30/2004-0-0

30/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 2 февруари 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 50 од Статутот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.50/1994, 34/1995, 46/1999, 10/2002, 5/2004, 23/2004 и 88/2004).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот за поведување постапка за оценување на согласноста на одредбата од Статутот означен во точката 1 од ова реше- ние со членот 429 став 1 точка 6 и членот 430 од Закон за трговските друштва (“Службен весник на Република Македонија” бр.28/1996, 7/1997, 21/1998, 37/1998, 63/1998, 39/1999, 81/ 1999, 37/2000, 31/ 2001, 50/2001, 6/2002, 61/2002, 4/2003, и 51/2003).

3. Виолета Коцева од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбата од Статутот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата и прецизирањето на иницијативата, врз основа на оспорената одредба, Фондот за пензинско и инвалидско осигурување на Македонија го условувал осигуреникот да приложи доказ за престанок на правното лице и ја прекинувал постапката за решавање на правата врз основа на преостанатата работна способност се до конечното решавање во стечајната постапка. Во тој период осигуреникот бил спречен од Фондот да обезбеди паричниот надоместок по основ на невработеност.

Со оспорената одредба се вршело ограничување на правата гарантирани во членот 32 и 34 од Уставот, а вака гарантираните права не можеле да се ограничуваат со закон или подзаконски акт.

Од друга страна, членот 61 став 2 од Законот за за пензинско и инвалидско осигурување уредувал дека Фондот обезбедувал средства за исплата на паричните надоместоци за инвалид на трудот со преостаната работна способност кога ќе му престане работниот однос поради престанок на правното лице поради стечај или ликвидација и тоа до неговото вработување.

Во член 429 став 1 точка 6 од Законот за трговските друштва било предвидено дека акционерското друштво престанува со спроведување на стечајната постапка, а според член 430 од истиот закон, ако одлуката за престанок ја донесува судот, таква одлука судот ја запишува по службена должност.

Оттаму, се поставувало прашањето дали со Статутот на Фондот може да се уредува прашање што се однесува на решавање по сила на закон, во случајот Законот за трговските друштва.

Инаку и покрај направеното прецизирање, Судот не можеше да согледа сосема јасни причини поради кои се бара поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одредба, а мотив за поднесување на иницијативата е сеуште неостварените права на паричен надоместок за инвалиди на трудот кои биле вработени во АД “Хемтекс” од Скопје. Од наведената хронологијата на преземените дејствија во врска со спроведување на стечајна постапка над наведеното правно лице произлегува дека вработените треба да ги остварат правата од член 61 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување со донесување на решението за заклучување на стечајната постапка и со бришење на должникот од трговскиот регистар. Во меѓувреме вработените остваруваат паричен надоместок според одредбите од Законот за вработување и осигу- рување по основ на невработеност.

4. Судот на седницата утврди дека според содржината на членот 50 од Статутот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија кога правата врз основа на преостанатата работна способност од ставот 3 на членот 61 од Законот се остваруваат во Фондот, кон барањето се прилага доказ за престанок на правното лице.

5. Согласно член 32 од Уставот на Република Македонија, секој има право на работа, слободен избор на враборување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на невработеност. Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место. Секој вработен има право на соодветна заработувачка.

Согласно член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Според содржината на член 61 став 2 од Законот за пензинско и инвалидско осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/1993, 3/1994-исправка, 14/1995, 71/1996, 32/1997, 24/2000, 96/2000, 5/2001-укинат, 50/2001, 85/2003, 50/2004 и 4/2005), правото на паричен надоместок од член 54 точка 4 и 5 на овој закон осигуреникот ги остварува во Фондот. Во членот 54 точка 4 и 5 е определено дека осигуреникот кај кого постои преостаната работна способност има право на надоместок на плата поради работа со скратено работно време (точка 4) и поради помала плата на друго работно место (точка 5).

Според член 429 став 1 точка 6 од Закон за трговските друштва (“Службен весник на Република Македонија” бр.28/1996, 7/1997, 21/1998, 37/1998, 63/1998, 39/1999, 81/1999, 37/2000, 31/2001, 50/2001, 6/2002, 61/2002, 4/2003, и 51/2003), акционерско друштво престанува, меѓу другото, со спроведување на стечајна постапка.

Од содржината на член 430 од истиот закон, меѓу другото произлегува дека во случај кога одлуката за престанок на друштвото ја донесува судот, таквата одлука судот ја запишува во трговскиот регистар по службена должност. Одлуката за престанок на друштвото се објавува во “Службен весник на Република Македонија”.

Согласно член 616 од Законот за трговските друштва (“Службен весник на Република Македонија” бр.28/2004), означениот закон, како и Законот за трговските друштва (“Службен весник на Република Македонија” бр. 58/2002, 98/2002, 42/2003 и 85/2003) престанаа да важат. Законот што сега е во примена влезе во сила на 8 мај 2004 година. Иницијативата и прецизирањето на иницијативата се поднесени во Судот пред да влезе во сила Законот за трговските друштва што сега е во примена.

Од цитираните уставни одредби произлегува дека Република Македонија е социјална држава во која Уставот го прокламирал и утврдил право на материјална обезбеденост за време на привремена невработеност, како начин за обезбедување на социјалната правда, а правото на социјална сигурност и социјално осигурување се утврдуваат со закон и со колективен договор. Меѓутоа, под кои услови, во кој обем, за кое времетраење и на кој начин ќе се остварува ова право не е домен на уставната регулатива. Тоа е препуштено на уредувањето со закон и со колективните договори.

Членот 61 став 2 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување уредува дека Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија е субјектот, односно органот пред кој се остварува правото на паричен надоместок.

Од анализата на содржината на оспорената одредба произлегува дека во неа не е содржано условување или пак ограничување на правата врз основа на преоста- ната работна способност со конечно решавање на започната стечајна постапка. Во оспорената одредбата не се доведува во прашање остварувањето на правата во Фондот или утврдување на нови права надвор од закон, туку само се утврдува начинот на остварување на тие права, односно техниката на остварувањето на тие права и не може да се прифати наводот од иницијативата дека со акт на Фондот се уредуваат прашања на остварување на права што можат да бидат предмет на уредување единствено со закон и со колективен договор.

Какви последици ќе настапат во случај работникот да не достави доказ за престанок на правното лице и дали во таков случај ќе оствари право на некој од законски предвидените парични надоместоци не се утврдува со оспорената статутарна одредба, ниту пак со членот 61 став 2 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување.

Оттука, анализата на оспорената статутарна одредба и наведената законска одредба, според Судот укажува на фактот дека со оспорената одредба само се разрабо- тува начинот на остварување на правото на паричен надоместок во постапката пред Фондот. Тоа значи дека оспорената одредба не содржи нова изворна регулатива што е во несогласност со членот 61 став 2 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување.

Имајќи предвид дека оспорената одредба не содржи ограничување ниту пак условување на предвиденото право на паричен надоместок и со истата се разработува начинот на остварување на правото на паричен надоместок во постапката пред Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија, според Судот не може да се постави прашањето за нејзината согласност со член 32 и 34 од Уставот на Република Македонија, како и со член 61 став 2 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување.

6. Согласно член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд е надлежен да одлучува за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Тргнувајќи од содржината на цитираните одредби, а по однос на наводот за несогласност на оспорената одредба со член 429 став 1 точка 6 и член 430 од Законот за трговските друштва што престана да важи, Судот утврди дека не се исполнети претпоставките за оцена на законитоста од овој аспект на иницијативата од причина што престанокот на важење на законот по однос на кој се бара оцена на согласност преставува процесна пречка за одлучување по иницијативата.

7. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положан, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.30/2004
2 февруари 2005 год.
С к о п ј е
мл

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply