Решение У.бр.212/2004

У.бр.212/2004

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 16 февруари 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 4 од Одлуката за условите и постапката за прием во членство на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија на ново основани здруженија на пензионери, донесена од Собранието на Сојузот на 1 март 2004 година.

2. Абедин Шабани од Гостивар на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 4 од Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорениот член не бил во согласност со член 9 и 20 од Уставот, со член 5 став 2 и 3 и член 72 од Законот за здруженија на граѓаните и фондациите и со член 1, 2 и 3 од Статутот на Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија, затоа што со него се ограничувало правото на новооснованите здруженија на старосни и семејни пензионери да се здружат во Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија доколку такво здружение постои на подрачјето на единицата на локалната самоуправа.

3. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 4 од наведената одлука со која се пропишуваат условите и постапката за здружување на новоосновани здруженија на пензионери (старосни и семејни корисници на инвалидска пензија) е предвидено дека “Во Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија не може да биде примено ново основано здружение на старосни и семејни пензионери доколку такво постои на подрачјето на единицата на локалната самоуправа”.

4. Според член 110 алинеја 7 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за уставноста на програмите и статутите на политичките партии и на здруженијата на граѓаните.

Од наведената одредба произлегува дека Уставниот суд ја оценува само уставноста на програмите и статутите на здруженијата на граѓани, а не и одлуките и другите акти на здруженијата.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Со оглед на тоа што во конкретниов случај е оспорена одлука на здружение за која согласно наведената уставна одредба, Уставниот суд не е надлежен да одлучува Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.212/2004
16 февруари 2005 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply