198/2004-0-0

У.бр.198/2004

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 12 јануари 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Програмата и Оперативниот план за рационализација во областа на образованието и науката бр.04-2803/4 од 2 јуни 2004 година.

2. Сашо Цветановски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата Министерството за образование и наука врз основа на одлука на Владата на Република Македонија која била донесена на 10 февруари 2003 година за рационализација на јавната администрација преку прогласување на технолошки вишок од 4% во јавните институции и претпријатија подготвила Програма и Оперативен план за рационализација во образованието и науката.

Според наводите во иницијативата наведената Одлука на Владата на Република Македонија не била објавена во “Службен весник на Република Македонија”, иако според член 52 став 2 од Уставот на Република Македонија, законите и другите прописи се објавувале пред да влезат во сила, а според ставот 2 од членот 52 од Уставот, законите и другите прописи се објавувале во “Службен весник на Република Македонија” најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување.

Бидејќи Програмата и Оперативниот план за рационализација во образованието и науката својот правен основ го црпеле од Одлука на Владата на Република Македонија која не била објавена во “Службен весник на Република Македонија”, подносителот на иницијативата покренува иницијатива за поведување постапка за оценување на нивната уставност.

3. Судот на седница утврди дека со Програмата за рационализација во областа на образованието и науката се утврдуваат кадровски, структурни и организациони промени во сите јавни институции од областа на образованието и науката. Носител на оваа програма е Министерството за образование и наука.

Оперативниот план за реализација на Програмата за рационализација во образованието и науката во 2003 година е составен дел на оваа Програма.

4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето во иницијативата.

Подносителот на иницијативата ја оспорува уставноста на Програмата и Оперативниот план за реализација на програмата за рационализација во образованието и науката во 2003 година од причини што својот правен основ го црпеле од Одлука на Владата на Република Македонија која не била објавена во “Службен весник на Република Македонија”.

Владата на Република Македонија на седницата одржана на 10 февруари 2003 година донела заклучок да изврши рационализација на јавната администрација врз основа на кој Министерството за образование и наука ги дало и насоките за постапување по Одлука на Владата за рационализација на јавната администрација бр.07-1242/3 од 30 март 2004 година, кои насоки подносителот на иницијативата ги приложил кон иницијативата иако не ги оспорува.

Министерството за образование и наука оспорената Програма и Оперативниот план ги изготвиле согласно заклучоците на Владата на Република Македонија за рационализација на јавната администрација бр. 23-2490/1 од 4 јуни 2003 година и бр. 23-203/1 од 27 јануари 2004 година, а не како што се наведува во иницијативата согласно Одлука на Владата на Република Македонија од 10 февруари 2003 година.

Од содржината на Програмата и оперативниот план може да се заклучи дека истите претставуваат интерни акти и се во функција на реализација на заклучокот на Владата на Република Македонија за рационализација на јавната администрација во областа на образованието и науката.

Поаѓајќи од правните елементи кои го определуваат прописот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин, да утврдува права и обврски на неопределен круг на субјектите во правото, Судот утврди дека во конкретниот случај оспорениот акт нема карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија и не е подобен за уставно судска оценка.

Имајќи го предвид изнесеното Судот оцени дека оспорената програма и оперативниот план немаат нормативна содржина, односно нивната цел не е да се уредуваат некакви односи, ниту да се утврдуваат нови обврски кои не се утврдени со закон, туку имаат за цел единствена примена на постојните прописи, поради што не подлежат на уставно судска оценка.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумовски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.198/2004
12 јануари 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply