195/2005-0-0

195/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 21 и 22 декември 2005 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 67 став 3 и став 4 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните (“Службен весник на Република Македонија” бр.81/2005).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија со Решение У. бр. 195/2005 од 9 ноември 2005 година по сопствена иницијатива поведе постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законото означен во точката 1 од оваа одлука.

Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Законот со Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека со членот 67 став 1 и 2 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, е предвидено дека предлогот за покренување на граѓанска иницијатива на државно ниво се доставува до претседателот на Собранието и кога тој ќе утврди дека иницијативата е во согласност со членот 66 од овој закон, во рок од три дена за тоа ќе го извести овластениот предлагач.

Според ставот 3 од овој член од Законот, претседателот на Собранието по добивањето на предлогот за покренување на граѓанска иницијатива може да побара од Уставниот суд на Република Македонија, во рок од 15 дена, да се изјасни дали граѓанската иницијатива е во согласност со Уставот и со закон.

Според ставот 4 од овој член од Законот, ако претседателот на Собранието добие писмено известување од Уставниот суд на Република Македонија во рок од 15 дена, за тоа ќе го извести овластениот предлагач на граѓанската иницијатива.

5. Уставот на Република Македонија според својата концепција поаѓа од институционализација на власта, што значи функциите на власта ги вршат со Уставот предвидените органи на власт. Нивната организација се темели на уставното начело на поделба на власта, врз основа на кое Собранието на Република Македонија е законодавен и претставнички орган на граѓаните кој го афирмира парламентаризмот, претседателот на Република Македо-нија ја претставува Републиката, Владата на Република Македонија е носител на извршната власт, а Уставот воспоставува и самостојно и независно судство со Врховниот суд на Република Македонија како највисок суд.

Уставот на Република Македонија во членот 108, утврдил дека Уставниот суд на Република Македонија е орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста.

Надлежностите на овие институции се утврдени со Уставот на Република Македонија и произлегуваат од него.

Според членот 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија:

– одлучува за согласноста на законите со Уставот;
– одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите;
– ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуват на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност;
– решава за судирот на надлежностите меѓу носителите на законодавната, извршната и судската власт;
– решава за судирот на надлежностите меѓу органите на Републиката и единиците на локалната самоуправа;
– одлучува за одговорноста на претседателот на Републиката;
– одлучува за уставноста на програмите и статутите на политичките партии и на здруженијата на граѓаните и
– одлучува и за други прашања утврдени со Уставот.

Според членот 112 од Уставот, Уставниот суд ќе укине или поништи закон ако утврди дека не е во согласност со Уставот, и ќе укине или поништи друг пропис или општ акт, колективен договор, статут или програма на политичка партија или здружение, ако утврди дека тие не се во согласност со Уставот или со закон.

Одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни.

Според членот 113 од Уставот, начинот на работа и постапката пред Уставниот суд се уредуваат со акт на Судот.

Врз основа на изнесените одредби од Уставот произлегува дека надлежностите на Уставниот суд на Република Македонија се детално определени со самиот Устав, и неговата структура и функции се дирекно разработени со Уставот.

Имено, со Уставот се препушта само начинот на работата и постапката пред Уставниот суд да се уредуваат со акт на Судот. Со Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) по тој основ се врши уредување на овие прашања.

Судот утврди дека Собранието на Република Македонија како уставотворен дом го донел Уставот во кој јасно и прецизно се конципирани надлежностите на Уставниот суд. Со тоа е создадена уставна гаранција за ослободување од секој облик на мешање и уредување на уставносудските надлежности од страна на носителите на власта. Тоа значи со Уставот утврдените надлежности на Уставниот суд на Република Македонија можат да се менуваат само со Уставот.

Имајќи ги предвид изнесениве уставни определби Судот утврди дека не може да се прифати како уставно основано пропишувањето на видовите на обврски, дејствија и надлежности на Уставниот суд на Република Македонија со закони или други прописи кои се донесуваат од органите во Републиката. Оттука, Судот утврди дека оспорените одредби од членот 67 став 3 и став 4 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, не се во согласност со Уставот. Ова поради тоа што со наведените законски одредби законодавецот презел овластување без постоење на уставен основ за тоа поаѓајќи од Уставот на Рапублика Македонија и утврдуил нови обврски и надлежности на овој Суд со што законодавецот регулирал уставна материја која не може да биде предмет на уредување надвор од самиот Устав.

Од овие причини Судот утврди дека оспорените одредби од Законот не се во согласност со Уставот на Република Македонија, особено со членот 8 став 1 алинеја 3 кој се однесува на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, потоа со членот 51 според кој во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите, со членот 108 според кој Уставниот суд е орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста и со членот 110 во кој се определени надлежностите на Уставниот суд на Република Македонија, а не се содржани оние кои со оспорените законски одредби се пропишани.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.195/2005
21 и 22 декември 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply