135/2005-0-0

135/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 71 и 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 21 и 22 декември 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за правата на прогонуваните и затвораните лица за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност и на членовите на нивните семејства (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/2005) во целина и посебно членовите 1-а, 1-б, 1-в, 2 и 5 од истиот Закон.

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот кој се однесува на оценување на уставноста на називот на Законот во делот: “и на членовите на нивните семејства” и членот 1 во делот: “и на членовите на нивните семејства”.

3. Републичкиот одбор на Сојузот на борците од Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија 1941 – 1945, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од законот означен во точката 1 и 2 од ова решение.

Според наводите во иницијативата деловите од називот на Законот и членот 1 од истиот закон, кои гласат: “и членовите на нивните семејства”, не биле во согласност со членот 36 став 1 од Уставот на Република Македонија, бидејќи тој дел од Уставот гласи: “и на членовите на нивните семејства кои немаат можности за материјална и социјалана егзистенција”.

Според подносителот на иницијативата, исто така, содржината на членот 1-а од Законот била нејасна, недоволно дефинирана и определива од причина што со истата се опфаќале лица кои не можеле да се третираат како прогонувани и затворани лица за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност, кое било во спротивност и ги надминувало рамките и ингеренциите на членот 36 од Уставот.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека во периодот од 1945 до 1991 година против државјанин на Република Македонија не била преземана мерка на прогонство од територијата на Република Македонија. Потврда на наведеново, според подносителот на иницијативата, се наоѓала во член 200 и член 249 од Уставот на СФРЈ од 1974 година, а согласно член 200 став 2 од овој Устав, државјанинот на СФРЈ-СРМ не можел да биде лишен од државјанството, отстранет од земјата, ниту екстрадиран. Членот 210 став 4 од Уставот на СРМ од 1974 година, била забранета и присилна работа.

Интернирани лица во Македонија и од Македонија, според подносителот на иницијативата, во периодот од 1945 – 1991 година не постоеле, од причина што овој термин (принуден престој или интернирање) се употребувал во военото право и се применувал на следните категории лица: на државјаните на една завојувана страна кои се наоѓаат на територија на непријателска држава; на воените заробеници; на единиците на завојуваните страни во случај на премин преку територија на неутрална држава и на воените бродови и нивната посада од страна на неутрална сила.

Подносителот смета дека прогонувани и затворани лица за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност во периодот од 1945 – 1991 година не постоеле, бидејќи уште со одлуките на АСНОМ, самобитноста на македонскиот народ и неговата државност биле остварени.

Одредбите на оспорениот Закон, според наводите во иницијативата, терминолошки не биле усогласени со Уставот, бидејќи во уставниот поредок на Република Македонија немало протерувани лица државјани на Република Македонија (член 4 став 2 од Уставот), не постоеле лица осудени на смртна казна (член 10 став 2 од Уставот), ниту пак имало лица испраќани на поправителна или присилна работа (член 11 став 3 од Уставот).

Подносителот смета дека со оспорениот Закон постоела можност како прогонувано или затворано лице за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност да биде прогласено и лице кое пројавувало активности со кои се негирала самобитноста на македонскиот народ и неговата државност и затоа било осудувано, а со што се повредувал членот 36 од Уставот. Сето ова ја чинело оспорената одредба спротивна и на Преамбулата на Уставот на Република Македонија.

Во иницијативата, исто така, се наведува дека особено биле спорни и неодржливи од уставно-правен аспект деловите на член 1-б став 1 и 3 од Законот кои гласеле: “или на друг начин без спроведување на судска постапка било упатувано на издржување и издржувало казна затвор”; “или на друг начин без спроведување на судска постапка било испратено на поправителна или принудна работа при што било присилено да работи на одредени работи и под одреден режим, поради пројавените идеи и активности за создавање на независна, обединета и демократска држава Македонија”. Од причина што за овие дејствија не постоеле релевантни и валидни докази, според подносителот, овие одредби не можеле да бидат спроведени. Ниту оспорениот член 1-б став 2 од Законот не бил спроведлив, од причина што кривичните дела за кои зборува овој став од членот 1-б никогаш не постоеле.

Оспорениот член 1-в од Законот, според наводите во иницијативата, исто така, не е одржлив од уставно – правен аспект, затоа што секое лишување од живот или слобода не може да се третира како прогонувано и затворано лице за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност (член 10 и член 12 став 2 од Уставот; член 35 од Законот за внатрешни работи и член 2 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи).

Со овластувањето содржано во членот 2 од Законот министерот за финансии со посебен акт да ја пропише потребната документација за утврдување на својство на прогонувано лице, според подносителот на иницијативата, се излегувало надвор од уставните рамки и темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, дотолку повеќе што Законот не ги утврдил основните критериуми. Од овие причини оваа одредба не била во согласност ниту со членот 91 алинеја 1 и 5 од Уставот, како и со член 24 став 1 алинеја 15 и член 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа. Овие причини, според подносителот на иницијативата, биле од влијание и членот 5 од овој Закон да не биде во согласност со Уставот.

На крајот, подносителот на иницијативата укажува дека Судот при одлучувањето по оваа иницијатива треба да ја има во вид Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.144/2002 од 18 декември 2002 година, со која бил укинат член 2, член 4 став 2 и членовите 9 и 11 од Законот за правата на прогонуваните и затвораните лица за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност и на членовите на нивните семејства од причина што истите не биле во согласност со Уставот на Република Македонија.

Со повторното донесување на сега оспорениот Закон, според подносителот, законодавецот го повредил и членот 112 став 3 од Уставот, според кој одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни.

Согласно член 27 и член 71 алинеја 4 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, се предлага и донесување решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорениот Закон, бидејќи со неговото извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици во Република Македонија и еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите.

4. Судот на седницата утврди дека Законот за изменување и дополнување на Законот за правата на прогонуваните и затвораните лица за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност и на членовите на нивните семејства (“Службен весник на Република Македонија” бр.61/2002), во членот 1 предвидел дека во овој закон по членот 1 се додаваат три нови члена 1-а, 1-б и 1-в, кои гласат:

Во членот 1-а од овој закон се предвидува дека за прогонувано и затворано лице за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност (во натамошниот текст: прогонувано лице), во смисла на овој закон, се смета лице кое во периодот од 1945 до 1991 година, на политичка и идеолошка основа, а поради пројавените идеи и активности за создавање на независна, обединета и демократска држава Македонија било: затворано; осудено на смртна казна или на казна затвор; испратено на поправителна работа; испратено на принудна работа и интернирано.

Согласно член 1-б од овој Закон за затворано лице во смисла на членот 1-а точка 1 од овој закон се смета лице кое врз основа на правосилна судска одлука издржувало казна затвор или на друг начин без спроведување на судска постапка било упатено на издржување и издржувало казна затвор, поради пројавените идеи и активности за создавање на независна, обединета и демократска држава Македонија.

За осудувано лице на смртна казна или на казна затвор во смисла на членот 1-а точка 2 од овој закон се смета лице кое со правосилна судска пресуда е осудено на смртна казна или на казна затвор за кривични дела за пројавните идеи и активности за создавање на независна, обединета и демократска држава Македонија.

За лице кое е испратено на поправна или на принудна работа во смисла на членот 1-а точка 3 и 4 од овој закон се смета лице кое врз основа на правосилна судска одлука или на друг начин без спроведување на судска постапка било испратено на поправна или на принудна работа при што било присилено да работи на одредена работа и под одреден режим, поради пројавените идеи и активности за создавање на независна, обединета и демократска држава Македонија.

За интернирано лице во смисла на членот 1-а точка 5 од овој закон се смета лице на кое државата му одредила принудно место на престојување при што лицето било принудено да го напушти својот дом, поради пројавените идеи и активности за создавање на независна, обединета и демократска држава Македонија.

Според членот 1-в од овој Закон за прогонувано и затворано лице во смисла на овој закон се смета и лице кое е лишено од живот или од слобода без правосилна судска одлука”.

Во член 2 од истиот Закон се предвидува дека во членот 4 по ставот 1 се додава нов став 2, кој гласи:

“Документацијата потребна за утврдување на својството на прогонувано лице од членовите 1-а и 1-б од овој закон, како и за остварување на правата утврдени со овој закон со посебен акт ги пропишува министерот за финансии, во согласност со министерот за труд и социјална политика и министерот за внатрешни работи”.

Согласно членот 3 од овој Закон во членот 5 став 1 точката 2 се брише, а точките 3, 4 и 5 стануваат точки 2, 3 и 4.

Согласно член 4 во членот 10 по зборовите: “освен правата за материјално обезбедување” се става запирка, а зборовите: “и еднократен паричен надоместок” се бришат.

Согласно член 5 министерот за финансии во согласност со министерот за труд и социјална политика и министерот за внатрешни работи актот од членот 2 на овој закон ќе го донесе во рок од 60 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Според членот 6 овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

5. Според преамбулата на Уставот на Република Македонија, граѓаните на Република Македонија, Македонскиот народ, како и граѓаните кои живеат во нејзините граници кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите, преземајќи ја одговорноста за сегашноста и иднината на нивната татковина, свесни и благодарни на своите претци за жртвите и посветеноста во нивните заложби и борба за создавање самостојна и суверена држава Македонија и одговорни пред идните генерации за зачувување и развој на се што е вредно од богатото културно наследство и соживот во Македонија, еднакви во своите права и обврски кон заедничкото добро – Република Македонија во согласност со традицијата на Крушевската Република и одлуките на АСНОМ и на Референдумот од 8 септември 1991 година, одлучија да ја конституираат Република Македонија како самостојна, суверена држава со намера да се воспостави и зацврсти владеењето на правото, да се гарантираат човековите права и граѓанските слободи, да се обезбеди мир и соживот, социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот, преку своите претставници во Собранието на Република Македонија, избрани на слободни и демократски избори го донесуваат Уставот на Република Македонија.

Согласно член 4 став 2 од Уставот, на државјанин на Република Македонија не може да му биде одземено државјанството, ниту да биде протеран или предаден на друга држава.

Согласно член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Согласно член 10 од Уставот, животот на човекот е неприкосновен и во Република Македонија не може да се изрече смртна казна по ниту еден основ.

Согласно член 11 став 3 од Уставот се забранува присилна работа.

Во членот 12 став 2 од Уставот се предвидува дека никому не може да му биде ограничена слободата, освен со одлука на судот и во случаи и во постапка утврдени со закон.

Согласно член 13 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука. Лицето незаконито лишено од слобода, притворено или незаконито осудено има право на надомест на штета и други права утврдени со закон.

Според членот 36 став 1 од Уставот, Републиката им гарантира посебни социјални права на борците од Антифашистичката војна и од сите националноослободителни војни на Македонија, на воените инвалиди, на прогонуваните и затвораните за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност, како и на членовите на нивните семејства кои немаат можност за материјална и социјална егзистенција. Според ставот 2 на овој член од Уставот, посебните права се уредуваат со закон.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно член 91 алинеја 1 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршување на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување, а според алинејата 5 од истата уставна норма, донесува и уредби и други прописи за извршување на законите.

Според членот 95 став 3 од Уставот организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Според член 96 од Уставот органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Согласно член 112 став 3 од Уставот, одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни.

Понатаму, Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/1993, 3/1994, 14/1995, 71/1996, 32/1997, 24/2000, 96/2000, 5/2001, 50/2001, 85/2003, 50/2004, 4/2005 и 84/2005) во Главата В ги содржи одредбите со кои се регулираат прашањата за стекнување и остварување на правата на лицата прогонувани и затворани за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност.

Така, членот 110 од Законот предвидува дека права од пензиско и инвалидско осигурување под посебни услови има и лице прогонувано и затворано за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност.

Во членот 111 од овој Закон е предвидено дека својството на лице прогонувано и затворано за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност со решение го утврдува посебна комисија на Владата на Република Македонија, врз основа на одлука на надлежен орган. Против ова решение може да се изјави жалба до Владата на Република Македонија.

Според членот 112 од овој закон, на лицето од член 111 на овој закон времето кога е прогонувано, односно времето поминато на издржување казна затвор му се признава во пензиски стаж во ефективно траење.

Според член 113, лицето од член 111 на овој Закон и членовите на неговото семејство правата од пензиското и инвалидското осигурување ги остваруваат под истите услови како и другите осигуреници, ако со овој закон не е поинаку определено.

Според член 115, пак, од истиот закон, лицето од член 111 од овој закон, барањето за признавање во пензиски стаж на времето кога е прогонувано и времето поминато на издржување казна затвор го поднесува до Стручната служба на Фондот.

Согласно член 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000 и 44/2002) со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.

Согласно член 55 став 1 од овој закон, министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон.

Од наведените уставни и законски одредби во контекст на Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.144/2002 од 18 декември 2002 година, Судот оцени дека не може да се доведе под сомнение уставноста на одредбите од Законот за изменување и дополнување на Законот за правата на прогонуваните и затвораните лица за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност и на членовите на нивните семејства.

Имено, според Судот интенцијата на законодавецот била да се отстранат недостатоците на кои што укажал Уставниот суд во својата Одлука У.бр.144/2002 од 18 декември 2002 година, односно да се измени содржината на членот 2 од Законот, според која се утврдувал опфатот на лицата кои можат да се сметаат за прогонувани и осудувани за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност, и која според Уставниот суд била нејасна и недоволно дефинирана и определива. Според Судот, со додавањето на членот 1-б од Законот, во кој јасно е формулирано и дефинирано значењето на изразите, односно термините определени во членот 1-а во точките 1), 2), 3), 4) и 5) од оспорениот Закон, отстранета е несогласноста на оспорениот член со членот 36 од Уставот на Република Македонија. Со конкретното дефинирање на значењето на определена категорија на лица точно се определува опсегот, односно кругот на лицата кои влегуваат во таа категорија на лица, поради што Судот оцени дека се неосновани наводите во иницијативата според кои со оспорената одредба се опфаќале и лица кои немаат статус на прогонувани лица.

Од членот 4 на Законот, произлегува дека ова својство не се стекнува по автоматизам, туку по спроведена управна постапка и според посебни критериуми, што значи дека за прогонувано лице ќе се смета само она лице кое во посебна постапка пред Комисијата за утврдување својството на лице прогонувано и затворано за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност го добие овој статус.

Со оглед на фактот што министерот за финансии со посебен акт ги пропишува само документацијата потребна за утврдување на својството на прогонувано лице од членовите 1-а и 1-б, како и за остварување на правата утврдени со овој закон (член 2), Судот утврди дека не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека со оваа законска одредба овластувањето на министерот излегува од уставните рамки. Ова од причина што со посебниот акт од членот 2 од Законот за кој е овластен министерот, истиот ја пропишува документацијата потребна за утврдување на својството на прогонувано лице, а кое е веќе предвидено и утврдено во членовите 1-а и 1-б од Законот. Оттука, донесувањето на овој посебен акт од министерот е во функција на операционализација на Законот, поради што не може да се доведе под сомнение оваа законска одредба со членот 95 од Уставот на Република Македонија.

По однос на наводите во иницијативата кои се однесуваат на деловите од називот на Законот и членот 1 со кои се опфаќаат и членовите на семејствата на прогонуваните и затвораните лица во смисла дека не биле во согласност со член 36 од Уставот, затоа што ги опфаќале сите лица, а не само тие кои немале можност за материјална и социјална егзистенција, Судот во тој дел иницијативата ја отфрли.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со оглед на тоа што Судот не повел постапка за оценување на уставноста на називот на Законот во делот “и на членовите на нивните семејства” и членот 1 во делот “и на членовите на нивните семејства”, а нема основа за поинакво одлучување, Судот иницијативата во овој дел ја отфрли.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.135/2005
21 и 22 декември 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply