дека одредбата од член 4 од Упатството според која распределбата на средствата може да се врши откако сите политички партии ќе ги добијат потребните податоци е сосема логична и во суштина е во насока на реализација на Законот за финансирање на политичките партии, поради што оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со уставните и законски одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.

Воедно, Судот оцени дека со оспорената одредба од член 3 од Упатството според која распределбата на средствата ќе се врши согласно динамиката утврдена од Министерството за финансии не се доведува во прашање законската одредба според која политичките партии се финансираат на секои три месеци, имајќи предвид дека буџетските приходи и нивната распредлба зависи од приливот на средствата кои го сочинуваат Буџетот на Република Македонија, а од кои средства се финансираат политичките партии.

Финансирањето на политичките партии согласно динами-ката утврдена од страна на Министерството за финансии не значи дека политичките партии нема да бидат финансирани на секои три месеци, туку во рамките на тие три месеци се уредува динанмиката која не го доведува во прашање рокот на финансирање на политич-ките партии.

5. Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.175/2005
1 февруари 2006 година
С к о п ј е
сгј

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply