93/2005-0-0

93/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 22 јуни 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на

а) Одлука за избор на кандидат по објавен оглас бр.0104-37/5 од 27 април 2005 година донесена од директорот на Затвор Штип со отворено одделение во Струмица – Штип.

б) Јавен оглас за вработување на неопределено време на командир во Службата за обезбедување – 1 извршител, објавен во дневниот весник “Утрински весник” на 4 мај 2005 година.

2. Методија Ѓорѓиев од Штип, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорените акти биле повредени членовите 9, 12 и 15 од Законот за работни односи, како и одредбите од Законот за организација и работа на органите на државната управа, без да се наведат децидно членовите од Законот. Имено, подносителот смета дека со огласот не било предвидено, ниту е постапено кон извршување на проверка на кандидатите за избор, со цел да се стекне целосен увид во способноста и квалитетот на кандидатите за вршење на работните задачи, како и за да се изврши увид во нивната материјално-финансиска состојба со цел да се почитува начелото на социјална праведност на граѓаните пред Уставот – член 1 и член 35 од Уставот. Подносителот на иницијативата, исто така, наведува дека оспорените акти биле во спротивност и со членовите 9 и 32 од Уставот, без да наведе во што се состои нивната несогласност.

3. Судот на седницата утврди дека Одлуката за избор на кандидат по објавен оглас бр.0104/37/2 од 27 април 2005 година, донесена од директорот на Затвор Штип со отворено одделение во Струмица – Штип, во членот 1 предвидува дека за работно место под реден број 1 “Командир во службата за обезбедување” е избран кандидатот: Дејан Стојан Герасимов од Штип, со адреса на живеење на Ул. “Широк Дол” бр.3г 5/8, роден на 24 октомври 1972 година. Во членот 2 се предвидува дека по конечноста на одлуката избраниот кандидат ќе добие решение за распоредување и ќе склучи договор за работа. На крајот од Одлуката дадена е правна поука дека незадоволните кандидати, согласно член 144 од Законот за работни односи и член 2 од Општиот колективен договор за нестопанството, како и член 23 од Законот за Владата на Република Македонија, можат да поднесат жалба преку Затворот Штип до Комисијата за решавање во втор степен при Владата на Република Македонија од областа на работните односи во рок од 15 дена од денот на известувањето. Одлуката е доставена до кандидатите и архивата.

Јавниот оглас за вработување на неопределено време на: еден командир во Службата за обезбедување и еден благајник – магационер во Извршно – управна финансиска служба, објавен на 4 мај 2005 година во дневниот весник “Утрински весник” ги содржи податоците за тоа кои општи и посебни услови пријавените кандидати треба да ги исполнуваат, како и тоа кои потребни документи треба да ги достават.

4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со уставот и законите.

Поаѓајќи од правните елементи кои го определуваат прописот, тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и да утврдува права и обврски на неопределен круг на субјекти во правото. Во случајов оспорената одлука нема карактер на пропис во смисла на уставната одредба и не може да биде предмет на уставносудска оцена.

Имено, од содржината на оспорената одлука произлегува дека со неа се врши избор на кандидат по објавен оглас, кој е поименично наведен во членот 1 од Одлуката. Оспорената одлука по својот карактер и содржина претставува конкретен – поединечен акт, истиот не е пропис и нема основа за мериторна оцена на оспорениот акт.

Оттука, Судот не може да се впушти во анализа на основаноста на наводите истакнати во иницијативата.

Според наведената уставна норма Уставниот суд не е надлежен да одлучува ниту за примената на законите и другите прописи и да ги оценува активностите и дејствијата на субјектите во правото за начинот на извршувањето и примената на законите и другите прописи.

Имено, од наводите во иницијативата јасно произлегува дека подносителот бара Уставниот суд да ја преиспита примената на прописите со кои се уредува изборот на кандидати за определени работни места во државните органи и органите на државната управа, конкретно во случајов преку оценка на активностите и дејствијата на Затвор Штип со отворено одделение во Струмица – Штип во спроведувањето на постапката за избор на кандидати за определени работни места по објавениот оглас од 4 мај 2005 година, за што Судот не е надлежен да одлучува.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Поаѓајќи од оценката дека оспорената одлука нема карактер на пропис, а истовремено Судот не е надлежен да ја преиспитува примената на прописите од страна на државните органи, согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Судот иницијативата ја отфрли.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.93/2005
22 јуни 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply