Решение У.бр.18/1998 и У.бр.235/1997

У.бр.18/1998-1 и У.бр.235/1997-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 47 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 15 јуни 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување на уставноста на Законот за општата управна постапка (“Службен лист на ФНРЈ” бр. бр.52/1956 и “Службен лист на СФРЈ” бр. 10/1965, 4/1977, 11/1978, 9/1986 и 16/1986).

2. Уставниот суд на Република Македонија, постапувајќи по иницијативата на Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.18/1998 од 3 јули 2002 година поведе постапка за оценување на уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека на 3 јуни 2005 година влегол во сила новиот Закон за општата управна постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/2005).

Согласно член 301 од овој закон, со денот на неговото влегување во сила престанува да се применува Законот за општата управна постапка (“Службен лист на ФНРЈ” бр.52/1956 и “Службен лист на СФРЈ” бр.10/1965, 4/1977, 11/1978, 9/1986 и 16/1986) и престанува да важи Законот за изменување и дополнување на Законот за општата управна постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр.44/2002).

4. Согласно член 47 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Судот ќе ја запре постапката ако во текот на истата законот, другиот пропис или општ акт престанале да важат, а не наоѓа основи за оценување на нивната уставност, односно уставност и законитост во време на важењето.

Имајќи предвид дека со влегувањето во сила на Законот за општата управна постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/2005) престанал да се применува Законот за општата управна постапка (“Службен лист на ФНРЈ” бр.52/1956 и “Службен лист на СФРЈ” бр.10/1965, 4/1977, 11/1978 и 9/1986) и дека престанал да важи Законот за изменување и дополнување на Законот за општата управна постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр.42/2002), Судот оцени дека е исполнет условот од член 47 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за запирање на постапката за оценување на уставноста на оспорениот закон.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.18/1998
У.бр.235/1997
15 јуни 2005 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply