99/2005-0-0

99/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 6 јули 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на

а) Правилникот за систематизација на работните места на општинската администрација во општина Делчево, донесен од градоначалникот на општина Делчево под бр.08-402/1 од 22 април 2005 година и

б) Мислењето на Агенцијата за државни службеници бр.07-2421/2 од 5 мај 2005 година.

2. Сузана Петровска и Љубица Ѓорѓиевска, двете од Делчево, во свое име и во име на група граѓани од Делчево, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата и дополнувањето на иницијативата новиот градоначалник на општината Делчево, по стапувањето на функција го донел оспорениот Правилник со кој укинал 9 работни места, а за 4 го променил потребниот вид на образование. Ова било спротивно на членовите 135,136,137,138 и 139 од Законот за работните односи, како и на членот 82 став 1 од Законот за државните службеници. Притоа, се појаснува и тоа дека до намалување на бројот на работните места дошло без да се спроведат потребните законски мерки или пак да се спроведе предвидената законска постапка.

Покрај оспорувањето на одредбите на Правилникот во целина, во дополну- вањето на иницијативата се наведува дека посебно се оспоруваат членовите 4, 6, 7, 8, 9, 10 и 11 од Правилникот, меѓутоа отсуствуваат конкретни наводи за причините поради кои се смета дека посебно оспорените членови се спротивни на закон.

По однос на второ оспорениот акт посебно се нагласува дека Агенцијата за државни службеници за период од 4 месеци дала две различни мислења, поради што овој акт бил спротивен на наведените законски одредби.

Со оглед на фактот што градоначалникот на Општината, врз основа на оспорените акти, веќе им ги одземал работните задачи, подносителите на иницијативата сметаат дека се повредени нивните права од работен однос.

3. Судот на седницата утврди дека Правилникот за систематизација на работните места на општинската администрација во општина Делчево содржи 13 одред- би со кои се утврдува вкупниот број на вработени потребни за вршење на работите од надлежност на општинската администрација, називот и распоредот на работните места, условите потребни за вршење на работите и задачите и описот на работните места. Во последната одредба е предвидено Правилникот да влезе во сила со денот на донесу- вањето и истиот да се објави на огласната табла на Општината по добиеното мислење од Агенцијата за државни службеници.

Во мислењето на Агенцијата за државни службеници бр.07-2421/2 од 5 мај 2005 година, дадено врз основа на член 7 став 2 алинеја 2 од Законот за државните службеници се наведува дека Правилникот е во согласност со одредбите од наведениот закон, како и со одредбите од Законот за локалната самоуправа.

4. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.

Поаѓајќи од правните елементи кои што го определуваат прописот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и да утврдува права и обврски на неопределен број на субјекти во правото, Судот оцени дека во случајот оспорените акти немаат карактер на пропис во смисла на изнесената уставна одредба и не се подобни за уставносудска оцена.

Имено, според содржина на првооспорениот акт Судот оцени дека истиот не е пропис, туку интерен акт на општината Делчево со кој се утврдува внатрешна система- тизација на потребниот број и вид на работните места. Второ оспорениот акт претставува само исполнување на законската обврска на Агенцијата за државни службеници да даде мислење за ваков вид на акти.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 99/2005
6 јули 2005 год.
С к о п ј е
мл/ла

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply