Решение У.бр.88/2005

У.бр.88/2005

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 7 декември 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 86 од Законот за установите (“Службен весник на Република Македонија” бр.32/2005).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од законот означена во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека со предвидувањето работите и задачите да се утврдуваат со општ акт на основачот се повредувал членот 32 став 5 од Уставот, според кој остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат само со закон и колективен договор. Во прилог на ова, била и одредбата на членот 38 од Уставот, според која само со закон можеле да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк и тоа само во вооружените сили, полицијата и органите на управата, а не и со општ акт, како што било пропишано со оспорената законска одредба.

Оттука, со оспорената законска одредба се повредувале одредбите на членовите 8 став 1 алинеја 3 и 4, 32 став 5, 38, 51 и 54 став 1 од Уставот, бидејќи се попречувало правото на штрајк и противуставно се санкционирало тоа право.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 86 од Законот за установите основачот утврдува кои раководни и стручни лица од кои зависи вршењето на јавната услуга и кои се од незаменливо значење за одвивање на дејноста на установата, со оглед на местото во водењето на работите на установата, не можат да учествуваат во штрајк и пропишува кои се нивните обврски, односно како тие мора да постапуваат во случај на штрајк во установата.

Со прописот од ставот 1 на овој член може да се утврдат работните места и начинот на извршувањето на работите и задачите на работните места од кои зависи вршењето на дејноста од јавен интерес и од кои може да се загрози сигурноста на луѓето, објектите, инсталациите и опремата и кога вработените не можат да ја запрат работата без предупредувањето дадено во рокот утврден со овој закон.

Основачот може заради спречување на запирањето на работата во установата, што може да го загрози здравјето и сигурноста на граѓаните и корисниците на јавните услуги, објектите, инсталациите и опремата, да преземе мерки на индивидуална или групна мобилизација на вработените.

Вработениот кој нема да постапи во согласност со наредбата за мобилизација се смета дека сторил потешка повреда на работната дисциплина.

4. Согласно членот 8 алинеја 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска претставуваат темелни вредности на уставниот поредок на државата.

Според членот 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Согласно членот 38 од Уставот, се гарантира правото на штрајк. Со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк во вооружените сили, полицијата и органите на управата.

Со Законот за установите се уредуваат условите и начинот на вршење на јавните услуги од јавен интерес (во натамошниот текст: јавни услуги), установите и други видови на облици и дејности во кои се вршат овие јавни услуги, условите и постапката за нивното основање и статусните белези, давањето и одземањето на дозвола за вршење на дејноста, управувањето, надзорот, статусните измени и престанок, развојот, средства за работа (финансирање), вложувањето на средства, имотот, статутот и другите акти, организационите единици и формите на соработка и здружување, сопственичката трансформација, како и други прашања од значење за вршење на јавните услуги.

Одредбите на овој закон имаат супсидиерна примена и се применуваат доколку со друг закон поинаку не е уредено.

Според членот 3 од овој Закон установа е форма на организирање заради вршење на јавна услуга како дејност која не е подведена под трговска дејност утврдена со закон (нестопанска дејност) и која може со закон да биде утврдена како дејност од јавен интерес.

Согласно членот 6 од овој Закон установа се основа заради вршење на дејност во областа на образованието, науката, културата, здравството, социјалната заштита, детската заштита, заштита на лица со интелектуална или телесна попреченост, како и во други дејности кои со закон се утврдени како јавна услуга.

Установата може да врши една или повеќе дејности на јавна услуга утврдени со закон. Дејностите може да ги врши домашно и странско правно и физичко лице со средства во приватна сопственост ако со закон е дозволено вршење на дејноста.

Дејностите од ставот 1 на овој член може да ги обавува и физичко лице кое дејноста ја врши како професионална дејност на начин и под услови утврдени со овој и друг закон.

Дејностите од ставовите 2 и 3 на овој член можат да се вршат само врз основа на дозвола за вршење на дејност.

Членовите 83, 84, 85, 86 и 87 од Законот ги регулираат прашањата во врска со остварувањето на правото на штрајк на вработените во установите.

Според овие членови, синдикатот односно штрајкувачкиот одбор треба најдоцна седум дена пред денот кога имаат намера да најават штрајк, на директорот на установата да му достават писмено предупредување во кое ќе ги изнесат причините за намерата да се организира штрајк.

Штрајкувачкиот одбор, претставниците на органот на управување и директорот се должни по предупредувањето да понудат предлог за решавање на спорот и со тој предлог да ги запознаат вработените и јавноста. Ако не се постигне согласност во рок од седум дена од денот на предупредувањето, синдикатот односно штрајкувачкиот одбор ако донесат одлука да стапат во штрајк е должен да ја достави одлуката за стапување во штрајк до директорот на установата најмалку седум дена пред отпочнувањето на штрајкот. Во одлуката се наведува местото, датата, часот и траењето на штрајкот, а кон одлуката задолжително се приложува и изјава за начинот на обезбедувањето на условите на работа на установата. Доставувањето на одлуката за стапување во штрајк не ги запира преговорите за решавање на спорот.

Штрајкувачкиот одбор и вработените кои учествуваат во штрајкот во установата, се должни штрајкот да го организираат и да го водат на начин и да преземат мерки со кои ќе обезбедат физичка сигурност на вработените и заштита на објектот и опремата, како и извршување на обврските спрема граѓаните, правните лица и државните органи и само под услов да се обезбеди: неопходно ниво на процесот на работата со кое нема да се загрози животот, здравјето и економската и социјалната сигурност на граѓаните и неопходното одвивање на животот во земјата, во обем и на начинот утврдени со закон од соодветната дејност од јавен интерес и извршување на меѓународни договори.

Штрајкувачкиот одбор е должен за време на штрајкот да соработува со директорот на установата заради обезбедување на условите утврдени со овој и друг закон.

Од содржината на одредбите од Законот кои се однесуваат на штрајк во установите, произлегува дека законот точно ги определил условите и начинот на остварувањето на правото на штрајк, како и правата, обврските и одговорностите на раководните и стручните лица за време на штрајк во установа.

Имајќи предвид дека установа во смисла на овој закон е форма на организирање заради вршење на јавна услуга и се основа заради вршење на дејност од јавен интерес во областа на образо-ва-нието, науката, културата, здравството, социјалната заштита, детската заштита, заштитата на лица со интелектуална или телесна попрече-ност, како и во други дејности кои со закон се утврдени како јавна услуга, законодавецот му дал овластување на основачот со пропис да утврди кои раководни и стручни лица (во конкретна установа) не можат да учествуваат во штрајк, доколку од нив зависи вршењето на јавната услуга и одвивањето на дејноста на установата со пропишување кои се нивните обврски, односно како тие мора да постапуваат во случај на штрајк во установата.

Оттука, според Судот ова законско овластување на основа-чот не претставува подзаконско регулирање на остварувањето на правото на штрајк туку непосредно спроведување на законските одредби во функција на обезбедување на неопходното ниво на процесот на работата со кое нема да се загрози животот, здравјето и економската и социјалната сигурност на граѓаните и неопходното одвивање на животот во земјата, во обем и на начинот утврдени со закон од соодветната дејност од јавен интерес како и извршувањето на меѓународните договори.

Притоа, треба да се има предвид дека правото на штрајк не може да се сфати како апсолутно право така што правото на штрајк на раководно или стручно лице во установа не може да ги доведе во прашање интересите на корисниците на јавните услуги кои посредно или непосредно учествуваат во стекнувањето средства за работа на установите. Од друга страна битно е да се напомене дека согласно законот (член 74), установата одговара за штетата што во вршењето на дејноста од јавен интерес ќе им ја причинат вработените на установата на корисниците на јавни услуги, како и за штетата што ќе настане спрема корисниците на јавните услуги и спрема други физички и правни лица поради штрајк на вработените. Со законот е предвидено и дека за времетраењето на штрајкот, надлежното министерство може на сметка на установата да обезбеди извршување на дејноста на начин определен со закон.

Имајќи предвид дека условите под кои може да се реализира правото на штрајк во установите се утврдени со закон и дека основачот само во функција на операционализација на овие законски услови утврдува кои лица не можат да учествуваат во штрајк и кои лица не можат да ја запрат работата без предупредување дадено во рок кој е исто така утврден со закон, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член од законот со одредбите од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.88/2005
7 декември 2005 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply