207/2004-0-0

207/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 23 март 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 27 во делот “и начинот на плаќање” од Законот за комуналните дејности (“Службен весник на Република Македонија” бр.45/1997, 23/1999, 45/2002 и 16/2004).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на делот од членот 27 од законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата делот од оспорениот член 27 од Законот за комунални дејности “и начинот на плаќање” не бил во согласност со одредбата од член 33 од Уставот на Република Македонија. Имено, согласно член 33 од Уставот, секој бил должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон. Тоа значело дека самиот законодавец со закон морало да го утврди и начинот на плаќање на комуналните услуги, а не тоа да го препушти на управниот одбор на јавното претпријатие со подзаконски акти тоа прашање непосредно да го уредува со што се создавало различно уредување на овааа материја и хаос во практиката.

Поради тоа, смета подносителот на иницијативата со оспорениот дел од членот 27 од Законот за комунални дејности, се повредувале член 8 став 1 алинеи 3 и 4 и членовите 9, 33, 51, 68 став 1 алинеја 3, 144 став 4 од Уставот на Република Македонија, и бара да се поведе постапка за оценување на уставноста на член 27 во делот “и начинот на плаќање” од Законот за комунални дејности.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 27 од Законот за комуналните дејности висината на цената и начинот на плаќање на комуналните услуги, ја определува управниот одбор на јавното претпријатие, по претходна согласност на основачот.

4. Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 8 став 1 алинеи 3 и 4 темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се и владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Во членот 9 од Уставот е утврдено дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.

Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според членот 33 од Уставот секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Во членот 51 став 1 од Уставот е определено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, а во ставот 2 е утврдено дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот, Собранието на Република Македонија ги утврдува јавните давачки.

Согласно Амандманот ЏВИИ точката 1 со кој се заменува ставот 1 на членот 115 од Уставот на Република Македонија, во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.

Со Законот за комунални дејности (“Службен весник на Република Македонија” бр.45/1997, 23/1999, 45/2002 и 16/2004) се уредуваат основните услови и начинот на вршење на комуналните дејности, финансирањето на комуналните дејности и други прашања од значење за комуналните дејности (член 1 од Законот).

Согласно член 2 од овој закон, вршењето на комуналните дејности е од јавен интерес.

Според член 1 став 1 од Законот за јавните претпријатија (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/1996, 6/2002 и 40/2003) јавните претпријатија се основааат заради вршење на стопанските дејности од јавен интерес, а како дејности во членот 2, меѓу другите се утврдени и комуналните дејности.

Според членот 3 став 3 од истиот закон, општините и градот Скопје можат да основаат јавни претпријатија за вршење на одделни стопански дејности од јавен интерес во рамките на своите надлежности под услови и начин утврден со закон, а овие претпријатија, согласно ставот 5, се во сопственост на општината, односно градот Скопје.

Од наведените законски одредби произлегува дека комуналната дејност – снабдување на населението (правните и физичките лица) со вода ја вршат јавни претпријатија основани од општините, односно градот Скопје посебно за вршење на таа дејност, кои што како даватели на услугите се овластени да ја утврдуваат и висината и начинот на плаќањето на оваа комунална услуга и тоа по претходна согласност на основачот.

Според член 7 став 1 од Законот за комуналните дејности, општината, односно градот Скопје е должна да донесе одлука за комунален ред и мерки за нејзино спроведување. Во ставот 2 на овој член е утврдено дека под комунален ред во смисла на став 1 од овој член, се подразбира поблиско уредување на односите и начинот на вршење на комуналните дејности меѓу корисниците и давателите на услугите.

Според членот 15 од Законот за комуналните дејности, заради организирање и квалитетно вршење на комуналните дејности и стопанисување со објекти на комуналната инфраструктура од локален карактер, кои се протегаат или служат за давање на комунални услуги на подрачјето на една општина, општината може да основа јавно претпријатие доколку на нејзиното подрачје, за вршење на таква дејност, не постои јавно претпријатие.

Според оспорениот член 27 од овој закон, висината на цената и начинот на плаќање на комуналните услуги, ја определува управниот одбор на јавното претпријатие, по претходна согласност на основачот.

Согласно член 29 од Законот, плаќањето на комунални услуги се врши во следниве мерни единици: обработка и испорака на вода – ден/м3; производство и испорака на гас – ден/лит; производство и испорака на топлина – ден/м2, ден/џул; одведување и пречистување на отпадни води-ден/м3; јавен градски и приградски превоз – ден/патник; одржување на хигиена во градски и др. населби-ден/м2; одржување на хигиена во стопанството – ден/м2; собирање и транспортирање на комунален цврст отпад – ден/м2; обработка и депонирање на комунален цврст отпад – ден/тон; давање на погребални услуги – ден/погреб; одржување на пазари на големо и мало – ден/продажно место; одржување и подигање на зеленило – ден/м2; и вршење на оџачарска дејност – ден м1/ф.

По однос на наводите во иницијативата дека начинот на плаќање на комуналните услуги морало да се утврди со закон, а не тоа да се препушта на управниот одбор на јавното претпријатие со подзаконски акт тоа прашање непосредно да се уредува, Судот утврди дека во членот 29 од Законот за комуналните дејности се утврдени критериумите за начинот на плаќање на комуналните услуги, и тоа според посебни мерни единици.

Од содржината на членот 29 од Законот произлегува дека со оваа одредба се утврдени критериумите за начинот на плаќањето на комуналните дејности, а овластувањето на управниот одбор на јавното претпријатие да го определува и начинот на плаќање на комуналните услуги утврдено во членот 27 од Законот, според мислењето на Судот има уставна основа поради тоа што Законот содржи критериуми за определување на висината и начинот на плаќањето на комуналните услуги кои поблиску се уредуваат со акти на општината, не навлегувајќи во законодавната надлежност.

Притоа, законодавецот ги означил комуналните дејности од јавен интерес за општината, која, пак, е овластена поблиску да го уреди начинот на вршење на комуналните услуги преку јавното претпријатие за комунални дејности основано од општината.

Оттука, Судот утврди дека даденото законско овластување на општината да го уредува начинот на плаќање на комунални дејности претставува извршување на одредбите од Законот и тоа не значи навлегување во законодавната власт.

– Со оглед на изнесеното Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената законска одредба со Уставот.

5. Врз основа на изнесеното се одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.207/2004
23 март 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply