133/2004-0-1

133/2004-0-1

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 9 февруари 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членовите

2. Милица Панева и Јасминка Фришчиќ од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот за семејството означени во точката 1 од ова решение.

3. Според наводите во иницијативата оспорените членови не биле во согласност со Уставот и со меѓународните акти кои Република Македонија ги ратификувала и кои претставуваат дел од внатрешниот правен поредок.

4. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 4 став 2 од Законот е уредено дека Републиката обезбедува заштита на бракот и семејството од нарушени односи и насилство во бракот и семејството, а со оспорениот член 33-а од Законот се забранува секаков вид на насилство во бракот и семејството.

Според наводите во иницијативата оспорените одредби не биле во согласност со член 40 став 2 од Уставот и член 16 од Универзалната декларација за човековите права на ООН, затоа што законодавецот предвидел заштита само на бракот, а не и на вонбрачната заедница и притоа не изградил решенија како ќе се остварува заштитата на бракот.

Според член 40 став 1 од Уставот, Републиката обезбедува посебна грижа и заштита на семејството.

Според став 2 на овој член од Уставот правните односи во бракот, семејството и вонбрачната заедница се уредуваат со закон.

Според член 6 од Законот за семејството, бракот е со закон уредена заедница на живот на маж и жена во која се остваруваат интересите на брачните другари, семејството и општеството.

Односите на брачните другари се засноваат врз слободна одлука на мажот и жената да склучат брак, врз нивната рамноправност, меѓусебно почитување и заемно помагање.

Во членот 13 од наведениот закон заедницата на живот на маж и жена која не е заснована во согласност со одредбите на овој закон (вонбрачна заедница) и која траела најмалку една година е изедначена со брачната заедница во поглед на правото на меѓусебно издржување и имот стекнат за време на траење на таа заедница.

Понатаму, во делот од одредбите на Законот, со кои се уредуваат прашањата на семејното насилство, законодавецот не испуштил од вид дека семејното насилство, жртва на семејно насилство и извршител на семејно насилство може да биде и лице кое живее или живеело во вонбрачна заедница (членовите 94-б и 94-в од Законот).

Од анализата на наведените уставни и законски одредби како и од содржината на оспорените одредби јасно произлегува дека наводите во иницијативата се неосновани имајќи предвид дека законодавецот ја изедначува вонбрачната заедница со брачната заедница до одреден степен ако таа траела најмалку 1 година во поглед на издржувањето и во поглед на остварување на правото на имот стекнат за време на таа заедница, а во поглед на заштита од семејно насилство законодавецот воопшто не прави разлика дали во семејството маж и жена живеат во брачна или вонбрачна заедница.

Оттука, според мислењето на Судот не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби член 4 став 1 и член 33-а со Уставот, бидејќи Законот ги уредил прашањата за заштита на бракот и семејството, како и статусот на вонбрачната заедница, а со начинот на кој тоа го уредил не се повредуваат одредбите на член 40 од Уставот.

5. Во оспорениот член 14 став 2 од Законот е предвидено дека за работите кои се однесуваат на посвојувањето одлучува Комисија за засновање на посвојувањето при Министерството за труд и социјална политика.

Според наводите во иницијативата, оспорената одредба не била во согласност со член 91 став 1 алинеја 1, 5 и 6 од Уставот, затоа што Владата на Република Македонија ги утврдувала начелата на внатрешна организација и за работата на министерствата и другите органи. Со уредба на Владата на Република Македонија не била утврдена можност за основање на комисија која ќе ја именува министерот како што било во конкретниот случај.

Според член 95 став 1 од Уставот државната управа ја сочинуваат министерствата и други органи на управата и организации утврдени со закон.

Според член 5 точка 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, органите на државната управа можат да се основаат како министерства, други органи на државната управа и управни организации.

Според точката 3 на овој член други органи на државната управа според видот на организацијата и степенот на самостојноста можат да се основаат како самостојни органи или како органи во состав на министерството.

Според точка 4 од членот 5 од Законот, органи во состав на министерство можат да се основаат за вршење на определени управни, стручни и други работи од надлежност на министерството.

Имајќи ја предвид уставната одредба од член 95 од Уставот, како и одредбите од Законот за организација и работа на органите на државната управа произлегува дека со закон може да се основаат и други органи на управата како самостојни органи или како органи во состав на министерство.

Според тоа, Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од Законот со наведените уставни одредби имајќи предвид дека Комисијата за посвојување при Министерството за труд и социјална политика е основана со закон, а со цел за вршење на работи кои се во надлежност на наведеното министерство.

Оттука, ирелевантни се наводите во иницијативата дека оваа комисија не била утврдена со уредба на Владата и дека со тоа се повредувал Уставот. Напротив, Комисијата што е предмет на оспорената одредба, се основа врз овластување содржано во самиот Закон.

6. Судот утврди дека во членот 14-а од Законот е предвидено дека овластувањето за спроведување на извршување на решенијата на Центарот за социјална работа, службеното лице го докажува со легитимација.

Легитимацијата на службеното лице ја издава министерот за труд и социјална политика. Образецот на легитимацијата на службеното лице и начинот на нејзиното издавање го пропишува министерот за труд и социјална политика.

Подносителите на иницијативата сметаат дека со наведената одредба се повредувале членовите 15, 25, 40 став 3 и 51 од Уставот, затоа што со овластувањето за спроведување на извршување на решението се повредувал приватниот, личниот и семејниот живот, правото на родителите да се грижат и го воспитуваат детето и правото на жалба кога родителот не е задоволен од донесеното решение на Центарот.

Според член 40 став 3 од Уставот, Републиката обезбедува посебна заштита на децата без родители и деца без родителска грижа.

Според член 42 став 1 од Уставот, Републиката посебно ги заштитува мајчинството, децата и малолетните лица.

Според член 3 од Конвенцијата на правата на детето на ООН во активностите кои се однесуваат на децата од примарно значење се интересите на децата без оглед на тоа дали тоа го спроведуваат јавни или приватни институции на социјална заштита, судовите, административен орган или законодавните тела.

Според член 84 од Законот за семејството, Центарот за социјална работа врши надзор над вршењето на родителското право.

Центарот за социјална работа е должен да презема мерки заради заштита на личноста, правата и интересите на детето.

Центарот за социјална работа ако тоа го бараат интересите на детето може да донесе решение за постојан надзор над вршење на родителско право, решение со кое ќе го одземе детето од едниот и ќее го довери на чување на другиот родител, решение за ставање под старателство и други видови решенија.

Со цел за брзо и адекватно спроведување на донесените решенија, а во интерес на заштита на интересот на детето законодавецот го определил начинот на извршување на донесените решенија од страна на овластени лица. Според тоа спроведувањето на решението е обврска на родителите поради што законодавецот предвидел жалбена постапка во случајот кога еден од нив не е задоволен со решението. Неспроведувањето на решение подлежи на судска постапка.

Оттука, според Судот формалното донесување на одредени решенија без предвидување на начинот за нивно спроведување ја губи самата цел од донесување на таквите решенија, а со тоа се минимизира и улогата на Центарот за социјална работа во заштита на интересот на детето.

Тргнувајќи од наведеното, според мислењето на Судот, со предвиденото овластување за спроведување на решенијата на Центарот за социјална работа од страна на овластени лица не се доведува во прашање правото на личниот и семејниот живот, правото на родителот да се грижи за детето, ниту се доведува во прашање правото на жалба на лицето кое не е задоволно од решението на Центарот, поради што оспорената одредба не може да се подведе под сомнение во однос на уставните определби на кои се повикуваат подносителите на иницијативата.

7. Понтаму, Судот утврди дека во оспорениот член 46 став 2 од Законот е уредено дека детето има право да биде издржувано од своите родители, да биде згрижено, да биде заштитен неговиот живот и здравје, да биде оспособено за самостоен живот и работа, да му се обезбедат оптимални услови за негово воспитување, школување и стручно оспособување, зависно од условите на семејството.

Оспорената одредба, според подносителите на иницијативата, не била во согласност со член 40 став 3 од Уставот затоа што правото и должноста на родителот да се грижи за своето дете не можело да биде условено од материјалната положба и условите на родителите во семејството.

Според член 40 став 3 од Уставот родителите имаат право и должност да се грижат за издржување и воспитување на децата.

Во член 27 од Конвенцијата за правата на детето на ООН државите членки на секое дете му го признаваат правото на животен стандард, адекватен со физичкиот, менталниот, духовниот, моралниот и општествениот развој на детето. Понатаму, родителите (и) или други лица одговорни за детето првенствено се одговорни во рамките на своите способности и финансиска можност да обезбедат животни услови потребни за развој на детето. Државата членка во согласност со националните услови и со своите можности презема мерки за помош на родителите заради остварувањето на ова право.

Од наведеното произлегува дека родителите имаат право и должност за издржување и воспитување на децата, односно да обезбедат оптимални услови за воспитување, школување и осамостојување на своите деца во рамките на материјалните можности.

Поаѓајќи од фактот дека материјалните можности на сите родители објективно не се на такво ниво кое ќе овозможи сите деца да ги уживаат сите благодети што ги дава заедницата, државата според своите материјални можности дава помош и ги помага родителите и во случај на потреба преку програми и други инструменти обезбедува помош во поглед на исхраната, облеката и живеењето на детето.

Оттука, според мислењето на Судот, наводот во иницијативата според кој оспорената одредба не е во согласност со Уставот, затоа што обврската на родителите да се грижат за издржување на децата е условена од материјалните можности на семејството е неоснована, поради што не може да се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот.

Одредницата за зависноста на грижата за детето од условите на семејството, не значи лимитирање на таа грижа и од државата, туку содејство на државата во исполнувањето на нејзините социјални функции.

8. Судот, исто така, утврди дека во оспорениот член 47 став 3 од Законот е предвидено дека детето има право да одржува лични односи и непосредни контакти со родителот со кого не живее.

Според подносителите на иницијативата, оспорениот член не бил во согласност со член 22, 40 став 1 и 2 и 42 став 1 од Уставот, затоа што утврдивајќи го правото на детето на лични и непосредни контакти со родителот со кого не живее, законодавецот не давал можност за корекција на правото. Според нив, со утврдувањето на едно вакво право, фиктивно се задоволува дигнитетот на државата во обезбедување на ратификуваните и меѓународни документи, но во посебната заштита на детето не е постигнато обезбедување на правото на детото да одржува контакти со двајцата родители, а тоа особено кога родителите имаат непријателски односи.

Според член 40 став 1 и 2 од Уставот Републиката обезбедува посебна грижа и заштита на семејството, а правните односи во бракот, семејството и вонбрачната заедница се уредуваат со закон.

Согласно член 42 став 1 од Уставот, Републиката посебно ги заштитува мајчинството, децата и малолетните лица.

Имајќи ги предвид наведените уставни одредби според кои правните односи во бракот и семејството се уредуваат со закон, како и дека Републиката посебно ги заштитува децата, Судот оцени дека законодавецот во интерес на заштита на најдобрите интереси на детето предвидел право детето да одржува лични односи и непосредни контакти и со родителот со кого не живее.

Притоа, дали во практиката ова право се остварува на соодветен начин особено кога двајцата родители имаат непријателски односи е фактичко прашање за кое Судот не е надлежен да одлучува.

Не е јасен и наводот од иницијативата зошто оспорениот член не е во согласност со член 22 од Уставот, кој го уредува избирачкото право на граѓанинот.

Со оглед на наведеното, Судот оцени дека правото на лични односи и контакти на детето со родителот со кого не живее, содржано во оспорената одредба е во интерес на детето, како и на државата во остварувањето на заштитата на децата и со тоа не се повредува ниеден уставен принцип, поради што не го постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со Уставот.

9. Во натамошната постапка Судот утврди дека во член 48 став 1 од Законот е предвидено дека родителите имаат право и должност да ги застапуваат своите малолетни деца.

Во оспорениот член 48 став 2, пак, од Законот е предвидено дека детето има право да биде застапувано од своите родители и старатели.

Според наводите во иницијативата, оспорениот член не бил во согласност со член 22 и 40 став 3 од Уставот, затоа што утврдувањето на правото на детето да биде застапувано од своите родители или старатели не обезбедувало директно остварување на ова право од страна на малолетното дете, туку тоа се остварувало како што било утврдено во член 48 став 1 од Законот за семејството.

Согласно член 40 став 2 од Уставот, според кој правните односи во бракот, семејството и вонбрачната заедница се уредуваат со закон, во член 10 од Законот за семејството е предвидено дека родителското право престанува со полнолетството на детето или на друг начин предвиден со овој закон.

Полнолетството се стекнува со наполнување на 18 години живот кога полнолетното дете се здобива со деловна способност.

Својството на човекот да биде носител на права и обврски ја определува неговата правна способност што значи секој човек е носител на право и обврски и таа способност не е условена со возраста. Меѓутоа, за разлика од правната способност, кај деловната способност на физичкото лице, се бара од лицето способност да изрази правна релеватна волја да учествува во правниот промет, односно да биде способно самостојно да се грижи за себе, за своите права и обврски.

Оттука, деловна способност може да има лице кое е свесно, кое може да ги сфати своите постапки, да има развиена волја за да може да се однесува по неа. За таквата способност се бараат одредени услови, односно лицето да е здраво и да има одредена возраст.

Имајќи го предвид наведеното, според Законот за семејството деловната способност е дефинирана како способност лицето да изразува правно релевантна волја да учествува во правниот промет се здобива со наполнување на 18 годишна возраст. До наполнување на 18 годишна возраст лицето нема целосна деловна способност, па оттука, со одредбите од член 48 став 1 и 2 е предвидено право и обврска на родителот, од една страна и право на детето, од друга страна, во правниот промет до полнолетство, да биде застапувано од родителите.

Според тоа, Судот оцени дека оспорената одредба не може да се подведе под сомнение во однос на уставната одредба од член 40 став 3 и член 22 од Уставот, на кои подносителите се повикуваат.

10. Судот утврди дека според член 56 од Законот признавањето на татковството произведува правно дејство и се запишува во матичните книги на родените само ако со тоа се согласува мајката на детето која за тоа матичарот ја известува. Во оспорениот став 3 од овој член, е предвидено дека кога мајката не е жива или е исчезната, со непозната адреса или со ограничена или одземена деловна способност изјава дава старателот на детето со одобрение на Центарот за социјална работа.

Според подносителите на иницијативата оспорениот член не бил во согласност со членовите 9, 25, 98 став 1 и 2 и член 40 став 3 од Уставот, затоа што непознатата адреса на мајката и ограничената деловна способност на лицето не смеело да биде можност за признавање на таковството. Во интерес на обезбедување на најдобрите интереси на детето требало да се поведе постапка за пронаоѓање на родителот и докажување на неспорните факти.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување.

Според член 25 од Уставот на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на правото на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.

Според член 98 став 1 од Уставот, судската власт ја вршат судовите, а според ставот 2 на овој член, судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Имајќи ги предвид наведените уставни одредби наспроти оспорената одредба, според Судот, интенцијата на законодавецот е да ги заштити интересите на детето кое останало без родителска грижа и е ставено под старателство поради фактот што неговата мајка е изчезната, со непозната адреса или е со ограничена или одземена деловна способност, а притоа, за ова лице постои интерес да биде признато од страна на таткото.

Со цел да не дојде до изигрување и злоупотреба на оваа законска одредба, во членот 59 став 2 од Законот за семејството е предвидено дека лицето кое дало изјава за признавање на таковството, односно изјава за согласност за признавање на татковството може да бара поништување на изјавата, ако е тоа предизвикано со присилба или е дадено поради измама или во заблуда.

Оттука, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со наведените уставни одредби, имајќи предвид дека со неа не се оневозможува во судска постапка да се утврдат одредени факти, односно да се утврди дали на мајката ќе и биде одземена или и е одземена деловната способност или мајката е исчезната.

11. Судот, исто така, утврди дека според член 87 став 2 од Законот, Центарот за социјална работа може да донесе решение, со кое на родителот кој подолго од три месеци не давал издржување на детето, ќе му го ограничи правото да одржува лични односи и непосредни контакти со детето, се додека не ги изврши обврските спрема детето. Според ставот 3 од овој член, Центарот за социјална работа ќе донесе решение со кое на родителот кај кого детето не е доверено на чување и воспитување, ќе му го ограничи правото на одржување на лични односи и контакти со детето, доколку неоправдано повеќе од три пати непрекинато, не го почитувал решението на Центарот за социјална работа.

Центарот за социјална работа согласно став 4 од член 87 од Законот, може да донесе решение со кое ќе го даде детето на престој кај родителот на кого детето не му е доверено на чување и воспитување, одреден временски период, но не подолго од 15 дена, доколку повеќе од два пати едно по друго другиот родител неоправдано не го почитувал решението на Центарот за социјална работа. Според ставот 5 од овој член, Центарот за социјална работа ќе донесе решение со кое на родителот ќе му го ограничи правото на одржување на лични односи и контакти со детето или истите ќе му ги забрани за одреден временски период, но не подолго од шест месеци, доколку во рокот определен со решението не го вратил детето или го задржал подолго од времето определено во решението или го однел во непознат правец.

Согласно став 6 од член 87 од Законот, Центарот за социјална работа ќе донесе решение со кое времено ќе го довери детето на другиот родител, трето лице или ќе го смести во друго семејство или во соодветна установа, како последен избор, доколку има сознанија дека личните односи и непосредните контакти на детето се прекинати подолго од два месеци поради непостапување по решение на Центарот за социјална работа од страна на родителот кај кого детето е доверено или поради нарушени партнерски односи, кои штетно се одразуваат врз развојот на детето.

Според подносителите на иницијативата, оспорените одредби од член 87 од Законот не биле во согласност со член 40 став 3, член 42 став 1, член 54 став 1 и член 98 став 1 и 2 од Уставот, затоа што со даденото законско овластување на Центарот за социјална работа да презема мерки против родителот вклучувајќи го ограничувањето на личните односи и контакти, Законот го казнувал детето и му го одземал веќе даденото право. Воедно, тие сметаат дека законодавецот донесувајќи едно вакво решение наспроти инструментите на судовите во делот на постапките, се определил за апсолутно право на одлучување на Центарот за социјална работа со што се повредувале слободите на човекот, личноста, правото на двата родители и правото на детето.

Во согласност со член 40 став 3 од Уставот, родителите имаат право и должност да се грижат за издржување и воспитување на децата. Децата се должни да се грижат за старите и изнемоштени родители.

Според член 42 став 1 од Уставот, Републиката посебно го заштитува мајчинството, децата и малолетните лица.

Имајќи ја предвид обврската на државата да обезбеди посебна заштита на децата, како и тоа дека двајцата родители согласно законот имаат еднакви права и должности спрема своите деца, законодавецот со Законот за социјална заштита на Центарот за социјална работа му доверил вршење на одредени јавни овластувања (член 62) кои се однесуваат на решавање на работите утврдени со семејноправните прописи.

Според член 7 од Европската конвенција за правата на детето (“Службен весник на Република Македонија” бр.12/2002) во постапките во кои е засегнато дете, судскиот орган (во член 2 од Конвенцијата под терминот “судски орган” се подразбира “суд” или “административен орган” кој има исти овластувања) постапува итно за да се избегне секое непотребно одолговлекување, а исто така се применуваат процедури со кои се обезбедува брзо извршување на донесените одлуки. Во итни случаи судскиот орган има право доколку тоа е потребно да донесува одлуки кои се извршуваат веднаш.

Според член 8 од оваа конвенција, во постапките во кои е засегнато детето, судскиот орган има право да постапува по службена должност во случаи определени со домашното право кога благосостојбата на детето е во сериозна опасност.

Врз основа на наведеното може да се заклучи дека Центарот за социјална работа, како со домашното така и меѓународното право, има нагласено место во остварувањето на грижата на државата за развојот и посебната заштита на децата. Во таа смисла Центарот за социјална работа е овластен да донесува решенија согласно со утврдената надлежност и обврските во вршењето на надзорот над вршењето на родителското право, а во интерес на заштита на детето.

Притоа, со дадената можност на Центарот за социјална работа да донесува решенија кои се резултат на следење на состојбите во вршењето на родителското право не се задира во правото на едниот или другиот родител во постапката пред суд да ги оспорува решенијата за издршка, за доверување на децата и одземање на родителското право.

Овластувањата содржани во одредбите на член 87 од Законот, според мислењето на Судот, не значат ограничување на слободите и правата на човекот и граѓанинот, ограничување на родителските права, ниту, пак, ограничување на правата на детето, туку напротив со таквите овластувања се влијае на редовно и целосно остварување на обврските на родителот спрема детето, поради што не се постави прашањето за согласноста на оспорените законски одредби со Уставот.

12. Во натамошната постапка Судот утврди дека во членот 94 г став 1 од Законот за семејството е предвидено дека Центарот за социјална работа секогаш кога има сознанија дека во семејството се нарушени семејните односи или има семејно насилство сам или по барање на член на семејството презема мерки за заштита на семејството и лицата кои се жртва на семејното насилство.

Во оспорениот член 94 г став 4 точките 6 до 10 е предвидено дека Центарот за социјална работа секогаш кога има сознанија дека во семејството постои семејно насилство покрај другите ги презема и следните мерки: го известува органот за прогон; дава секаков вид на правна помош и застапување; поведува постапка пред надлежниот суд; по потреба поднесува барање до судот за изречување на привремена мерка за заштита и презема други мерки за кои ќе оцени дека се неопходни за решавање на проблемот.

Во оспорениот став 5 на овој член е предвидено дека Центарот за социјална работа ги презема мерките од став 4 на овој член кога извршител на семејното насилство е некое од лицата утврдени во членот 94-в на овој закон.

Во оспорениот член 94-д став 1 од Законот за семејството е предвидено дека Центарот за социјална работа ќе поднесе барање за изрекување на привремена мерка за заштита на семејното насилство до судот за малолетници и деловно неспособни лица секогаш кога родителот, старателот или законскиот застапник тоа нема да го сторат. Според ставот 2 на овој член, Центарот за социјална работа барањето од став 1 на овој член за полнолетни и деловно способни лица ќе го достави до судот само во согласност со жртвата на семејното насилство.

Во оспорениот член 94-ѓ од Законот е уредено дека Центарот за социјална работа кон барањето од член 94-д на овој закон доставува записник и извештај за преземените дејствија во кој може да даде и предлог за изрекување на привремена мерка со предлог на мерка.

Во оспорениот член 94-е став 1 од Законот е предвидено дека Центарот за социјална работа, доколку има сознанија дека се извршени дејствија од член 94-б на овој закон, поднесува барање до надлежниот суд за изречување на соодветна привремена мерка.

Во член 94-ж став 1 од Законот е предвидено дека предлог за изрекување на привремена мерка може да поднесе брачниот другар, родителите или децата или други лица кои живеат во брачна или вонбрачна заедница или заедничко домаќинство, поранешен брачен другар или лица кои се наоѓаат во блиски лични односи кон кои се преземени дејствија на семејно насилство без оглед на тоа дали е поднесена тужба во кривична постапка.

Во ставот 2 на овој член од Законот е предвидено дека родител, старател или законски застапник може да поднесе предлог во име на малолетно дете и лице со ограничена или одземена деловна способност, како и за лице над кое е продолжено родителското право. Во оспорениот став 3 на овој член е уредено дека предлогот од ставовите 1 и 2 на овој член лицата го доставуваат до Центарот за социјална работа определен според местото на живеење на жртвата на семејното насилство.

Според подносителите на иницијативата, оспорените одредби од Законот, не биле во согласност со членовите 25, 35, 40 став 1, 50 став 1, 54 став 1 и 98 став 1 и 2 од Уставот, затоа што било повредено правото на граѓанинот сам да се повика во заштита на слободите и правата пред судовите во постапка заснована врз начелото на приоритет и итност, со тоа што ова право со Законот било одредено граѓанинот да го остварува исклучиво преку Центарот за социјална работа.

Од анализа на одредбите од Законот за семејството кои се поместени во Главата ВИ-а “Нарушени односи и насилтво во бракот и семејството” произлегува дека законодавецот со цел да го заштити бракот и семејството од една појава која се повеќе се манифестира во општествената заедница предвидел низа мерки што може да ги презема Центарот за социјална работа и судот со цел да се спречи истото.

Имено, законодавецот предвидел дека Центарот секогаш кога има сознанија, било тоа да се негови лични или во соработка со граѓаните, правните лица и организации може сам или по барање на член на семејството да презема мерки за заштита на семејството и лицата кои се жртва на семејното насилство.

Воедно, законодавецот го овластил Центарот да поднесе барање за изрекување на привремена мерка до судот за малолетни и деловно неспособни лица ако тоа не го сторат родителот, старетелот или законскиот застапник, а доколку се работи за полнелтни и деловно способни лица, само со согласност на жртвата на семејното насилство.

Предлог за изрекување на привремена мерка од страна на судот можат да поднесат брачниот другар, родителите или децата или други лица кои живеат во брачна или вонбрачна заедница или заедничко домаќинство и други лица кои се наоѓаат во блиски лични односи кон кои се преземени дејствија на семејно насилство без оглед дали е поднесена тужба во кривична постапка. Притоа, предлогот за изрекување на привремена мерка лицата го доставуваат до надлежниот центар, кој го доставува истиот до судот.

Тргнувајќи од наведеното, според мислењето на Судот, во конкретниов случај мерките и активностите што со оспорените одредби се утврдени да ги презема Центарот за социјална работа се во интерес на детето, како и во спречување на семејно насилство и тие мерки во никој случај не значат ограничување на правото на судска заштита утврден со одредбата од член 50 од Уставот, според која секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија во постапка заснована врз начелото на приоритет и итност.

Кон таквото гледиште се наведува и фактот што од содржината на одредбата (94-ѓ став 3) не произлегува можност Центарот за социјална работа дискреционо да одлучи дали тој ќе го достави предлогот до судот или не. Тој секогаш е должен кога ќе добие предлог од засегнатата странка истиот да го достави до судот.

Според мислењето на Судот, интенцијата на законодавецот не била во насока да го ограничи правото на странката да поднесува предлози до судот во случај на семејно насилство, туку во насока Центарот секогаш да биде запознат за насилството во семејството и да презема соодветни превентивни и други мерки. Со таквите мерки кои се во интерес на заштита на детето и на спречување на семејно насилство, не се ограничуваат ничии права, поради што не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од членовите 94-г, 94-д, 94-ѓ, 94-е и 94-ж од Законот со одредбите на Уставот.

13. Судот, исто така, утврди дека во член 99 од Законот за семејството е предвидено дека посвоител, по правило, може да биде државјанин на Република Македонија.

По исклучок од став 1 на овој член, како посвоител може да се јави и лице кое е странски државјанин.

Во случаите од став 2 на овој член потребно е да се прибават извадоци од законот што се однесуваат на посвојувањето на земјата на посвоителите и други информации и докази за да се обезбедат најмалку еднакви или подобри услови за живот и развој на детето.

Посвојувањето на лицето од став 2 на овој член се заснова со согласност на Комисијата, а по предлог на Центарот за социјална работа.

Согласноста од став 4 на овој член од Законот ќе се издаде само ако детето не може да биде посвоено на територијата на Република Македонија.

Според подносителите на иницијативата, со давањето на можност детето да биде посвоено од странски државјанин се повредувало правото на детето да биде згрижено во државата чиј државјанин е, односно правото на државјанство заради тоа што не можело да биде посвоено на територијата на Република Македонија. Ова дотолку повеќе што за овој вид на посвојување не одлучувал орган на државната власт, туку тело формирано од страна на министерот. Според подносителите на иницијативата, овие одредби не биле во согласност со член 91 став 1 алинеја 1, 5 и 6 и член 118 од Уставот, како и со член 21 од Конвенцијата за правата на детето во ООН.

Според член 40 став 2 од Уставот правните односи во бракот, семејството и вонбрачната заедница се уредуваат со закон.

Во член 40 став 3 од Уставот, е утврдено дека Републиката им обезбедува посебна заштита на децата без родители и децата без родителска грижа.

Според член 42 став 1, пак, Републиката посебно ги заштитува мајчинството, децата и малолетните деца.

Според член 91 алинеја 1 и 5 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршување на законите и донесува прописи за извршување на законите.

Согласно член 118 од Уставот, меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.

Врз основа на уставното овластување, законодавецот со Законот за семејството го утврдил институтот посвојување како посебен облик на заштита на децата, а особено на децата без родители и без родителска грижа, при што утврдил дека посвоител може да биде и странски државјанин и тоа само по исклучок.

Според член 4 од Европската конвенција за посвојување на деца (“Службен весник на Република Македонија” бр.12/2002) посвојувањето ќе биде валидно единствено ако е одобрено од страна на судски или управен орган.

Според член 11 точка 2 од наведената конвенција губењето на државјанство кое би можело да резултира од посвојувањето треба да биде условено врз основа на поседување или стекнување на друго државјанство.

Според член 7 од Европската конвенција за државјанство (“Службен весник на Република Македонија” бр.13/2002) земјите потписнички не смеат да предвидат во своето внатрешно законодавство губење на нејзино државјанство по закон или на иницијатива на земјата потписничка освен во случаи на посвојување на дете ако детето стекнува или поседува странско државјанство на еден или двајца родители што го посвоиле.

Според член 8 од Конвенцијата за правата на детето државата членка се обврзува да го почитува правото на детето на зачувување на својот идентитет вклучувајќи го, покрај другото, и државјанството.

Во член 21 од наведената конвенција е предвидено дека државите членки кои го признаваат или дозволуваат системот на посвојување обезбедуваат најдобрите интереси на детето да бидат решавачки и обезбедуваат посвојувањето на детето да го одобрува само надлежен орган во согласност со односниот закон и процедурите и врз основа на сите релевантни и сигурни информации дека посвојувањето се дозволува со оглед на положбата на детето во врска со родителите, роднините и законските старетели и по потреба дека заинтересираните лица свесно дале согласност за посвојување врз основа на таков совет кој може да биде потребен. Понатаму во овој член е предвидено дека државите: признаваат дека меѓудржавното посвојување може да се смета како алтернативна можност за грижа на детето ако детето не може да се смести во друго семејство или да биде посвоено или само за него не може да се води грижа на адекватен начин во земјата на неговото потекло; дека обезбедуваат детето на кое се однесува меѓудржавното посвојување да ужива заштита и стандарди еднакви на оние што постојат во случај на посвојување во рамките на една држава; дека ги преземаат сите соодветни мерки сместувањето да нема во случај на меѓудржавно посвојување за последица неоправдана финансиска корист за оние кои учествуваат во тоа.

Од анализата на наведените уставни одредби, меѓународните договори кои Република Македонија ги ратификувала и кои претставуваат дел од внатрешниот правен поредок, како и од содржината на оспорената одредба произлегува дека во насока на остварување на најдобрите интереси на детето кое не е посвоено на територијата на Република Македонија е дадена алтернативна можност детето да биде посвоено од странски државјани и тоа посвојување го врши надлежен орган.

Притоа, според мислењето на Судот, со прибавување на извадоци од законите од државите чии државјани се појавуваат како посвоители и прибирањето на информации за посвоителот од страна на надлежен орган е со цел детето кое е посвоено да ужива заштита и стандарди ако не повисоки барем еднакви на оние кои би ги уживало кога посвојувањето би било на територијата на Републиката.

Покрај тоа, според Судот не стои ниту наводот од иницијативата дека поради тоа што не одлучувал државен орган, туку комисија се повредувал Уставот. Имено, Комисијата е легален и легитимен орган со јасно утврдени задачи во оваа сфера и со нејзините овластувања не се повредува Уставот.

Со оглед на наведеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од член 99 од Законот со наведените одредби од Уставот.

14. Понатаму, Судот утврди дека во член 103 од Законот за семејството е предвидено дека за посвојување е потребно согласност на двата родители, како и на посвоителот ако е постар од 12 години. Понатаму, во овој член се предвдени случаите кога не е потребна согласност на родителите во случај на посвојување. Меѓу другото, во оспорениот став 4 на овој член е уредено дека не е потребна согласност на родител на дете сместено во институција или во друго семејство, кој не пројавил интерес за детето повеќе од шест месеци од рокот во кој бил должен да го земе детето.

Според подносителите на иницијативата кои се повикуваат на член 40 став 1 и 3 и член 42 од Уставот, наведените уставни одредби барале почитување на личниот и семејниот живот и поведување постапка за пронаоѓање на родителите, докажување на негрижа за детето и преку судска постапка одземање на родителското право.

Имајќи ги предвид уставните одредби според кои Републиката ги заштитува децата и малолетните лица и уставното овластување според кое со закон се уредуваат прашања на посебна заштита на семејството, како и посвојувањето, а во насока на остварување најдобриот интерес на детето, со законот по правило за посвојување на дете е потребна согласност на родителите.

Обврска за согласност на родителите во случај на посвојување е утврдена и во член 5 од Европската конвенција за посвојување на децата при што надлежниот орган не смее да ја изостави согласноста на кое било од лицата предвидени во став 1 на овој член, освен во исклучителни случаи предвидени со закон.

Имајќи го предвид наведеното произлегува дека посвојувањето може да биде извршено и без согласност на лицата предвидени со закон и во исклучителни случаи.

Повикувањето на начелото на заштита на приватноста на личниот и семејниот живот во случај кога детето е оставено без родителска грижа и сместено во институција или друго семејство, а родителот за тоа во определен рок воопшто да не е заинтересиран за детето со цел да се онвозможи посвојување на тоа дете не е во согласност со концептот на законодавецот, кој се огледа во тоа државата со сите свои активности да ги заштитува интересите на детето.

Оттука, според мислењето на Судот оспорената одредба не може да се подведе под сомнение во однос на наведените уставни одредби и меѓународни документи, туку напротив таа е токму во насока на нивно реализирање, односно во изнаоѓање на можни решенија за заштита на интересите на детето, поради што Судот не го постави прашањето за нејзината согласност со Уставот.

15. Судот, исто така, утврди дека во делот на одредбите со кои е уредена постапката на засновање на посвојувањето (член 104 – 112 од Законот) помеѓу другото во оспорениот член 104-б е предвидено дека Центарот за социјална работа до кого е препратено барањето врши процена за подобноста на посвоителите и за мотивите на посвојувањето, преку континуирано следење на потенцијалните посвоители најмалку шест месеци, но не повеќе од една година и врз основа на наодот и мислењето на стручниот тим изготвува предлог за упис во регистарот на можни посвоители.

Според наводите во иницијативата оспорениот член не бил во согласност со членовите 25 и 26 од Уставот, затоа што се повредувало правото на приватност, личниот и семејниот живот, како и неповредливоста на домот поради должината на континираното следење на потенцијалните посвоители иако претходно доставиле соодветна документација врз основа на која го засноваат барањето за посвојување, што впрочем е услов за упис во регистарот на посвоители. Притоа, тоа не значело дека состојбата во семејството материјално и финансиски не можела да се промени до време на засновање на посвојувањето.

Според член 25 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот, а според член 26 став 1 од Уставот, се гарантира неповредливоста на домот.

Од анализата на одредбите од член 40, 41 и 42 од Уставот произлегува дека право е на законодавецот уредувајќи ги со закон односите во семејството, да ги утврди и прашањата што се однесуваат на потребните документи и дејствија кои се однесуваат на постапката за посвојување на деца, што ги презема надлежниот орган. Притоа, преку преземањето на тие мерки и активности не смее да биде загрозена приватноста, достоинството и угледот на личноста.

На наведената констатација упатува и член 8 од Конвенцијата за посвојување на децата според која надлежниот орган не смее да одобри посвојување доколку не се увери дека посвојувањето ќе биде во интерес на детето. Во секој случај надлежниот орган треба да посвети особено внимание посвојувачот да му обезбеди на детето стабилен и хармоничен дом.

Според член 9 од наведената Конвенција надлежниот орган не смее да одобри посвојување се додека не бидат извршени соодветни испрашувања во врска со посвојувачот на детето, на детето и неговото семејство, кое испрашување се однесува на личноста, здравјето и средствата на посвојувачот, податоци за неговиот дом и домаќинство и неговата способност да го одгледува детето, како и зошто посвојувачот сака да го посвои детето и др.

Притоа, овие испрашувања треба да се доверат на лица или орган кој што е признат за таа намена според законот од страна на судски или управен орган.

Во точка 4, пак, на овој член од Конвенцијата е предвидено дека одредбите од претходниот член не смеат да влијаат врз можноста или должноста на надлежниот орган да прибавува податоци или докази без разлика дали тие спаѓаат или не спаѓаат во прашањата кои надлежниот орган смета дека можат да бидат од корист.

Од наведеното според мислењето на Судот произлегува дека оспорената одредба не е во несогласност со Уставот и таа во суштина значи имплементирање на меѓународните документи кои Република Македонија ги ратификувала.

Со оглед на изнесеното Судот оцени дека не се основани наводите во иницијативата дека со оспорената одредба се повредувале правата на личниот и семејниот живот, домот како и должноста на Републиката да се грижи за социјалната заштита и сугурност на граѓаните. Имено, проверките што Центарот ги спроведува, а се со цел да се утврди подобноста на посвоителите и мотивите на посвојувањето, се спроведуваат во утврдена постапка и со строго определена намена, тие всушност зависат од лицето што е подложено на таквите проверки т.е. посвоителот и според тоа, таквите овластувања не се и не може да претставуваат негирање и загрозување на приватноста на личниот и семејниот живот, на достоинството и угледот на граѓанинот, како посвоител, дотолку повеќе што тие мерки се сведуваат во делот на заштита на интересот како на детето, така и на посвоителите.

Врз основа на наведеното, Судот не го постави прашањето за согласност на член 104-б од Законот со напред наведените одредби од Уставот.

16. Судот утврди дека во оспорениот член 104-ѓ став 1 од Законот е предвидено дека Центарот за социјална работа ги следи малолетните лица без родители и родителска грижа и дава предлог за упис во регистарот на можни посвоеници кој го доставува до Комисијата.

Според подносителите на иницијативата, оспорената одредба не била во согласност со член 40 став 1, 3 и 4 и член 42 од Уставот, затоа што се повредувало правото и должноста на родителите да се грижат за своите деца, правата на социјална заштита и правата на посебна заштита на децата без родители и родителска грижа.

Од анализата на одредбата од член 104-ѓ, како и од другите одредби од Законот кои се однесуваат на постапката за посвојување произлегува дека како за посвоителите, така и за посвоениците се води посебен регистар.

Уписот на децата како можни посвоеници е предмет на посебна постапка пред надлежен орган со докажување на негрижа на детето и преку постапка за одземање на родителското право заради обезбедување на најдобриот интерес на детето.

Уписот на потенцијалните посвоители и посвоеници се врши врз основа на наод и мислење од страна на стручен тим, поединци и лица во Центарот за социјална работа, кој се доставува до Комисијата.

Притоа, во регистарот на посвоеници се запишуваат малолетни лица без родители и родителска грижа за кои државата обезбедува посебна заштита.

Оттука, според мислењето на Судот, неосновани се наводите во иницијативата според кои со оспорениот член се повредувале правата на родителите и на децата, имајќи предвид дека уписот во регистарот на можни посвоеници се однесува на малолетни лица без родители и родителска грижа од страна на надлежен орган и врз основа на постојано следење на овие лица во смисла на тоа како тие се развиваат, поради што не го постави прашањето за согласноста на член 104-ѓ од Законот со одредбите на Уставот.

17. Судот, исто така, утврди дека во член 104-и од Законот е предвидено дека Комисијата по извршените работи од член 104-ѕ на овој закон донесува решение за сместување на детето во семејството на посвоителите и копии од списите на можните посвоители и посвоеникот, веднаш доставува до Центарот за социјална работа, надлежен според местото на живеење на можните посвоители.

Во оспорениот став 3 на овој член е предвидено дека сместувањето на детето од став 1 на овој член не може да биде пократко од шест месеци ни подолго од девет месеци.

Во оспорениот став 4 е предвидено дека Центарот за социјална работа е должен континуирано да го следи сместувањето на детето и секои три месеци да доставува извештај до Комисијата.

Во оспорениот став 5 на овој член, пак, е предвидено дека Комисијата може во рокот утврден во ставот 3 на овој член, секогаш кога ќе оцени за потребно да изврши проверка на семејството каде што е сместено детето.

Во оспорениот член 104-ј став 2 е предвидено дека Комисијата доколку од увидот во списите оцени дека предлогот на Центарот за социјална работа не е во интерес на детето, истиот може да го одбие или предметот да го врати на дополнување на постапката или да предложи други посвоители.

Според подносителите на иницијативата, со оспорените одредби од Законот се повредувале слободите и правата на човекот, правото на приватноста, личниот и семејниот живот на семејството на посвоителите кои во спроведување на постапката за посвојување се под постојан надзор.

Воедно, според нив се повредувале и основните права и слободи на децата со фактот што не се респектирала возраста и зрелоста на децата во случај на посвојување, како и последиците за психичкиот развој на децата и личноста со одбивањето на посвојувањето.

Имајќи ги предвид одредби од член 40, 41 и 42 од Уставот како што веќе претходно е наведено, произлегува дека право на законодавецот е да ги утврди сите дејствија што посвоителот на детето ги преземе во заштита на интересите на детето, а предвидувањето на адаптивниот период во кој детето треба со решение на Центарот да се смести во семејството на можни идни посвоители, е токму во насока на заштита на интересите на детето, кое треба да се прилагоди на условите во семејството, во кое ќе биде посвоено. Всушност, на таквата потреба во постапката за посвојување законот упатува и член 17 од Европската конвенција за посвојување на деца, според кој посвојувањето не смее да се одобри се додека детето не биде згрижено кај посвоителот за период кој што е доволно долг за да овозможи разумна процена од страна на надлежниот орган за нивните натамошни односи по одобрување на посвојувањето.

Притоа, со оваа Конвенција не е утврдена должината на периодот во кој детето треба, пред да биде посвоено, треба да биде згрижено во семејството на посвојување, ниту, пак, е предвидено дека секогаш кога детето ќе биде згрижено во семејството на посвоителот, мора да биде посвоено од тоа семејство.

Оттука, според мислењето на Судот, право е на законодавецот да го утврди адаптивниот период односно периодот во кој детето ќе се прилагоди на условите во семејството, па врз основа на сите релевантни факти и околности да одлучи дали ќе дојде до посвојување или не. Според тоа, со вака утврдената постапка за посвојување, Судот оцени дека не се повредени слободите и правата на човекот и граѓанинот, правото на приватноста, личниот и семејниот живот, поради што не го постави прашањето за согласноста на оспорените одредби на членовите 104-и и 104-ј од Законот со Уставот.

18. Судот утврди дека во оспорениот член 279-з од Законот за семејството е уредено дека со парична казна од 5.000 до 10.000 денари ќе се казни за сторен прекршок тој што нема да постапи согласно со обврската од член 94-г став 3 од Законот.

Со парична казна од 100.000 до 200.000 денари ќе се казни за сторен прекршок и правно лице што нема да постапи согласно со обврските од член 94-г став 3 на овој член од Законот.

Со парична казна од став 1 на овој член ќе се казни за прекршок и одговорно лице во правното лице од став 2 на овој член од Законот.

Според подносителите на иницијативата, со оспорените одредби се повредувал член 40 став 2 од Уставот, затоа што утврдувањето на казнени мерки во законот кој ги уредувал само правните односи, било излишно.

Со Законот за прекршоците е определно дека прекршок е против правно дело што со закон е определено како прекршок и чии обележја се определени со закон.

Од наведената одредба со која се дефинира поимот на прекршок произлегува дека прекршокот е поведение на сторителот со кое се извршува противправно дело, дека таквото поведение е противправно поведение кое со закон е прогласено за прекршок, дека е тоа виновно поведение на сторителот и дека тоа е казниво поведение.

Имајќи ги предвид наведените елементи на прекршокот како противправно дело, со оспорената одредба од Законот се санкционира одредено поведение на физичко и правно лице и одговорно лице во правното лице кое било должно без одлагање да го извести Центарот за социјална работа за семејно насилство или дека се нарушени семејните односи, а притоа лицето не го сторило тоа.

Поаѓајќи од фактот што со Законот за семејството се уредуваат прашања кои се однесуваат на семејното насилство и нарушени семејни односи, како и фактот што Републиката е должна да го заштити семејството како основна клетка на општествената заедница, Судот оцени дека со предвидувањето на прекршочни казни за одредени лица не е повреден член 40 став 2 од Уставот.

Друго е прашањето дали семејното насилство требало да биде уредено со Законот за семејството или со посебен закон.

Оттука, определбата на законодавецот во Законот за семејството да го уреди семејното насилство, како и да предвиди прекршочни санкции во оваа сфера не може да биде основ Судот да изрази сомнение за оправданоста од ваквиот начин на уредување на овие односи, па оттука и за оправданоста или неоправданоста на оспорената одредба.

Со оглед на наведеното, Судот не го постави прашањето за согласноста на член 279-з од Законот со одредбите на Уставот.

19. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

20. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.133/2004
9 февруари 2005 година
С к о п ј е
лк/сд

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply