83/2005-0-0

83/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 28 септември 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на Одлуката за начинот на плаќање на ѓубрето од домаќинствата бр.0201-21/6 донесена од Управниот одбор на Јавното претпријатие “Брегалница” од Делчево на 29 февруари 2000 година.

2. Љупчо Симоновски од Делчево на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорената одлука според која е утврден начинот на плаќање на ѓубрето од домаќинствата не била во согласност со член 29 став 1 алинеја 8 од Законот за комуналните дејности, затоа што во членот 1 алинеја 1 од одлуката било опишано како се плаќа ѓубрето ако во домаќинството има еден син и доколку има два сина, а ништо не било наведено доколку во семејството има три и повеќе члена или ќерка и зетовци, внуци и слично.

Понатаму, подносителот наведува дека оспорената одлука била во сила и според неа се наплаќало ѓубретарина, но строго селективно, кон одделни семејства во Делчево.

3. Судот на седницата утврди дека Управниот одбор на Јавното комунално претпријатие “Брегалница” од Делчево на 29 февруари 2000 година донел Одлука за начинот на плаќање на ѓубрето од домаќинствата.

Во член 1 од одлуката е предвидено:

– во едно семејство каде што живее родител со еден син плаќа претплата за едно домаќинство, а во колку имаат друг син во иста куќа со еден водомер ќе наплатуваат само наплатта за сметката ако потрошената вода се евидентира преку еден водомер.

Според член 2 од Одлуката во колку корисниците сметаат дека надокнадата од водомер за едно домаќинство во износ од 160,00 денари месечно не е законски инкасаторите да наплатуваат по м2 и тоа: за корисна површина по 1,70 денари од м2 месечно и за дворно место по 0,80 денари од м2 месечно.

Во член 3 од одлуката е предвидено дека оваа одлука влегува во сила со денот на нејзиното донесување и истата е во склад со Законот за комунални дејности посебно со член 29 од истиот закон.

Понатаму Судот утврди дека пред донесувањето на оспорената одлука Работничкиот совет на Јавното претпријатие на 24 март 1995 година донел Одлука за утврдување на цените на комуналните услуги. Исто таква одлука со исти цени и услови е донесена од страна на Управниот одбор на Јавното претпријатије на 2 јули 1999 година.

На 18 април 2005 година Управниот одбор на Јавното комунално претпријатие “Брегланица” од Делчево донел Одлука за утврдување на единствени цени на комуналните услуги. на која одлука Советот на општина Делчево на 4 јули 2005 година дал согласност.

Со донесувањето на оваа одлука, престанала да важи оспорената одлука.

4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби како и фактот што оспорената одлука престанала да важи, Судот утврди дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.83/2005
28 септември 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply