63/2005-0-0

63/2005-0-0

Вовед

Ustavniot sud na Republika Makedonija, vrz osnova na členovite 110 i 112 od Ustavot na Republika Makedonija i člen 70 od Delovnikot na Ustavniot sud na Republika Makedonija (“Služben vesnik na Republika Makedonija” br.70/1992) na sednicata održana na 21 septemvri 2005 godina, donese

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Одлуката бр.02-1336/1-4 од 25 ноември 1998 година, донесена од Управниот одбор на Јавното претпријатие “Македонски железници” – Скопје.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијативата поднесена од “Макстил” – АД Скопје, со Решение У.бр.63/2005 од 6 јули 2005 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и Законот за јавните претпријатија (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/1996, 9/1997-исправка, 6/2002 и 40/2003).

4. Судот на седницата утврди дека со оспорената одлука се предвидува дека превозните цени за превоз на патници и стока во 1999 година остануваат на ниво на 1998 година.

Во зависност од условите на транспортниот пазар, видовите и количините на стоки, можат да се одобруваат комерцијални повластици на корисниците на железничкиот превоз со кои ќе се склучат договори за 1999 година.

Цената за вагање и тарирање независно од тоа каде се врши при отпремање, пристигање или попатно и ако тоа се извршува на ваги сопственост на “Македонски железници” се утврдува:

– во меѓународниот товарен сообраќај на 20,00 ЦХФ по вагон;
– во внатрешниот сообраќај на 750,00 денари по вагон.

Цената на вагање и тарирање кога истото се врши на вага сопственост на корисникот се утврдува:

– во меѓународниот товарен сообраќај на 6,00 ЦХФ по вагон;
– во внатрешниот сообраќај на 180,00 денари по вагон.

Вагонската денгубнина за товарните вагони се утрдува во висина која е за 20% повисока од важечката вагонска наемнина за соодветниот тип на вагон.

За фитосанитетски прегледи се утврдува цена од 30 швајцарски франци по вагон за превоз во транзит.

Одлуката влегува во сила со денот на донесувањето.

5. Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Според членот 51 од Уставот на Република Македонија, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно членот 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.

Според член 1 став 1 од Законот за јавните претпријатија, јавните претпријатија се основаат заради вршење на стопанските дејности од јавен интерес. Според член 1 став 2 од овој закон стопански дејности од јавен интерес се дејностите кои се незаменлив услов за животот и работата на граѓаните, за работата на правните лица и на државните органи.

Во членот 2 од Законот, како стопанска дејност од јавен интерес, меѓу другите, е утврден и железничкиот сообраќај и јавниот превоз на патници.

Според членот 3 став 1 од истиот закон, јавни претпријатија во име на Република Македонија основа Владата на Република Македонија, а овие претпријатија согласно ставот 5 се во сопственост на Република Македонија.

Во членот 6 е утврдено дека јавното претпријатие има својство на правно лице, кое го стекнува со уписот во судскиот регистар.

Во членот 9 став 1 од Законот е утврдено дека Владата на Република Македонија јавното претпријатие го основа во согласност со закон.

Според членот 11 точка 6 од овој закон, основачот на јавното претпријатие дава согласност на актот со кој се утврдуваат цените на производите и услугите што јавното претпријатие ги продава и врши за корисниците.

Според член 19 став 1 од Законот управниот одбор на јавното претпријатие ги има сите овластувања да презема мерки кои се потребни и корисни за постигнување на целите на јавното претпријатие во согласност со закон.

Во членот 19 став 2 точка 8 од овој закон е предвидено дека управниот одбор на јавното претпријатие ги утврдува цените на производите и услугите.

Од анализата на изнесените уставни и законски одредби јасно произлегува дека со оглед на тоа што ЈП “Македонски железници” е основано со закон, тоа согласно член 49 од Законот за јавните претпријатија е должно организацијата и работењето да ги усогласи со одредбите на овој закон.

Во овој контекст, поаѓајќи од фактот дека ЈП “Македонски железници” стопанисува со имотот на Републиката, а Владата на Република Македонија има статус на негов основач, ова јавно претпријатие согласно членот 11 од Законот за јавни претпријатија има обврска да прибавува согласност од Владата при донесувањето на актите кои се наведени во наведениот член, меѓу кои и за актот со кој се утврдуваат цените на производите и услугите што јавното претпријатие ги продава и врши за корисниците.

Од наведените одредби произлегува дека Јавното претпријатие го донесува актот со кој ги утврдува цените на производите и услугите што истото ги продава и врши за корисниците, по претходна согласност на основачот на јавното претпријатие.

Од содржината на оспорената одлука произлегува дека со истата се утврдуваат цени за превоз на патници и стока за тековната 1999 година, се утврдува цената за вагање и тарирање, како и висината на вагонската денгубнина. Оттука, со оглед на тоа што оспорената одлука е акт со кој се утврдуваат цените на производите и услугите што јавното претпријатие ги продава и врши за корисниците, истата е пропис кој предвидува општ финансиски ефект кој се рефлектира кај сите корисници на услугите што ги дава јавното претпријатие, односно дејствува ерга омнес.

Токму поради тоа, стои законска обврска на јавното претпријатие пред донесување на актот да прибавува согласност од основачот.

Имајќи го во вид фактот, кој Судот го утврди во текот на претходната постапка, а имено дека оспорената одлука се уште е во важност и произведува правно дејство и дека пред нејзиното донесување Јавното претпријатие не побарало претходна согласност Судот утврди дека оспорената одлука не е во согласност со член 11 од Законот за јавните претпријатија.

Според Судот, оспорената одлука не е во согласност ниту со член 52 од Уставот на Република Македонија, од причина што со Одлуката во точка 4 е утврдено дека истата влегува во сила со денот на донесувањето, а не со денот на нејзиното објавување, со што се повредува уставниот принцип за објавување на прописите пред нивното влегување во сила.

Врз основа на наведеното, Судот оцени дека оспорената одлука не е во согласност со член 52 од Уставот на Република Македонија и член 11 од Законот за јавните претпријатија.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.63/2005
21 септември 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply