69/2005-0-0

69/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 15 јуни 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 2 став 1 алинеја 3 од Правилникот за условите, начинот и постапката за издавање лиценци за вршење на авто-такси превоз во град Скопје, донесен од Советот на град Скопје на 27 мај 1999 година (“Службен гласник на град Скопје” бр.10/1999 и 16/1999).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбата од Правилникот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорената одредба од Правилникот се вршело ограничување на слободите и правата на човекот и граѓанинот кои единствено можеле да бидат ограничени со Уставот на Република Македонија.

Имено, условот за добивање лиценца за вршење авто – такси превоз на патниците во градот Скопје кој бил предвиден во оспорената одредба од Правилникот, а кој предвидувал превозникот да не е осудуван за кривично дело загрозување на безбедноста на сообраќајот и против достоинството на личноста и моралот, немал основ во Законот за превоз во патниот сообраќај, па поради тоа со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одредба од Правилникот.

3. Судот на седницата утврди дека со Одлука У.бр.170/1999 од 19 април 2000 година го укинал членот 2 став 1 алинеја 2 и 3 и членот 9 од Правилникот за условите, начинот и постапката за издавање лиценци за вршење на авто – такси превоз во град Скопје, донесен од Советот на градот Скопје на 27 мај 1999 година, меѓутоа одредбата од членот 2 став 1 алинеја 3 од Правилникот повторно е предмет на оспорување со иницијатива пред овој Суд.

Според членот 110 став 1 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеја 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оглед на тоа што во случајов оспорената одредба од Правилникот за условите,начинот и постапката за издавање лиценци за вршење на авто-такси превоз во град Скопје веќе била предмет на оцена на Судот и е укината поради што таа не е во правниот поредок, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.69/2005
15 јуни 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply