197/2004-0-0

197/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 13 и 14 април 2005 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за усвојување на урбанистичката документација за населено место Подмоље бр.07-351/11, донесена од Советот на општина Охрид на 9 јуни 1999 година.

2. СЕ СТАВА НАДВОР ОД СИЛА решението за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на Одлуката означена во точка 1 од оваа одлука.

3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.197/2004 година од 9 февруари 2005 година по иницијатива на Трговското друштво “Мацико” од Охрид преку полномошникот – Никола Мујоски од Охрид поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро.

5. Судот на седницата утврди дека оспорената одлука содржи три члена во кои се утврдува дека се усвојува урбанистичка документација за населеното место Подмоље (член 1), дека составен дел на оваа одлука е графичкиот приказ бр.03-152 изработен од Јавното претпријатие за просторно и урбанистичко планирање Скопје – Подружница во Охрид, извештај од јавната анкета (член 2) и се уредува влегувањето во сила на одлуката (член 3).

Во натамошната постапка Судот утврди дека изработувачот на планот Институт за урбанизам и архитектура “План” од Охрид има овластување за изработување на урбанистичките планови издадена од Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина бр.18-3265 од 19 мај 1998 година и дека носител на изработување на урбанистичката документација била дипл. инженер архитект Нада Манева која имала добиено лиценца бр.08-4045 од 22 декември 1997 година.

Од доставената документација Судот утврди дека по Нацрт-планот изготвен од Институтот за урбанизам и архитектура “План” од Охрид извршена е стручна ревизија од Јавното претпријатие за просторно и урбанистичко планирање Скопје – Подружница Охрид.

По спроведената стручна ревизија изработувачот на планот го прифатил Заклучокот од стручната ревизија со кој е предложено да се поведе постапка за донесување на урбанистичка документација и да се дополни со сите прилози согласно законот.

Врз основа на преземените дејствија, а согласно член 18 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање градоначалникот на општина Охрид на 19 февруари 1999 година, донел решение за спроведување на јавна анкета по нацрт урбанистичката документација која траела од 22 февруари 1999 година до 8 март 1999 година.

Нацрт-урбанистичката документација заради увид на граѓаните била истакната во Месната заедница односно во просториите на поранешна ЗЗ “Насте Настески” и по овој нацрт-план заиинтересираните граѓани и правни лица своите предлози и забелешки можеле да ги доставуваат на анкетни листови до организаторот на јавната анкета.

Од увидот извршен во извештајот од спроведената јавна анкета бр.451/5 од 14 мај 1999 година по нацрт урбанистичката документација за населеното место Подмоље, Судот утврди дека немало забелешки, приговори или барања на анкетни листови.

Од доставената документација исто така Судот утврди дека по однос на нацрт – урбанистичката документација за населено место Подмоље и други населени места, како и измени на одделни урбанистички планови во Охрид била одржана стручна консултација со претставници на заинтересирани органи и организации.

По спроведување на овие дејствија општината Охрид поднела барање до Министерството за урбанизам и градежништво за издавање на согласност за спроведување на урбанистичката документација за населено место Подмоље.

Министерството за урбанизам и градежништво на 1 септември 1999 година дало согласност за спроведување на Урбанистичката документација за населено место Подмоље Охрид бр.16-5848/3.

Во натамошната постапка Судот утврди дека Советот на општина Охрид во постапката која претходела на донесувањето на оспорениот акт не побарал мислење од органот надлежен за заштита на природните реткости согласно Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро.

6. Според член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштита и унапредувањето на животната средина и на природата.

Од анализата на наведената одредба произлегува дека основна задача на државата е воспоставување рамнотежа меѓу човекот и природата, меѓу економската и еколошката сфера

Оттука, развојот на економијата и индустријата не може да се одвива неконтролирано и до максимум без да се води сметка за последиците што од тоа произлегуваат за животната средина и природата. Имено, Судот смета дека станува збор за темелна вредност која има универзален карактер и како таква треба да биде предмет на заштита.

При оценување на законитоста на оспорената одлука Судот ги имаше предвид одредбите од Законот за просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/1996, 28/1997 и 18/1999) кои биле во важност во времето на нејзиното донесување, како и одредбите од Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро (“Службен весник на Република Македонија” бр.45/1977, 8/1980, 51/1988, 10/1990 и 62/1993).

Според член 2 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање, просторното и урбанистичкото планирање е континуиран процес кој се обезбедува со изработување, донесување и спроведување на просторните и урбанистичките планови кои меѓусебно се усогласуваат.

Во член 7 од наведениот закон, покрај другите видови на урбанистички планови е предвидена и урбанистичка документација за населено место во општината.

Според член 15 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање за изработување на плановите од член 7 на овој закон Владата на Република Македонија основа јавно претпријатие.

Дејноста на ова претпријатие опфаќа изработување на просторни планови, изработување на урбанистички планови, изработување на стручни анализи, студии и информации за состојбите на планирањето, мониторинг и контрола во спроведувањето на плановите, изработување на регулативи, нормативи и стандарди за планирање и изработување на услови за градба по барање на инвеститори и други заинтересирани правни и физички лица.

Во член 16, пак, од наведениот закон е предвидено дека изработување на урбанистички план, освен генерален урбанистички план, може да врши и организација, односно институција, овластена од Министерството надлежно за работите на урбанизмот. Овластување од став 1 на овој член може да добие организација, односно институција која во редовен работен однос има најмалку 3 (три) овластени лица со лиценца за изработка на урбанистички планови. Носител на изработување на урбанистички план може да биде дипломиран архитект кој поседува лиценца за вршење на оваа дејност и кој е должен во тимот да вклучи стручни лица од различни области со најмалку ВИИ1 степен на стручна подготовка.

Во членовите 17 и 18 од наведениот закон е утврдена постапката за донесување на урбанистички планови која се однесува и на постапкаа за донесување на урбанистичка документација за населено место.

Тргнувајќи од наведените законски одредби, според содржината на оспорената одлука, како и текот на постапката за донесување на урбанистичката документација за населено место Подмоље Судот утврди дека оспорената урбанистичка документација е донесена согласно Законот за просторното и урбанистичкото планирање.

7. Меѓутоа, имајќи ја предвид одредбата од член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот од која произлегува дека при уредување и хуманизација на просторот се бара почитување на законски прописи кои се однесуваат и на заштита и унапредување на животната средина и на природата, Судот оцени дека во постапката за донесување на урбанистички планови општините Охрид, Струга, Ресен и Дојран, треба да ги почитуваат и одредбите од Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро со кои овие езера како добро од општ интерес се споменици на природата и се под посебна заштита.

Согласно член 1 од Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро, Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро нивните води, крајбрежија, извори и водотеци, поради карактеристичните одбележја и природни убавини, геолошки, геоморфолошки, хидролошки, хидробиолошки, лимнолошки и други научни вредности, културно, естетско, образовно-воспитно, здравствено, рекреативно, туристичко и друго стопанско значење се прогласени за споменици на природата од особено значење за општествената заедница и се ставаат под посебна заштита.

За заштита на езерата како добра од општ интерес кои се користат за задоволување на општи и поединечни потреби, Законот предвидел низа превентивни и други мерки за заштита. Меѓу другите, во членот 7 став 1 алинеја 5 од Законот, се предвидува дека заради заштита на езерата се забранува внесување во езерата непречистени отпадни води од населените места и индустриските објекти.

Во членот 9 став 1 од Законот се предвидува дека градежни, хидромелиоративни, хортикултурни или други работи на крајбрежјата на езерата можат да се изведуваат само под услови и на начин утврдени со просторните планови на регионите, просторните планови на општините: Охрид, Струга, Ресен и Дојран, урбанистичките планови на населените места и урбанистичките планови на подрачјата со специјална намена, како и со прописите за спроведување на овие планови.

Согласно став 2 на членот 9 од истиот закон, плановите од став 1 на овој член се донесуваат по претходно прибавено мислење од Републичкиот завод за заштита на природните реткости.

Од анализата на наведените законски одредби произлегува дека езерата се споменици на природата од особено значење за општествената заедница и се под посебна заштита и истите не смеат да се загадуваат, меѓу другото, и со внесување на непречистена отпадна вода од населените места поради што произлегува и обврската при донесување на урбанистичките планови кои предвидуваат градежни, хидромелиоративни, хортикултурни или други работи на крајбрежијата на езерата, претходно да се прибави мислење од Републичкиот завод за заштита на природните реткости.

Имајќи предвид дека во конкретниов случај Советот на општина Охрид во постапката која претходела на донесување на оспорената урбанистичка документација не побарал мислење од органот надлежен за заштита на природните реткости, Судот оцени дека таа не е во согласност со Уставот и Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро.

8. Судот утврди дека не стојат наводите на доносителот на оспорената одлука изнесени во одговорот на решението за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука дека во времето на донесувањето на таа одлука не постоела обврска за прибавување на мислење. Ова затоа што обврската за прибавување на претходно мислење постоела како по донесување на Законот за изменување и дополнување на Законот за органите на управата (“Службен весник на Република Македонија” бр.63/1998) така и пред тоа. Претходното мислење според дотогашната регулатива го давал Заводот за заштита на природните реткости, а по измената – Министерството за екологија и животна средина. Во конкретниот случај неопходното претходно мислење ниту било побарано ниту било добиено.

9. Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.

10. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.197/2004
13 и 14 април 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply