122/2005-0-0

122/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 12 октомври 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 82 став 1 алинеја 5 од Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.97/2002).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на:

а) уставноста на членот 35 став 1 алинеја 2 и член 36 од Законот за адвокатурата (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/2002),

б) уставноста и законитоста на членот 23 став 1 алинеја 14 и членот 82 став 1 алинеја 2 од Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.97/2002) и на Одлуката за утврдување на висината на коморскиот уписен влог, донесена од Адвокатската комора на Република Македонија на 30 мај 2003 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.39/2003).

3. Филип Пејчиновски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од законот и актите означени во точката 2 од ова решение.

Според наводите во иницијативата коморскиот уписен влог бил неоправдано предвиден со Законот за адвокатурата и другите оспорени акти, без оглед на начинот на неговото плаќање.

Поради тоа одредбите од членот 35 став 1 алинеја 2 и членот 36 од Законот за адвокатурата, со кои било предвидено дека Адвокатската комора на Република Македонија се финансирала од коморски уписен влог чија висина ја утврдувал со одлука Управниот одбор на комората, биле во спротивност со членот 32 став 1 и став 2 од Уставот на Република Македонија според кои секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност и секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Со иницијативата, за оспорените одредби од Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија и за оспорената Одлука за утврдување на висината на коморскиот уписен влог се истакнува дека биле неуставни, односно во несогласност со цитираните одредби од членот 32 од Уставот, како и незаконити, бидејќи се темелеле на неуставните законски одредби.

По повод иницијативата, а по сопствена оцена Судот, согласно членот 14 став 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, ја оценуваше уставноста и законитоста и на членот 82 став 1 алинеја 5 од Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.97/2002).

4. Судот на седницата утврди дека Законот за адвокатура во членот 35 предвидел дека Адвокатската комора на Република Македонија се финансира од: 1) коморска чланарина, 2) коморски уписен влог, 3) подароци и фондации, 4) закупнина, 6) други приходи во согласност со закон.

Точката 5 од овој член од Законот која гласела: “добивка од работењето на трговското друштво формирано од Адвокатската комора на Република Македонија”, е укината со Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.134/2002 од 22 јануари 2003 година

Според членот 36 од Законот, висината на коморскиот уписен влог и на коморската чланарина, ги утврдува со одлука Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Македонија, и ги објавува во “Службен весник на Република Македонија”.

Судот, исто така утврди дека Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија во членот 23 предвидел со набројување во дваесет и една алинеја кои акти ги донесува и кои работи и задачи ги извршува Управниот одбор на Адвокатската комора, меѓу кои во алинејата 14 предвидел дека “ја определува висината на коморската членарина и коморскиот уписен влог”.

Во членот 82 од Статутот е предвидено дека Комората се финансира од: коморска членарина; коморски уписен влог; подароци и фондации; закупнина; добивка од работењето на трговското друштво основано од Комората и други приходи во согласност со закон”.

Одлуката за утврдување на висината на коморскиот уписен влог (“Службен весник на Република Македонија” бр.39/2003), која е оспорена со иницијативата, во членот 1 предвидува дека висината на коморскиот уписен влог изнесува 61.500,00 денари, а во членот 2 од Одлуката е определено дека истата влегува во сила со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија.

Одлуката е донесена на одржаната седница на Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Македонија на 30 мај 2003 година врз основа на член 34 став 1, член 35 став 1 точка 2 и член 36 од Законот за адвокатурата и член 23 став 1 алинеја 14 и член 82 став 1 алинеја 2 од Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија.

5. Судот поаѓајќи од фактот дека со Одлука У.бр.134/2002 од 22 јануари 2003 година го укинал членот 35 точка (алинеја) 5 од Законот за адвокатурата, која предвидувала дека како основ за финансирање на Адвокатската комора на Република Македонија може да биде “добивка од работењето на трговското друштво формирано од Адвокатската комора на Република Македонија”, а таква одредба предвидува и членот 82 став 1 алинеја 5 од Статутот на Адвокатската комора, оцени дека за оваа статутарна одредба основано може да се постави прашањето на уставноста и законитоста.

Ова поради тоа што според Законот, Адвокатската комора се основа, односно организира заради вршење на точно определени работи (одлучува за стекнување и престанок на правото на вршење адвокатска дејност, одлучува за одговорноста на адвокатите во извршувањето на нивните должности и изрекува дисциплински мерки, донесува тарифа и висина на уписнината, се грижи за стручно оспособување и усовршување на адвокатите и др.) а некои од нив по својот карактер и значење претставуваат и јавни овластувања, па со оглед на тоа Адвокатската комора нема правен субјективитет да основа трговско друштво. Во спротивно, тоа би било неспоиво со јавно-правниот статус на Адвокатската комора, и на адвокатурата воопшто, како и со целите и функциите кои произлегуваат од уставно утврдената положба на адвокатурата во членот 53 од Уставот, врз основа на што Комората се основа со закон и се утврдува обврска на адвокатите да се организираат во Адвокатска комора.

Воедно, наведената статутарна одредба нема ниту основ во Законот за да ја регулира добивката од работење со трговско друштво основано од Комората како извор за финансирање на Комората.

Од овие причини Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Според член 110 став 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со оглед на тоа што оспорените одредби од Законот за адвокатурата и оспорените одредби од Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија, биле оценувани од Уставниот суд на Република Македонија и со Решение У.бр.51/2003 од 15 април 2003 година не била поведена постапка за оцена на нивната уставност и законитост, Судот оцени дека иницијативата треба да се отфрли.

Имено, според образложението на решението на Судот, адвокатурата со членот 53 од Уставот е определена како самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон. Таква определба за адвокатурата е дефинирана и со Законот за адвокатурата, кој меѓу другото определил и дека самостојноста и независноста на адвокатурата како јавна служба се остварува, покрај другото, со организирање на адвокатите во Адвокатска комора и нејзино финансирање, како и автономното донесување на акти за работа на Адвокатската комора на Република Македонија и нејзините органи. Правото на вршење на адвокатската дејност се стекнува со упис во Именикот на адвокатите на Адвокатската комора и по уписот на адвокатот му се издава лиценца за работа.

Поаѓајќи од изнесената уставна и законска определба на адвокатурата, Судот утврдил дека во функција на нејзиното самостојно организирано делување во соодветна комора се инкорпорирани оспорените одредби од членот 35 став 1 алинеја 2 и член 36 од Законот за адвокатурата, според кои коморскиот уписен влог е еден од изворите на приход на Комората, а Управниот одбор на Комората одлучува за неговата висина. Со оглед на тоа, според Судот оспорените законски одредби се во согласност со членот 53 од Уставот, поради што не би можело да се постави прашањето ниту за уставноста и законитоста на истоветните одредби од Статутот на Адвокатската комора кои се оспорени, бидејќи произлегуваат од закон кој е во согласност со Уставот.

Во однос на оспорената Одлука за утврдување на висината на коморскиот уписен влог, донесена од Адвокатската комора на Република Македонија на 30 мај 2003 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.39/2003), Судот со Решение У.бр. 109/2003 од 22 октомври 2003 година утврдил дека таа нема карактер на пропис и Судот не е надлежен да ја оценува нејзината уставност и законитост.

Со оглед на тоа, а согласно одредбите од членот 28 став 1 алинеја 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија според Судот иницијативата во овој дел треба да се отфрли поради тоа што Судот не е надлежен да одлучува по барањето и за истата работа веќе одлучувал.

Поради тоа а врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.122/2005
12 октомври 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

.

Leave a Reply