185/2004-0-0

185/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 29 јуни 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на Одлуката за донесување на парцијални измени и дополнувања на делови од Детални урбанистички планови во град Куманово, бр.09-512/1 од 29 јуни 1994 година донесена од Собранието на општина Куманово, (“Службен гласник на општина Куманово” бр. 3 и 4/1994).

2. Љубомир Ѓорѓевиќ од Куманово, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение, во делот кој се однесувал на Месната заедница “ИИИ Македонска ударна бригада” во Куманово.

Според наводите во иницијативата со оспорената одлука биле донесени измени и дополнувања на планот во постапка спроведена спротивно на одредбите од Законот за системот на просторно и урбанистичко планирање според кои планот пред донесувањето требал да биде соодветно изложен на јавен увид на граѓаните за да можат тие да изнесуваат мислења и забелешки до надлежниот орган на општината. Имено, во конкретниов случај нацрт-планот кој се однесувал за Месната заедница ИИИ Македонска ударна бригада, вообичаено како и за други нацрт-планови, во 1994 година бил изложен во излогот на Стоковната куќа “Нама” во Куманово на јавен увид на граѓаните со нејасни содржини и графички цртежи, наместо граѓаните да имале соодветен прегледен увид во нацрт-планот. Врз основа на вака донесениот план соседот на подносителот на иницијативата извршил доградба со поткровје на својот објект кој го попречил нормалното функционирање на објектот на подносителот на иницијативата и во однос на овој објект се нарушило осветлувањето, проветрувањето и другите стандарди на урбаното живеење. Од овие причини со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оцена на законитоста на оспорената одлука.

3. Судот на седницата утврди дека Собранието на општина Куманово, донело Одлука за донесување на парцијални измени и дополнувања на делови од Детални урбанистички планови во град Куманово, бр.09-512/1 од 29 јуни 1994 година.

Во членот 1 од Одлуката е констатирано донесувањето на измените и дополнувањата на плановите во град Куманово, а во членот 2 е определено дека измените и дополнувањата со оваа Одлука, се однесуваат на повеќе локалитети и месни заедници и тоа: 1) Спортско рекреативен центар (зона) помеѓу улиците “Октомвриска револуција” и “Моша Пијаде”; 2) станбено-деловен комплекс на улиците “Октомвриска револуција” – локалитет УЗ “Перо Наков”, “Агроснабдител” и “Табакана” (Бавчи); 3) станбено-деловен комплекс на улица “11 Октомври” – лок. “Црвен Крст”; 4) дел од Месна заедница “Х.Т. Карпош” – потег на улица “Гоце Делчев” (од Улица “Трст” до улица “ИИИ МУБ”, потег на улица “ИИИ МУБ”) од улица “Гоце Делчев” до раскрсница со улица “Тоде Мендол” и улица “Пролетерски бригади”; 6) локалитет на улица “Ѓуро Ѓаковиќ”; 7) локалитет на улица “Карадачки одреди”; 8) локалитет на улица “Димитар Влахов”; 9) локалитет на улица “Максим Горки”; и 10) парцијални измени кои се наоѓаат на улиците “15 Мај”, “Огњен Прица”; “Јован Поповиќ” и “Бајрам Шабани”.

Во членовите 3, 4 и 5 од Одлуката е утврдено дека текстуалните делови и графичките прикази на измените и дополнувањата од членот 2 се составен дел на Одлуката и дека Одлуката по потпишувањето и по истекот на осум дена од денот на нејзиното објавување во “Службен гласник на општина Куманово” ќе влезе во сила.

4. Судот, исто така утврди дека со иницијативата се оспорува Одлука за донесување на парцијални измени и дополнувања на делови од Детални урбанистички планови во град Куманово во делот кој се однесувал за Месната заедница ИИИ Македонска ударна бригада во Куманово, број 09-512/1 од 29 јуни 1994 година.

Меѓутоа, според содржината на Одлуката број 09-512/1 од 29 јуни 1994 година објавена во “Службен гласник на општина Куманово” број 3 и 4 од 1994 година, во членот 2 во точки од 1 до 10 е определено (нема точка 5 во нумерацијата) на кои локалитети и месни заедници со оваа Одлука, се однесуваат измените и дополнувањата на Деталните урбанистички планови во град Куманово, и не е содржана Месна заедница “ИИИ Македонска ударна бригада” во Куманово.

Во точката 4 од одредбата на Одлуката, во делот кој се однесува на Месната заедница “Х. Т. Карпош” само е опишан потегот помеѓу улиците каде се извршени измени и дополнувања, меѓу кои е опфатена и улицата “ИИИ МУБ”, но во иницијативата се оспоруваат измени и дополнувања за Месната заедница ИИИ Македонска ударна бригада во Куманово, што е различно од тоа што Одлуката го содржи.

Согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оглед на тоа што во случајов се оспорува планирањето во Месна заедница која не е посебно определена како содржина на Одлуката бр.09-512/1 од 29 јуни 1994 година, Судот оцени дека постојат процесни пречки согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија да одлучува по иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното се одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски и д-р Бајрам Положани.

У.бр.185/2004
29 јуни 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply