185/2005-0-0

185/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 28 декември 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за изменување на Правилникот за систематизација на работите и задачите на Дирекцијата за заштита и спасување, донесен од директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (Дов. бр.01-38/1) на 15 јули 2005 година.

2. Тодор Грков од Велес на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот правилник не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот, како и со членовите 3, 18 точка 3, 22, 94 и 109 од Законот за заштита и спасување, затоа што со немање на раководители на подрачните организациони единици се доведувало во прашање организирањето и дејствувањето на единствениот систем за заштита на спасување, односно единствениот систем на раководење и командување со силите за заштита и спасување.

Според член 18 точка 3 од Законот за заштита и спасување во остварувањето на заштитата директорот го организира и подготвува системот за заштита и спасување. Меѓутоа, со оспорениот правилник тоа е оневозможено поради непостоење на раководители на подрачни организациони единици кои по функција се и команданти на регионалните штабови за заштита и спасување.

Понатаму, подносителот на иницијативата наведува дека согласно Законот за заштита и спасување при Дирекцијата се организираат и подрачни организациони единици за заштита и спасување кои го опфаќаат регионот за подрачјето за кое се формирани регионалните сили за заштита и спасување во чии рамки се формирааат и во својот состав имаат регионални штабови кои раководат со активности на регионалните сили, а командант на регионалниот штаб е раководителот на подрачната организациона единица.

3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 55 став 2 од Законот за организација и работа на државната управа и член 20 од Законот за заштита и спасување (“Службен весник на Република Македонија” бр.36/2004 и 49/2004) директорот на Дирекцијата за заштита и спасување на 8 април 2004 година донел Правилник за систематизација на работите и задачите на Дирекцијата за заштита и спасување со кој се уредува систематизацијата на работите и задачите, бројот на извршители, опис на работните места и посебните услови за извршување на работните задачи во Дирекцијата за заштита и спасување.

За извршување на работите и задачите во Дирекцијата се утврдени 268 извршители.

Според член 5 од Правилникот со работата на Дирекцијата раководи директорот, а со секторите и одделенијата раководат раководители на секторите, односно раководителите на одделенијата.

Во членот 6 од Правилникот е утврдена организационата структура на Дирекцијата при што се предвидени одделенија и сектори и се утврдени работните места во секој сектор односно одделение вклучувајќи ги и работните места.

Во членот 7 од Правилникот за систематизација на работите и задачите на Дирекцијата е даден опис на секое работно место предвидено во член 6 и утврдени се посебните услови за извршување на работните задачи.

Со оспорениот Правилник за изменување на Правилникот за систематизација на работите и задачите на Дирекцијата односно со членовите 1 и 2 на овој Правилник се менуваат членовите 6 и 7 од основниот Правилник за систематизација на работите и задачите на Дирекцијата.

Имено со членот 1 и 2 од наведениот Правилник е предвидено дека во членот 6 и 7 во точките 2-3 Одделение за оперативна стручна подршка на директорот (кабинетот) точките 2-3-3 Советник за внатрешна контрола се менува и гласи “Советот за контрола на финансиското и материјалната докуметнација и внатрешната контрола. Исто така во членовите 6 и 7 точки 2-4 Регионално одделение за заштита и спасување се менува и е предвидено “Одделение за подршка и заштита и спасување во единиците на локалната самоуправа”.

Понатаму во правилникот е извршена измена во смисла на тоа што наместо раководители на регионалните и подрачните одделенија предвидени се советници за организација и координација на заштитата и спасувањето во 35 единици на локалната самоуправа.

4. Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд е надлежен да одлучува за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и законите.

Според член28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Поаѓајќи од правните елементи што го определуваат прописот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и да утврдува права и обврски на неопределен број на субјекти во правото, Судот утврди дека оспорениот акт нема карактер на пропис во смисла на изнесената уставна одредба поради што тој не е подобен за уставносудска оцена.

Имено, од содржината на оспорниот акт произлегува дека истиот не е пропис, во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, туку е интерен акт на Дирекцијата за заштита и спасување со кој се утврдува внатрешната систематизација на потребниот број и вид на работни места.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.185/2005
28 декември 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply