Решение У.бр.124/2005

У.бр.124/2005

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 1 февруари 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за утврдување на висината на комуналната такса за користење на просторот за паркирање на моторни возила бр.07-1055/2 од 29 јули 2005 година, донесена од Советот на општина Охрид (“Службен гласник на општина Охрид” бр. 7 од 3 август 2005 година).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за организирање на режимот на сообраќај во Централното Градско Подрачје број 07-690/3 од 16 јуни 2005 година, донесена од Советот на општина Охрид (“Службен гласник на општина Охрид” бр.5 од 28 јуни 2005 година).

3. Слободан Димитров од Битола на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуките означени во точките 1 и 2 од ова решение, со тоа што во иницијативата ја индификува, односно точно ја определува само одлуката означена во точката 2, а не и во точката 1 од ова решение.

Имено, подносителот во иницијативата најпрво наведува дека Одлуката за организирање на режимот на сообраќај во централното градско подрачје била во спротивност со член 62 од Законот за локалната самоуправа, затоа што не содржела одредби за висината на наплатата за паркирање на возилата на времените паркинг простори и улиците определени во членот 4 на Одлуката.

Во иницијативата, исто така, се наведува дека оваа одлука била во спротивност и со членот 12 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, затоа што со Деталниот урбанистички план на Охрид не се предвидувало надолжно паркирање на улиците како што тоа било определено во членот 3 од одлуката, ниту пак просторите, односно улиците определени во член 4 од одлуката се предвидувале да бидат времени паркинг простори.

Со оглед на тоа што според наводите во иницијативата со оваа одлука се воведувала јавна давачка во вид на надоместок за паркирање, со неа се повредувал и член 33, како и член 114 став 4 од Уставот, според кој општините се финансираат од сопствени извори на приходи определени само со закон, а не со подзаконски пропис какви што биле оспорените одлуки.

Понатаму, подносителот во иницијативата наведува дека и покрај направените обиди, на него не му е познато дали за висината на наплатата за паркирање на возилата на која се упатува во член 4 од оспорената одлука означена во точката 2 на ова решение, постои посебна одлука и од кого е донесена. Затоа предлага Уставниот суд по службена должност да ја прибави таквата одлука од Јавното претпријатие “Охридски комуналец” од Охрид, претпоставувајќи дека е донесена од ова претпријатие, а потоа од истите причини поради кои се оспорува одлуката означена во точката 2 од ова решение, Судот да ја оцени уставноста и законитоста и на таа одлука, доколку е донесена.

Оттука, а со оглед на тоа што во претходната постапка врз основа на одговорот и документацијата доставени од Советот на општина Охрид, е утврдено дека освен одлуката означена во точката 2 од ова решение, Советот на општината Охрид ја донел и Одлуката за утврдување на висината на комуналната такса за користење на просторот за паркирање на моторни возила, Судот како друга оспорена одлука ја прифати одлуката означена во точката 1 од ова решение, поради што и се впушти во оценување на нејзината согласност со Уставот од аспект на причините наведени во иницијативата.

На крајот, а со цел спроведувањето на оспорените одлуки да не доведе до тешко отстранливи последици на штета на граѓаните, во иницијативата се предлага Судот, до донесување на конечната одлука, согласно член 27 од Деловникот, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија донесени, односно преземени врз основа на одлуките кои се оспоруваат.

4. Судот на седницата утврди дека оспорената одлука за утврдување на висината на комуналната такса за користење на просторот за паркирање на моторни возила, Советот на општина Охрид ја донел врз основа на член 4 од Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.61/2004), член 2 од Законот за комунални такси (“Службен весник на Република Македонија” бр.61/2004) и член 42 од Статутот на општината.

Во член 1 од оваа одлука е определено дека со неа се утврдува висината на комуналната такса за користење на просторот за паркирање на моторни возила.

Според членот 2 на истата одлука, висината на комуналната такса за паркирање на патничко возило на јавни паркиралишта изнесува 30,00 денари дневно или 20,00 денари по час. Според член 3 висината на комуналната такса за паркирање на товарни моторни возила и автобуси изнесува 100,00 денари дневно, а според членот 4 таксата за паркирање на приколки изнесува 50,00 денари дневно.

Во членот 5 на оваа одлука е утврдено дека обврзник на комуналната такса е физичко и правно лице кое користи јавен простор за паркирање на моторни возила, а во членот 6, кој е и последен се уредува нејзиното влегување во сила.

Судот на седницата во однос на одлуката означена во точката 2 од ова решение утврди дека според членот 1, со оваа одлука се регулира режимот на сообраќај во централното градско подрачје во летниот период од 1 јули 2005 до 31 август 2005 година.

Во член 2 од оваа одлука точно се определува кои се еднонасочни улици во градот Охрид и децидно се утврдува дека оваа измена е за летниот режим, а после 1 септември 2005 година важи стариот режим на сообраќај. Во член 3 се утврдува дека сообраќајот на дел од улицата “Партизанска” ќе се одвива во две ленти наменети за движење во една насока, додека десната страна од улицата ќе се користи за надолжно паркирање.

Во член 4 од оваа одлука, кој што посебно се нагласува во иницијативата и е причина за оспорување на целата одлука, се определуваат конкретни простори, односно делови од улици што ќе се користат како времени паркинг простори и се утврдува дека на нив паркирањето ќе се врши со наплата.

Во членот 5 од Одлуката се утврдува дека на дел од Плоштадот “Св. Климент Охридски” и одделни улици за цело време додека трае предложениот режим на сообраќај се исклучува моторниот сообраќај, а за снабдување на објектите од овој простор се утврдува посебен начин и се дозволува движење само на специјални возила (комунални, на МВР, на АРМ, санитетски и др.).

Во членовите 6 до 12 од оваа одлука се уредуваат прашања кои, исто така, се во врска со режимот на сообраќајот на останатите улици и делови од градот, а последните членови 13 и 14 содржат завршни одредби, меѓу кои и одредбата за влегување во сила на оваа одлука.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Во член 33 од Уставот е утврдено дека секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавни расходи на начин утврден со закон.

Во член 114 став 1 од Уставот, на граѓаните им се гарантира правото на локална самоуправа. Според ставот 4 на овој член од Уставот, општините се финансираат од сопствени извори на приходи определени со закон и со средства од Републиката.

Во член 4 од Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.61/2004) комуналните такси, како локални такси утврдени со закон се утврдени како сопствени извори на приходи за финансирање на општините.

Од друга страна, комуналните такси се утврдени и се плаќаат според Законот за комуналните такси (“Службен весник на Република Македонија” бр.61/2004) во чиј член 3 став 1 точка 8 е утврдено дека комунална такса, меѓу другото, се плаќа и за користење на простор за паркирање на патнички моторни возила, товарни моторни возила и нивните приколки и автобуси, што за таа цел ќе ги определи општината.

Според член 2 од Законот, комуналните такси кои се утврдени во овој закон се плаќаат според Тарифата за комунални такси што е составен дел на овој закон, а висината на комуналните такси, во рамките утврдени во Тарифата, со одлука ја утврдува советот на општината, советот на општините на град Скопје и Советот на градот Скопје.

Тарифата за комуналните такси всушност го сочинува членот 20 од Законот и во секој нејзин тарифен број се утврдени рамките во кои може да се утврди висината на сите комунални такси утврдени со овој закон. Конкретно, рамките во кои може да се утврди висината на комуналната такса за користење на просторот за паркирање на моторни возила се утврдени во тарифниот број 8.

Од наведените законски одредби произлегува дека комуналната такса за користење на просторот за паркирање на моторните возила, како јавна давачка е утврдена со Законот за комуналните такси и дека оваа комунална такса според Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа претставува сопствен извор на приходи на општините.

Оттука, а имајќи предвид дека со оспорената одлука означена во точката 1 од ова решение се утврдува само висината на комуналната такса за користење на просторот за паркирање на моторни возила и тоа во рамките на овластувањата утврдени со Законот за комуналните такси, Судот утврди дека наводите во иницијативата според кои и со оваа одлука се утврдувала јавна давачка и тоа како сопствен извор на приходи на општината Охрид, се неосновани и поради тоа не го постави прашањето за нејзината согласност со членовите 33 и 114 став 4 од Уставот, ниту со означените законски одредби.

6. Согласно Амандман ЏВИИ на Уставот, со кој е заменет став 1 на член 115 од Уставот, во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите утврдени во овој Амандман, меѓу кои се и комуналните дејности, од која област се и прашањата што се уредуваат во оспорената одлука означена во точката 2 од ова решение. Потврда за тоа е членот 22 став 1 точка 4 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002) во која е утврдено дека од областа на комуналните дејности општините се надлежни, меѓу другото, и за регулирање на режимот на сообраќајот.

Надлежноста на општините за регулирање на режимот на сообраќајот произлегува и од членот 61 на Законот за јавни патишта (“Службен весник на Република Македонија” бр.26/1996, 40/1999, 96/2000, 29/2002 и 68/2004), во кој е утврдено дека јавното претпријатие за патишта, односно општината или градот Скопје со сообраќајни знаци и на друг погоден начин ќе ги означат условите и ќе утврдат ражим на сообраќајот на јавниот пат или улица во сите случаи кога постојат околности кои можат да го загрозат безбедното одвивање на сообраќајот.

Имајќи ги предвид наведените уставни и законски одредби како и тоа дека со оспорената одлука означена во точката 2 од ова решение се регулира режимот на сообраќај во централното градско подрачје на град Охрид, според Судот неспорно е дека Советот на општина Охрид оваа одлука ја донел во рамките и согласно надлежностите на општините утврдени во Уставот и со закон.

Меѓутоа, од содржината на членот 1, според кој со оваа одлука се регулира режимот на сообраќај само во летниот период и тоа од 1 јули 2005 до 31 август 2005 година, произлегува дека таа е од темпорален карактер и со истекот на времето за кое се однесува, оваа одлука престанала да важи и повеќе не е дел од правниот систем.

Со оглед на наведеното, Судот утврди дека во конкретниот случај постојат процесноправни пречки за одлучување по барањето за оценување на уставноста и законитоста на оваа одлука и согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот одлучи иницијативата во тој дел да ја отфрли. Судот вака одлучи и поради фактот што оваа одлука главно се оспорува од причини што таа не содржела одредби кои според подносителот на иницијативата треба да ги содржи, а Уставниот суд согласно член 110 од Уставот, за тоа не е надележен да одлучува па според член 28 алинеја 1 од Деловникот иницијативата и во овој случај се отфрла.

7. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 124/2005
1 февруари 2006 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply