3/2005-0-0

3/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 30 ноември 2005 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за измена и дополна на Одлуката за времено организирање на режимот на сообраќајот во Централното градско подрачје на град Кичево бр.07-968/14 донесена од Советот на општина Кичево на седницата одржана на 26 август 2004 година.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.3/2005 од 28 септември 2005 година по иницијатива на Гзиме Мехмеди од Кичево поведе постапка за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со член 52 став 1 од Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека со оспорената одлука се врши измена и дополна на Одлуката за времено организирање на режимот на сообраќајот во централното градско подрачје на град Кичево (член 1).

Според членот 2 од оспорената одлука, сообраќајот во централното градско подрачје се одвивал согласно графичкиот приказ кој е составен дел на одлуката и тоа:

– Се врши промена на правецот во движењето на моторните возила на Ул. “Тане Цалески”, од постојниот, од раскрсницата со “Б.Ослободување” (кај кафулето “Бакарди”), возилата се движат преку ул. “Јанко Михајлоски” до ул. “Маршал Тито” еднонасочно.

– Се изврши промена и на правецот на движење на моторни возила на дел од ул. “Маршал Тито” од раскрсницата со ул. “Јанко Михајлоски” преку ул. “К.Ј.Питу” со влез на плоштад еднонасочно.

– Возилата што се движат лево од плоштадот се насочуваат еднонасочно по ул. “К.Ј.Питу” со можност на свртување лево по улица “11-ти Октомври” и десно по ул. “11-ти Октомври” до спојот со Ул. “Маршал Тито”.

– Ул. “Маршал Тито” од потегот со Ул. “11-ти Октомври” преминува во еднонасочен сообраќај со можни правци десно по ул. “Амит Челопечанец” лево према ул. “Гоце Делчев” и право еднонасочно према градскиот пазар.

Останува забраната за вртење десно кон ул. “Белградска”.

– На ул. “Гоце Делчев” се овозможува двонасочен сообраќај од потегот на раскрсницата со Ул. “Веле Змејкоски” до ул. “Караџиќева”.

Се овозможува двонасочен сообраќај на возилата со задолжително свртување во лево према Ул. “Караџиќева”, додека за возилата кои доаѓаат од спротивниот правец дозволено свртување по Ул. “Вардарска” додека забрането вртење десно по ул. “Веле Змејкоски” и задолжително еднонасочно движење на возилата до спојот со Ул. “11-ти Септември”.

– На ул. “Санде Штерјоски” престанува забраната за еднонасочен сообраќај и на истата се дозволува возилата да се движат во две насоки.

– Се забранува вртење на моторните возила на лево од Ул. “Белградска” према ул. “Маршал Тито”.

Според член 3 од оспорената одлука Советот одлучи делот од “Б.Ослободување”, десната страна делот од зелената површина од плоштадот до спојот со ул. “Тане Цалески” во правец на железничка станица да се оспособи за паркинг простор обележан под агол од 450 за користење на граѓаните. Според член 4 оваа одлука е составен дел на Одлуката бр.07-262/22 од 7 март 2001 година. Според член 5 составен дел на оваа одлука е и графичкиот приказ изготвен од надлежна стручна комисија на Советот на општина Кичево. Според член 6 оваа одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во “Службен гласник на општина Кичево”.

5. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува, меѓу другото, за согласноста на прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.

Согласно член 52 став 1 од Уставот на Република Македонија законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.

Во ставот 2 од овој член е утврдено дека законите и другите прописи се објавуваат во “Службен весник на Република Македонија” најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување.

Според ставот 3 од овој член законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок, што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето.

Согласно член 22 став 1 точка 4 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002) општините се надлежни, меѓу другото, и за регулирањето на режимот на сообраќајот.

Локален пат, според Законот за јавните патишта е јавен пат кој поврзува населени места на општината или кој е од значење за сообраќајот во општината.

Јавен пат, во смисла на овој закон, е сообраќаен објект од општо значење што може слободно да се користи за сообраќај под услови определени со закон и кој е прогласен за јавен пат. Јавни патишта се и улиците во населените места и градовите (член 3 точка 2).

Со Законот за јавните патишта (“Службен весник на Република Македонија” бр.26/1996, 40/1999, 96/2000, 29/2002 и 68/2004) се уредуваат условите и начинот на изградбата, реконструкцијата, одржувањето, заштитата, користењето, управува-њето, финансирањето на јавните патишта и надзорот.

Според членот 2 од Законот, јавните патишта се добра во општа употреба. Јавните патишта се во државна сопственост. Развојната политика на патиштата ја утврдува Владата на Република Македонија.

Според членот 4 од Законот изградбата, реконструкцијата одржувањето и заштитата на јавните патишта се дејности од јавен интерес за Републиката.

Според членот 9 став 2 од Законот, локалните патишта и улиците во населените места ги утврдува општината, односно градот Скопје.

Според членот 61 од Законот јавното претпријатие за патишта, односно општината или градот Скопје со сообраќајни знаци и на друг погоден начин ќе ги означат условите и ќе утврдат режим на сообраќајот на јавниот пат или улица, во сите случаи кога постојат околности кои можат да го загрозат безбедното одвивање на сообраќајот.

Оспорената одлука за изменување и дополнување на Одлуката за времено организирање на режимот на сообраќајот во централното градско подрачје на град Кичево е донесена врз основа на членот 61 од Законот за јавните патишта.

Тргнувајќи од уставната одредба од член 52 став 1, произлегува дека законите и другите прописи не можат да влезат во сила пред да бидат објавени.

Со оглед на тоа што според утврдената фактичка состојба оспорената одлука не била објавена во “Службен гласник на општина Кичево”, Судот утврди дека таа не е во согласност со членот 52 став 1 од Уставот на Република Македонија според кој законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.3/2005
30 ноември 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply