45/2005-0-0

45/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 71 и 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 15 јуни 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 24 став 3 во делот

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата со оспорената законска одредба им се гарантирало правото на жалба на лицата кои поднеле пријава за склучување на брак, но со истата истовремено требало да се обезбеди двостепеност во одлучувањето по жалбата против решението донесено од страна на матичарот. Оттука, всушност произлегува дека подносителот не ја спори содржината на оспорената законска одредба, но истиот смета дека во истата треба да се даде и решение кој ќе одлучува по жалбата изјавена против решението на матичарот. Подносителот на иницијативата на Уставниот суд на Република Македонија му предлага да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот дел од членот 24 став 3 од Законот за семејството, а поради нарушување на начелото на двостепеност предвидено во член 15 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 24 од оспорениот закон е предвидено дека:

“Матичарот ќе провери, врз основа на изјавата на лицата кои сакаат да стапат во брак, а по потреба и на друг начин, дали постои законска пречка за склучување на бракот.

Матичарот е должен со решение да го одбие склучувањето на бракот, ако утврди дека според законот не е дозволено неговото склучување.

Против решението од ставот 2 на овој член, лицата кои поднеле пријава за склучување на брак може да поднесат жалба во рок од 8 дена од денот на приемот на решението до органот на управата надлежен за водењето на матичните книги”.

4. Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Имајќи го во вид фактот дека со иницијативата не се спори правото на жалба што го регулира оспорената одредба, туку од наводите во иницијативата произлегува дека со истата се бара да содржи решение кој да одлучува по жалбата, а притоа да се почитува начелото на двостепеност содржано во членот 15 од Уставот на Република Македонија, Судот утврди дека во конкретниов случај постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.45/2005
15 јуни 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply