54/2005-0-0

54/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 7 септември 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 12 став 1 точка 1 и член 86 од Законот за оружје (“Службен весник на Република Македонија” бр.7/2005).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на:

а) член 8 став 2 точка 5 од Законот за обезбедување на лица и имот (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/1999) и

б) член 4 став 2 точка 6 од Законот за детективската дејност (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/1999).

3. Петко Бурлијовски од Битола на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на законите означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, Законот за оружје бил спротивен на Уставот затоа што со предвидувањето лицето кое со правосилна пресуда е осудено за кривично дело со умисла што се гони по службена должност да не може да добие одобрение за набавување на оружје, се повредувало начелото на еднаквост на граѓаните, загарантирано со Уставот на Република Македонија.

Членот 86 од Законот се оспорува затоа што со него се барало од граѓаните при замена на дозволите за поседување и носење на оружје да се провери дали ги исполнуват условите предвидени во членот 9 од овој закон. Имено, ваква проверка била непотребна затоа што граѓаните веќе еднаш ги исполниле соодветните услови за добивање на дозволи за носење на оружје и веќе се стекнале со право да поседуваат огнено оружје.

Законот за обезбедување на лица и имот (член 8 став 2 точка 5) се оспорува затоа што предвидувал дека лицата можат да добијат лиценца за вршење на работи на обезбедување доколку во последните две години не извршувале работи и задачи од областа на безбедноста и одбраната во органите на државната управа, со што се повредувало начелото на еднаквоста на граѓаните, загарантирано со Уставот.

Законот за детективска дејност (член 4 став 2 точка 6) се оспорува затоа што предвидувал дека лиценца за вршење на детективска дејност може да добие лице кое во последните две години пред добивањето на истата не извршувало работи и задачи во областа на безбедноста и одбраната во органите на државната управа, со што се повредувало начелото на еднаквост на граѓаните, загаранитрано со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека согласно член 9 став 1 точка 4 од Законот за оружје одобрение за набавување на оружје на физичкото лице се издава врз основа на претходно поднесено лично барање за издавање одобрение за набавување на оружје ако физичкото лице не претставува опасност за јавниот ред.

Исто така, Судот утврди дека според член 12 став 1 точка 1 од Законот за оружје се смета дека постои опасност за јавниот ред според член 9 став 1 точка 4 од овој закон ако физичкото лице правосилно е осудено за кривично дело сторено со умисла, кое се гони по службена должност.

Согласно член 86 од Законот дозволите за поседување и носење на оружје и дозволите за носење на оружје издадени според досегашните прописи мора да се заменат најдоцна во рок од една година од денот на влегувањето во сила на подзаконскиот пропис за образецот на дозволата за оружје, дозволата за поседување на оружје и дозволата за носење на оружје.

Според ставот 2 дозволите од став 1 на овој член ќе се заменат доколку физичкото лице ги исполнува условите од член 9 став 1 точки 2, 3, 4, 5 и 6 и став 2 на овој закон, односно правното лице ги исполнува условите од член 16 од овој закон.

5. Исто така, Судот утврди дека согласно член 8 став 2 точка 5 од Законот за обезбедување на лица и имот работи на обезбедување на лица и имот можат да вршат лица кои имаат лиценца за работа.

Лиценца за работа издава Комората на Република Македонија за обезбедување на лица и имот, на лице кое покрај општите услови за засновање на работен однос определени со закон во последните две години пред да добие лиценца за работа да не извршувало работи и задачи од областа на безбедноста и одбраната во органите на државната управа како: овластено службено лице или на посебни работни места согласно прописите од областа на внатрешни работи, работни места на определени должности согласно со прописите од областа на разузнавањето или работни места од член 123 од Законот за одбрана.

Понатаму, Судот утврди дека согласно член 4 став 2 точка 6 од Законот за детективска дејност лиценцата за вршење на детективската дејност ја издава Министерството за внатрешни работи на лице кое покрај општите услови за засновање на работен однос во последните две години не извршувало работи и задачи во областа на безбедноста и одбраната во органите на државната управа како: овластено службено лице или на посебни работни места согласно прописите од областа на внатрешните работи, работни места на определени должности согласно прописите од областа на разузнавањето или работните места од член 123 од Законот за одбрана.

6. Согласно став 1 на член 9 од Уставот граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.

Според ставот 2 на овој член од Уставот граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Од наведените уставни одредби произлегува дека ставот 1 на член 9 го уредува прашањето за еднаквоста на граѓаните независно од полот, расата, националното потекло, политичкото и верското уверување и сл., а ставот 2 на овој член е поконкретен во смисла што предвидува граѓаните да бидат еднакви пред Уставот и законите, односно за сите под еднакви услови да важат одредбите од Уставот и законите.

Имајќи ги предвид наведените уставни одредби Судот оцени дека не може да се постави прашањето за повреда на начелото на еднаквост од тој аспект.

Согласно член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за кривично дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска пресуда.

Од оваа одредба произлегува дека Уставот го застапува принципот на презумција на невиноста се додека вината не биде утврдена со правосилна судска пресуда.

Исто така, од оспорената законска одредба се гледа дека таа се однесува на правосилна пресуда, односно на пресуда против која не може да се употребува редовен правен лек.

Имајќи ги предвид наведените уставни одредби во контекст на прашањето дали со условувањето физичкото лице да може да добие одобрение за набавување на оружје доколку не е правосилно осудено за кривично дело сторено со умисла што се гони по службена должност, Судот оцени дека ваквото условување е согласно со Уставот на Република Македонија.

Имено, според Судот, постоењето на потребата со закон да бидат уредени прашања за кредибилитет на физичкото лице да поседува и носи оружје ќе ја намали можноста од штетни последици по животот и имотот на граѓаните.

При заземањето на овој став, Судот имаше предвид дека правното дејство на пресудата се исцрпува со издржување и бришење на казната во определениот законски рок и дека тоа не може да дејствува во иднина и во недоглед.

Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за уставноста на член 12 став 1 точка 1 од Законот за оружје.

Што се однесува до членот 86 од овој закон Судот утврди дека тој спаѓа во Главата ЏИВ: Преодни и завршни одредби.

Според Судот со предвидувањето на обврска дозвлите за поседување и носење на оружје и дозволите за поседување на оружје издадени според досегашните прописи да мора да се заменат во определен рок и под определени услови, всушност се уредува преминот од постоечките на новите правни норми.

Притоа, Судот имаше предвид дека овој Закон за оружје предвидува и други услови кои треба да ги исполнува секое лице што ќе поседува и носи оружје и затоа предвидува барањето да биде поднесено лично.

Што се однесува до наводите во иницијативата за повреда на еднаш стекнатото право за поседување и носење на оружје, имајќи ги во вид карактеристичките на оружјето како такво, Судот оцени дека, во случајов, еднаш стекнатото право не може да се смета како трајно.

Во овој контекст, Судот имаше предвид дека поранешниот Закон за оружје не предвидуваше рокови за важењето на дозволите додека новиот Закон за оружје во член 21 став 1 предвидува дозволата за оружје да се издава со рок на важење од пет години, а на лица постари од 65 години живот со рок на важење од три години.

Притоа, ставот 2 на член 86 од Законот му дава право на органот, по службена должност, при замената на дозволите да провери дали предвидените услови за поседување и носење на оружје во овој закон се исполнети што значи дека одредбата од член 86 е во функција на горе споменатите одредби од Законот.

Оваа преодна одредба во Законот, граѓаните на Република Македонија ги става во еднаква правна положба пред законот, затоа што дозволите за поседување оружје и дозволите за носење оружје ќе ги стекнуваат под еднакви услови и за ист временски рок на важење предвидени во овој Закон за оружје кој е во правниот поредок.

Од тие причини Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за уставноста на членот 86 од Законот од овој аспект.

7. Понатаму, Судот утврди дека со Решение У.бр.33/2000 од 27 септември 2000 година не повел постапка за оценување на уставноста на член 8 точка 5 од Законот за обезбедување на лица и имот и член 4 став 2 точка 6 од Законот за детективска дејност.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со оглед на тоа што оспорените одредби од Законот за обезбедување на лица и имот и Законот за детективска дејност Судот ги оценил како согласни со Уставот, а нема основи за поинакво одлучување, одлучи иницијативата да биде отфрлена во овој дел.

8. Врз основа на изнесееното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.54/2005
7 септември 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply