54/2004-0-0

54/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 16 февруари 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на членовите 2 и 6 од Уредбата за начинот и постапката за отуѓување на градежното изградено земјиште сопственост на Република Македонија (” Службен весник на Република Македонија” бр.13/2003, 59/2003, 84/ 2003, 20/2004, 43/2004 и 69/2004).

2. Владимир Грековски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на одредбите од Уредбата означени во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата најпрво бараше Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 1, член 3 алинеја 1 и член 7 од Уредбата, за со дополнителен поднесок да прецизира дека бара поведување постапка за оценување на законитоста на членовите 2 и 6 од Уредбата.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорените одредби биле спротивни на член 13 став 1 и 4 од Законот за градежното земјиште, бидејќи оваа законска одредба се однесувала само на неизграденото градежно земјиште, а не и на изграденото градежно земјиште.

Инаку, несогласноста на оспорениот член 2 од Уредбата со наведената законска одредба, подносителот на иницијативата ја гледа во повеќекратно наплатување на купопродажна цена за градежното изградено земјиште.

3. Судот на седницата утврди дека според содржината на членот 2 од Уредбата за начинот и постапката за отуѓување на градежното изградено земјиште сопственост на Република Македонија, под градежно изградено земјиште во смисла на член 1 од оваа уредба се смета земјиштето кое претставува градежна парцела врз која е изграден – стекнат објект од траен карактер со правен основ, на кое право на користење и неспорно фактичко владение имаат физички и правни лица од член 1 од оваа уредба.

Според содржината на член 6 од Уредбата, градежното неизградено земјиште од член 1 на оваа уредба се отуѓува по пат на непосредно спогодување помеѓу Република Македонија и корисниците на земјиштето-сопственици на објектите изградени врз тоа земјиште.

4. Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 2 Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако веќе одлучувал за истата работа, а нема основи за поинакво одлучување.

Според член 13 став 1 од Законот за градежното земјиште, градежното земјиште во сопственост на Република Македонија може да се отуѓи, да се даде под концесија и под закуп. Во став 4 од истата одредба е определено дека начинот и постапката за отуѓување на земјиштето од став 1 на овој член преку јавно наддавање и со непосредна спогодба, давањето под закуп, висината на посебните трошоци и на постапките за отуѓување и давањето под закуп, како и висината на надоместокот ги пропишува Владата на Република Македонија.

Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр. 125/2003 од 8 и 9 октомври 2003 по повод иницијативата на Стојан Стојчевски од Скопје, не поведе постапка за оценување на законитоста на означената уредба. Според подносителот на иницијативата, оспорената уредба не била во согласност со Законот за градежното земјиште, бидејќи била донесена врз основа на член 13 од наведениот закон, а овој член не се однесувал за продажба на државното земјиште што е изградено и доделено на трајно користење. Одредбите од овој член како и членовите 11 до 41 од Законот се однесувале само на градежното земјиште во сопственост на Република Македонија што не е изградено и е во општа употреба.

По повод поднесената иницијатива, Судот заклучил дека по влегување во сила на Законот за градежното земјиште (“Службен весник на Република Македонија“ бр. 53/2001 и 97/2001), градежното земјиште од општествена сопственост поминало во сопственост на Република Македонија. Со влегувањето во сила на споенатиот Закон повеќе не се предвидува право на користење на градежно изградено земјиште и во истиот се утврдуваат условите и начинот на трансформација на правото на користење во право на сопственост или во право на долготраен закуп врз градежното земјиште, со тоа што, Уставниот суд со Одлука У.бр.172/2001 од 10 јули 2002 година ги укина членовите 51, 52, 53, 55, 66 став 1 во делот “и условите” и член 67 од Законот.

Во постапката по споменатата иницијатива за Судот не беше спорно дека Република Македонија, како сопственик и на ова земјиште, е слободна да ги определува условите и начинот на отуѓување од државна во приватна или друг вид сопственост. Тоа, пак, под кои услови и на кој начин и во каков вид постапка државата, како сопственик на ова земјиште, ќе го отуѓува е, исто така, нејзино право. Во рамките на ова нејзино право државата, со Законот за градежното земјиште се одлучила градежното земјиште на кое постои право на користење да го отуѓува под услови и постапка на т.н. трансформација на правото на користење во право на сопственост. Притоа, по донесувањето на интервентната Одлука на Уставниот суд како единствен член во кој се утврдени условите, начинот и постапката за отуѓување на градежното земјиште сопстве- ност на Република Македонија остана членот 13 од Законот (со исклучок на членот 50 кој се однесува за отуѓување, односно трансформацијата на правото на користење на поранешните сопственици). По однос на споменатата одредба, Судот сметал дека нема никакви пречки овој член од Законот да важи и да се применува и на отуѓувањето на изграденото градежно земјиште во сопственост на Република Македонија на кое физичките и правните лица стекнале право на користење, како затечена состојба.

Имајќи го предвид посебното овластување утврдено во членот 13 став 4 од Законот за градежното земјиште, Судот сметаше дека Владата на Република Македонија има право со свој пропис, каков што во конкретниот случај била оспорената уредба, да го уреди начинот, постапката и цената на отуѓувањето и на градежното изградено земјиште на кое физичките и правните лица се стекнале со право на користење, а за кое не беше спорно дека е земјиште во сопственост на Република Македонија.

Судот утврдил дека според оспорената уредба предмет на отуѓување може да биде само градежно изградено земјиште во сопствност на Република Македонија на кое физичките и домашните правни лица стекнале право на користење и дека отуѓувањето на ова земјиште се однесува само на сопствениците на објекти од траен карактер стекнати со правен основ – корисници на градежното изградено земјиште кои за правото на користење на земјиштето не платиле надомест, а не за оние кои платиле надомест. Притоа, самата Уредба не го третира прашањето во врска со основот по кој овие корисници го стекнале правото на користење на градежното изградено земјиште и дали тие своевремено имале или немале обврска за плаќање на надомест за стекнување на ова право. Во овој поглед единствено е битно дека според Уредбата сите корисници – сопственици на објекти кои сметаат дека имаат обврска за плаќање на овој надомест, а не го платиле, можат да поднесат барање до надлежниот орган (Министерството за финансии – Управа за имотно-правни работи) за отуѓување (купување) на градежното изградено земјиште на кое е изграден нивниот објект. Ова значи дека отуѓувањето на градежното изградено земјиште во сопственост на Републиката се заснова врз принципот на доброволност и идејата на Уредбата во крајна линија е да овозможи секој корисник по сопствено наоѓање да процени, односно да се определи дали ќе го купи или не ова земјиште. Судот заклучил дека Владата на Република Македонија, пропишувајќи дека градежното изградено земјиште во сопственост на Република Македонија на кое физичките и правните лица стекнале право на користење, а за кое не платиле надомест, се отуѓува врз основа на договор склучен по пат на непосредна спогодба и по цена утврдена во Прегледот кој е составен дел на Уредбата, не го надминала овластувањето утврдено во член 13 став 4 од Законот и дека со оспорената уредба, всушност, се врши разработување на наведените законски одредби, а во функција на нивно извршување што е, пак, во согласност и со членот 36 став 2 од Законот за Владата на Република Македонија.

5. Со оглед на тоа што веќе е одлучувано за согласноста на Уредбата во целина со член 13 став 1 и 4 од Законот за градежното земјиште, а со тоа и за согласноста на сега оспорените член 2 и член 6 од Уредбата, а нема основи за поинакво одлучување, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.54/2004
16 февруари 2005 год.
С к о п ј е
мл/л.а

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply