182/2005-0-0

182/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 71 и 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 30 ноември 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за членовите 95, 96, 97 и 98 од Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.62/2005).

2. Тодор Пљаков од Велес на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означени во точка 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорените законски одредби не содржеле, односно во истите не била предвидена правна можност да има мерила и критериуми за избор за отпуштање при давање отказ поради деловни причини, како што тоа било предвидено во членот 138 од стариот Закон за работни односи поради што произлегувало дека оспорените одредби биле во спротивност на член 32 став 5 и член 118 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека во член 95 од Законот за работните односи е предвидено дека работодавачот за намерата, а најдоцна 30 дена пред донесувањето на одлука за престанок на работен однос на поголем број работници од деловни причини, е должен за причините на престанувањето на потребата од работата на работниците, за предвидениот број и категоријата на вишокот на работници и за предвидениот рок во кој ќе престане потребата од работата на работниците, да го извести репрезентативниот синдикат кај работодавачот, ако нема таков тогаш претставникот на работниците и да се советува со нив за можните начини за спречување и ограничување на бројот на отказите и за можните мерки за спречување и ублажување на штетните последици.

За постапката на утврдувањето на престанувањето на потребата од работата на поголем број работници, по завршувањето на консултирањето од ставот 1 на овој член, за причините за престанување на потребите од работата на работниците, за предвидениот број и категоријата на вишокот на работниците, како и за предвидениот рок во кој што ќе престане потребата од работата на работниците, работодавачот е должен задолжително писмено да ја извести службата надлежна за посредување при вработување, заради помош и услуги од посредување при вработувањето, согласно со закон.

Согласно член 96 од истиот закон работодавачот, пред да го откаже договорот за вработување од деловни причини (технолошки, економски, организациони и слични промени), поради кои престанува потребата од вршење на определена работа, може на работникот да му понуди:
– вработување кај друг работодавач без огласување, со преземање и склучување договор за вработување за вршење на работи кои одговараат на неговата стручна подготовка, односно квалификација;
– стручно оспособување (обука, преквалификација или доквалификација за работа кај истиот или кај друг работодавач) или
– нов договор за вработување.

Одредбата од ставот 1 точки 1, 2 и 3 на овој член не се однесува за вработување од трговско друштво, односно трговец поединец во државен орган, јавно претпријатие, јавна установа, единица на локалната самоуправа и градот Скопје, фондови, агенции, заводи и други правни лица основани со закон.

Во член 97 од Законот е предвидено дека во случај на откажување на договорот за вработување од деловни причини, работодавачот е должен на работникот да му исплати испратнина, и тоа:
– до пет години поминати во работен однос – во висина од една плата;
– од пет до десет години поминати во работен однос – во висина од две плати;
– од десет до 15 години поминати во работен однос – во висина од три плати;
– од 15 до 20 години поминати во работен однос – во висина од четири плати;
– од 20 до 25 години поминати во работен однос – во висина од пет плати и
– над 25 години поминати во работен однос – во висина од шест плати.

Основица за пресметка на испратнината е просечната плата на работникот во последните шест месеци пред отказот, но истата да не биде помала од платата врз основа на која се исплаќаат придонесите за социјално и здравствено осигурување.

Под работен однос, во смисла на ставот 1 од овој член, се смета времето поминато во работен однос кај ист работодавач и работниот однос кај претходниот работодавач, на кој поради настаната статусна промена, правен следбеник е последниот работодавач.

Испратнината се исплатува со денот на престанокот на работниот однос.

Барањето, односно давањето на согласност за откажување од правото на испратнина од страна на работодавачот, односно работникот се ништовни.

Во член 98 од Законот е предвидено дека ако работодавачот го откаже договорот за работа на работникот поради деловни причини, работодавачот не може на истите работи со иста стручна подготовка и занимање да вработи друг работник во рок од една година од денот на престанокот на работниот однос.

Ако пред истекот на рокот од ставот 1 на овој член настане потреба за вршење на истите работи, предност за склучување на договор за вработување има работникот на кој претходно му прстанал работниот однос.

4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, меѓу другото одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот утврди дека нема надлежност да одлучува по иницијативата со која членовите 95, 96, 97 и 98 од Законот за работните односи се оспоруваат затоа што не регулирале прашања кои според подносителот на иницијативата требале да бидат регулирани. Ова од причина што Судот е надлежен да одлучува за она што оспорениот акт содржи, а не што би требало да содржи.

5. Врз основа на изнесеното, се одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.182/2005
30 ноември 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply