206/2005-0-0

206/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 25 јануари 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Програмата за подготовка за враќање на воениот персонал на служба во Армијата на Република Македонија во цивилен живот, донесена од министерот за одбрана под бр.17/1-5271/1 од 21 октомври 2005 година.

2. Самостојниот синдикат на вработените во одбраната, преку претседателот Ристо Ајтов на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Програмата озна- чена во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата со оспорената програма не се утврдуваат и разработуваат ниту одделни прашања за извршување на законите и што е најлошо, во случајот, со оспорената Програма спротивно на член 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа за граѓаните офицерите и подофицерите во АРМ се утврдувале права и обврски за нивно противуставно и против- законито отпуштање од Армијата на Република Македонија, односно од Минис- терството за одбрана. Со оспорената Програма се утврдувале права и обврски на Министерството за образование и наука, Министерството за внатрешни работи, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за финансии, Агенцијата за вработување, држав- ните универзитети во Република Македонија, трговските друштва итн.

Согласно член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат само со закон и со колективни договори. Меѓутоа, со оглед на тоа што во конкретниот случај со оспорената програма се уредувале прашања за правата на вработените кои исклучиво се уредувале со закон и колективен договор, подносителот на иницијативата смета дека таа не била во согласност со напред наведената уставна одредба.

Оспорената програма била донесена без посебен законски основ и била надвор од овластувањата што ги имал неговиот донесувач и била заснована на Стратегијата за управување со човечки ресурси во Министерството за одбрана, а навод- но тоа било во согласност со проекцијата утврдена во Стратегискиот одбранбен преглед. Меѓутоа, од оспорената програма неможело да се утврди дали е донесена Стратегијата за управување со човечки ресурси во Министерството за одбрана и Стратегискиот одбранбен преглед кој орган и кога ги донел и дали тие акти воопшто се објавени во “Службен весник на Република Македонија”. Притоа, смета дека со оглед на тоа што и овие прописи биле подзаконски прописи не можело само врз основа на нив да биде донесена оспорената програма.

Во иницијативата, исто така, се наведува дека оспорената програма не била објавена во “Службен весник на Република Македонија” со што се повредувала и уставната одредба на член 52 став 1 и 2 од Уставот, според која законите и другите про- писи се објавуваат пред да влезат во сила. Законите и другите прописи се објавуваат во “Службен весник на Република Македонија” најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување.

Според тоа, со донесувањето на оспорената програма грубо се повредувале темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија-владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска од член 8 став 1 алинеја 3 и 4, како и членовите 9, 32 став 1 и 5, 51, 52 став 1 и 2, 54 став 1, 68 став 1 алинеја 2, 91 алинеја 1 и 5 и 96 од Уставот на Република Македонија, членовите 1, 5, 49 став 1, 55 став 1, 56 став 4 и 61 став 1 од Законот за организациија и работа на органите на државната управа, Законот за одбрана (член 20), Законот за служба во Армијата на Република Македонија (член 225) и членовите 1, 23 и 24-а од Законот за Воената академија.

Врз основа на изнесеното, се предлага Уставниот суд на Република Маке- донија да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на програмата за подготовка за враќање на воениот персонал на служба во Армијата на Република Македонија во цивилен живот.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената програма содржи “Вовед” и 13 точки: 1. воен персонал на служба во АРМ кој се квалификува за преобука; 2. цели; 3. целна група; 4. начин на остварување на целите; 5. дефинирање на процесот на враќање во цивилен живот; 6. учесници и партнери во процесот за враќање на воените старешини во цивилен живот; 7. внатрешна и надворешна комуникација; 8. очекувани резултати; 9. временска рамка; 10.буџет; 11.имплементација; 12.мониторинг; 13.евалуација на проце- сот и прилог.

4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Имајќи ја во вид содржината на оспорената програма, Судот утврди дека таа не претставува пропис, туку е акт што Министерството за одбрана го донело и кој произлегува од Стратегијата за управување со човечки ресурси во Министерството за одбрана, а во согласност со проекцијата утврдена во Стратегискиот одбранбен преглед.

Оспорената програма, исто така, има за цел да го реши статусот на воениот персонал кој претставува вишок во смисла на програмата за трансформација на Мини- стерството за одбрана и Армијата на Република Македонија за редукција на персоналот.

Со оглед на тоа што оспорената програма не претставува пропис во смисла на членот 110 од Уставот на Република Македонија, туку оперативен, интерен акт на министерството, Судот утврди дека не е надлежен да одлучува за нејзината согласност со Уставот, Законот за организација и работа на органите на државната управа, Законот за одбрана, Законот за служба во Армијата на Република Македонија и Законот за Воена академија, во однос на кои се оспорува нејзината уставност и законитост, поради што се исполнети условите од членот 28 алиенеја 1 од Деловникот, за отфрлање на иниција- тивата.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.206/2005
25 јануари 2006 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply