11/2005-0-0

11/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 29 јуни 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 127 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/1993, 31/1994, 14/1995, 71/1996, 32/1997, 24/2000, 96/2000, 50/2001, 85/2003, 50/2004 и 4/2005).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 127 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата прашањето за стаж на осигурување што се смета со зголемено траење морало да се уредува со закон и со колективен договор, а не со општ акт на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување.

Согласно член 34 од Уставот на Република Македонија, граѓаните имале право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Во иницијативата понатаму се наведува дека со Законот за пензиското и инвалидското осигурување се уредувало задолжителното пензиско и инвалидско осигурување на работниците во работен однос и на физичките лица кои вршеле дејност, основите на капитално финансирано пензиско осигурување, како и посебните услови под кои одделни категории на осигуреници ги остварувале правата од пензиското и инвалидското осигурување.

Според член 4 од овој закон, правата од пензиското и инвалидското осигурување се стекнувале и остварувале во зависност од начинот, должината и обемот на вложувањето на средства за пензиско и инвалидско осигурување под услови кои биле утврдени со овој закон.

Поради изнесеното според подносителот на иницијативата оспорената законска одредба била во несогласност со членот 8 став 1 алинеи 3 и 4, членот 34 и 51 од Уставот на Република Македонија, поради што бара да се поведе постапка за оценување на уставноста на член 127 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 127 став 1 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/1993, 31/1994, 14/1995, 71/1996, 32/1997, 24/2000, 96/2000, 50/2001, 85/2003, 50/2004 и 4/2005).работните места на кои стажот на осигурување се смета со зголемено траење, постапката за нивното утврдување и степенот на зголемувањето на стажот на осигурувањето на тие работни места ги утврдува Фондот со општ акт.

Во ставот 2 од овој член од Законот е утврдено дека работните места на кои стажот на осигурување се смета со зголемено траење се утврдуваат по претходно прибавено мислење од соодветни стручни и научни организации, на иницијатива на работодавците.

Според ставот 3 работните места на кои стажот на осигурување се смета со зголемено траење подлежат на ревизија што ја врши Фондот на начинот и според постапката утврдени со општ акт на Фондот.

Според ставот 4 ревизијата се врши најдоцна во рок од пет години од денот на утврдување на тие работни места.

4. Согласно член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 7 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се и владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, како и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 34 од Уставот на Република Македонија граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурувње утврдени со закон и со колективен договор.

Според член 35 став 1 од Уставот Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Од наведените уставни одредби, покрај другото, произлегува дека Уставот го прокламира и утврдува правото на граѓаните на социјална сигурност и социјално осигурување кое е препуштено на уредување со закон и колективен договор. Уставот, исто така ја прокламира грижата на Републиката за социјална заштита и социјална сигурност на граѓаните, која се остварува врз основа на начелото на социјална праведност. Според тоа, прокламацијата на тие уставни принципи произлегува од социјалниот карактер на државата, а видовите на правата од социјалното осигурување, начинот, постапката и условите за остварувањето на овие права на граѓаните се резервирани за законодавната власт која ги уредува релевантните односи од значење за остварување на социјалната сигурност на граѓаните.

Пензиското и инвалидското осигурување како елемент на правото на социјалното осигурување е предмет на уредување со Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

Според член 1 од овој закон се уредува задолжителното пензиско и инвалидско осигурување на работниците во работен однос и на физичките лица кои вршат дејност, основите на капитално финасирано пензиско осигурување, како и посебните услови под кои одделни категории на осигуреници ги остваруваат правата од пензиското и инвалидското осигурување.

Според одредбите од овој закон, правата од пензиското и инвалидското осигурување се остваруваат во Фондот на пензиско и инвалидско осигурување на Македонија кој има својство на правно лице.

Во членот 9 од овој закон е определено дека дејноста на Фондот е од јавен интерес.

Во делот на одредбите од Законот кои се однесуваат на остварувањето, користењето и губењето на правата од пензиското и инвалидското осигурување, меѓу другото е пропишана постапката за остварување на овие права, од што произлегува дека се применуваат прописите за општата управна постапка, а за правата кои се остваруваат кај работодавец се применуваат прописите од работните односи, ако со овој закон поинаку не е определено.

Според член 163 точка 1 од Законот, Управниот одбор на Фондот донесува статут и други општи акти на Фондот, а според членот 169 став 1 точка 2 од Законот со Статутот на Фондот покрај другото особено се уредува и начинот на остварување на правата од пензиското и инвалидското осигурување во согласност со законот.

Со оглед на тоа што Фондот има својство на правно лице и врши дејност од јавен интерс, Судот утврди дека не е во несогласност со Уставот надлежните органи на Фондот да донесуваат статут и други општи акти со кои ќе се уредат во согласност со Законот одредени организациони и други технички прашања за начинот на остварување на правата од пензиското и инвалидското осигурување.

Со Законот за пензиското и инвалидското осигурување односно со членовите 125 – 130 се утврдени критериумите за прашањата кои се однесуваат на стажот на осигурување со зголемено траење, а овластувањето на Фондот со општ акт да ја утврди постапката и степенот на зголемувањето на стажот на осигурување на тие работни места има уставна основа поради тоа што во Законот се утврдени критериумите кои поблиску се разработуваат со општ акт на Фондот, со што всушност Фондот е во функција на остварувањето на законските права, а не произлегува овластување Фондот да пропушува права кои не се предвидени во законот.

Со оглед на изнесеното Судот утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од Законот со Уставот на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски и д-р Бајрам Положани.

У.бр.11/2005
29 јуни 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply