77/2005-0-0

77/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 15 јуни 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на
а) Одлуката за времена забрана за плаќање на купопродажна цена на деловен простор со акции што се стекнати по кој било основ од вработените во А.Д. Градски трговски центар – Скопје, донесена од Одборот на директори под бр.03-162/13 од 22 јануари 2003 година, и
б) Договорот за лизинг со клаузула за откуп склучен помеѓу А.Д. Градски трговски центар-Скопје и ТД Гриншоп ДООЕЛ-Скопје под бр.09-2859/1 од 22 мај 2002 година.
2. Перо Кржевски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение.
Според наводите од иницијативата првооспорениот акт бил спротивен на одредбите од Законот за трговските друштва и Статутот на А.Д. ГТЦ-Скопје, бидејќи според него актот требало да биде донесен од Собранието или Управниот одбор на Друштвото, а не од Одборот на директори.
Имено, поради вака донесената одлука подносителот на иницијативата бил спречен да ги продава неговите акции, а воедно и корисниците на деловен простор не можеле да купуваат деловен простор со акции, што не било случај пред да биде донесена Одлуката, со што се повредувало начелото на еднаквост на граѓаните утврдено во Уставот.
Во поткрепа на вака изнесените наводи се укажува на содржината на членот 17 од Договорот, кој воедно во уводниот дел од иницијативата се означува како второоспорен акт.
3. Судот на седницата утврди дека Одлуката за времена забрана за плаќање на купопродажна цена на деловен простор со акции што се стекнати по кој било основ од вработените во А.Д. Градски трговски центар – Скопје, содржи две одредби. Во член 1 од Одлуката е содржана забрана за плаќање на надомест на име купопродажна цена од договорите за лизинг со клаузула за откуп, како и плаќање на рати од истите договори, плаќање на купопродажна цена од договорите за купопродажба на деловен простор склучени со Друштвото и плаќање на надомест за комунални услуги, со акции што корисниците на лизинг или купувачите на деловен простор ги стекнале преку купопродажба или по друг основ од вработените во Друштвото. Во член 2 од Одлуката е наведено дека истата има времен карактер и ќе се применува до нејзино преиначување. Одлуката е донесена од Одборот на директори и е заведена под бр.03-162/13 од 22 јануари 2003 година.
Договорот за лизинг со клаузула за откуп, според неговата содржина и елементите што го чинат е договор за издавање на деловен простор под закуп. Истиот е склучен помеѓу А.Д. Градски трговски центар – Скопје и ТД Гриншоп ДООЕЛ-Скопје под бр.09-2859/1 од 22 мај 2002 година.
4. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.
Поаѓајќи од правните елементи што го определуваат прописот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и да утврдува права и обврски на неопределен број на субјекти во правото, Судот оцени дека во случајот оспорените акти немаат карактер на пропис во смисла на изнесената уставна одредба и не се подобни за уставносудска оцена.
Имено, од содржина на првооспорениот акт произлегува дека истиот не е пропис, туку интерен акт на конкретно Акционерско друштво со кој се определува режимот на трансакции со акциите издадени од него. Второоспорениот акт е конкретен договор за издавање на деловен простор под закуп склучен помеѓу две правни лица.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски,Махмут Јусуфи,Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 77/2005
15 јуни 2005 год.
С к о п ј е
л.а/

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply