215/2004-0-0

215/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 20 април 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за определување на бројот на регистри и контролни точки во министерствата, другите органи на државната управа и други државни органи бр.23-2894/1 од 16 ноември 2004 година, донесена од Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.82/2004).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата Владата на Република Македонија го донела оспорениот акт без предвидениот предлог на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, со што постапила спротивно на член 63 став 4 од Законот за класифицирани информации (“Службен весник на Република Македонија” бр.9/2004). Подносителот смета дека донесената Одлука не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и 4, член 51 и 88 од Уставот на Република Македонија, бидејќи и Владата на Република Македонија своите права и должности може да ги врши само врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Подносителот, исто така, смета дека Генералштабот на Армијата на Република Македонија не е државен орган согласно член 95 од Уставот и согласно Законот за организација и работа на органите на државната управа, туку и Постојаната мисија на Република Македонија при Европската Унија во Брисел, Постојаната мисија на Република Македонија при НАТО во Брисел (воен и политички дел) и Канцеларијата за врски на Република Македонија при Координативната ќелија на Партнерство за мир при Врховната команда на сојузничките сили во Европа во Монс, немаат карактер на државен орган, бидејќи истите не биле основани со закон, туку со подзаконски пропис со што се повредувал член 7 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.

Со оглед на наведените аргументи, според подносителот на иницијативата со оспорената Одлука се повредувал член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 51, член 88 и член 95 став 1 и 3 од Уставот на Република Македонија, како и член 63 став 4 од Законот за класифицирани информации, член 25 став 1 од Законот за одбрана и членовите 7, 11 и 12 од Законот за организација и работа на органите на државната управа. Врз основа на тоа, предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 1 од оспорената одлука се предвидува дека со оваа одлука се определува бројот на регистрите и контролните точки во министерствата, другите органи на државната управа и другите државни органи за заштита на класифицирани информации разменети помеѓу Република Македонија и странска држава или меѓународна организација.

Според членот 2 став 1 од оваа одлука по еден регистар на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации се определува во следните државни органи:

– Претседател на Република Македонија;
– Влада на Република Македонија;
– Министерство за одбрана;
– Министерство за внатрешни работи;
– Министерство за надворешни работи;
– Агенција за разузнавање;
– Генералштабот на Армијата на Република Македонија;
– Постојана мисија на Република Македонија при НАТО во Брисел, Белгија (воен дел);
– Канцеларија за врски на Република Македонија при Координативната ќелија на Партнерство за мир при Врховната команда на сојузничките сили во Европа во Монс, Белгија;

Според ставот 2 на членот 2 од Одлуката, по една контролна точка на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации се определува во следните државни органи:

– Министерство за правда;
– Министерство за финансии;
– Министерство за економија;
– Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство;
– Министерство за здравство;
– Министерство за образование и наука;
– Министерство за транспорт и врски;
– Министерство за животна средина и просторно планирање;
– Државен завод за статистика; и
– Постојана мисија на Република Македонија при НАТО во Брисел, Белгија (политички дел).

Согласно член 3 од Одлуката со денот на нејзиното влегување во сила, подрегистрите и контролните точки на Националниот безбедносен авторитет на Република Македонија во НАТО контекст востановени пред денот на влегувањето во сила на оваа одлука, продолжуваат да работат како регистри и контролни точки на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации согласно оваа одлука.

Според член 4, оваа одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

Оваа одлука на Владата на Република Македонија под бр.23-2894/1 од 16 ноември 2004 година е објавена во “Службен весник на Република Македонија” бр.82/2004 од 19 ноември 2004 година.

4. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Според член 51 од Уставот, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува уставот и законите.

Според член 88 од Уставот, кој е поместен во ИИИ глава со наслов “Организација на државната власт”, Владата на Република Македонија е носител на извршната власт. Своите права и должности Владата ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Според член 95 став 1 од Уставот, државната управа ја сочинуваат министерства и други органи на управата и организации утврдени со закон. Во ставот 3 од истиот член е предвидено дека организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Според член 1, со Законот за класифицирани информации се уредува класификацијата на информацииите, условите, критериумите, мерките и активностите што се преземаат за нивна заштита, правата, обврските и одговорностите на создавачите и корисниците на класифицирани информации, меѓународната размена, како и други прашања во врска со користењето на класифицирани информации.

Согласно член 2 од Законот, цел на овој закон е обезбедување на законито користење на класифицирани информации и оневозможување на секаков вид незаконски пристап до информациите.

Според член 3, пак, од истиот закон, овој закон се применува и за заштита на класифицирани информации примени од странски држави и меѓународни организации или создадени во меѓусебна соработка, доколку со ратификуваните меѓународни договори или со меѓународните договори на кои им пристапила Република Македонија поинаку не е уредено.

Во членот 4 од Законот, е предвидено дека за спроведување на утврдената политика за заштита на класифицираните информации и меѓународните стандарди, за реализирање на размената на класифицирани информации согласно со меѓународните договори, како и за вршење на други работи утврдени со овој закон, се основа Дирекција за безбедност на класифицирани информации.

Според член 62 став 1 Законот од Дирекцијата е самостоен орган на државната управа со својство на правно лице.

Според член 63 став 1 од овој Закон за вршење на работи од надлежност на Дирекцијата со странски класифицирани информации се воспоставуваат централен регистар, регистри и контролни точки. Според став 2 од истиот член централниот регистар на странски класифицирани информации се води во Дирекцијата, а регистри и контролни точки се водат во министерствата и други органи надржавната управа и други државни органи во кои што континуирано се внесуваат и евидентираат странски класифицирани информации.

Во став 3 од член 63 од Законот се предввидува дека од регистрите и контролните точки од ставот 1 на овој член се доставуваат информации потребни за извршување на работите на Дирекциијата и се врши размена на класифицирани информации со странство.

Според став 4 од член 63 од Законот, бројот на регистрите и контролните точки, на предлог на Дирекцијата, со одлука го определува Владата.

Тргнувајќи од изнесената уставна и законска регулатива произлегува дека Владата како носител на извршната власт, своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите. Имено, основна функција на Владата е извршување на законите и другите акти на Собранието. Токму во таа насока, Владата на Република Македонија ја донела оспорената одлука.

Од фактичката состојба утврдена во текот на претходната постапка, Судот утврди дека не може да се доведе под сомнение согласноста на оспорената одлука со член 8 став 1 алинеја 3 и 4, член 51 и член 88 од Уставот на кои се укажува во иницијативата, од причина што со сигурност се утврди фактот дека Владата на Република Македонија ја донела оспорената одлука по претходно доставен Предлог – одлука од Дирекцијата за класифицирани информации, како што и предвидува законската одредба. Оттука, Владата на Република Македонија во целост почитувајќи ја законската одредба, а во насока на извршување односно операционализација на истата, ја донела оспорената одлука. Според Судот со овој подзаконски акт не се повредени темелните вредности за поделба на власта на законодавна, извршна и судска, ниту нормите од Уставот со кои е утврдена положбата на органите на државната власт, поради што оваа одлука не е во несогласност со Уставот.

Оттука, во рамките на утврдените овластувања во член 63 став 4 од Законот, Владата на Република Македонија со оспорената одлука децидно го определила бројот на регистрите и контролните точки во државните органи кои се точно наведени во одлуката. Според Судот, наведувањето на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, Постојаната мисија на Република Македонија при Европската Унија, Постојаната мисија на Република Македонија при НАТО во Брисел, Канцеларијата за врски на Република Македонија при координативната комисија на Партнерството за мир при Врховната команда на сојузничките сили во Европа во Монс-Белгија, како органи на кои им се определуваат регистри, односно контролни точки не е во спротивност со членот 7 од Законот за организација и работа на органите на државната управа. Имено наведените органи по својот карактер не претставуваат посебни институции надвор од државните органи. Тие се дел од одредени државни органи и функционираат во рамките и за потребите на соодветните министерства како нивни посебни организациониоблици. Така, Генералштабот на Армијата на Република Македонија функционира во рамките на Министерството за одбрана, а останатите наведени организациони облици, делуваат во рамките на Министерството за надворешни работи. Потребата за нивно конкретно наведување во оспорената одлука се јавува како последица на спецификите кои се вршат во тие организациони облици, односно нивниот специфичен карактер на работење.

Имајќи го во вид наведеното, Судот оцени дека со оспорената одлука не се повредуваат член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 51, член 88 и член 95 став 1 и 3 од Уставот, во однос на кои се оспорува уставноста на оваа одлука, ниту пак се повредува членот 63 став 4 од Законот за класифицирани информации, членот 25 од Законот за одбрана, ниту Законот за организација и работа на органите на државната управа, поради што и не може да се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и законите.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.215/2004
20 април 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply