98/2004-0-0

У.бр.98/2004

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 29 декември 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 121 став 2 точка 16 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.62/2002, 98/2002 и 25/2003).

2. Здружението на граѓани – Центар за граѓански и човекови права Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Според наводите во иницијативата оспорената одредба од Законот не била во согласност со член 8, член 9 став 2, член 11, член 12, член 16, член 25 и член 54 став 4 од Уставот на Република Македонија, со членот 137 од Кривичниот законик, како и со членот 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, ратификувана од Собранието на Република Македонија. Во овој контекст во иницијативата се наведува дека хомосексуалноста е декриминализирана со Кривичниот законик од ноември 1996 година.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека оспорената одредба не била во согласност и со членот 13 на Договорот од Амстердам и со членовите 11 и 12 на Директивата за еднаквост при вработувањето на Европска унија, кои Република Македонија, како асоцијативна членка била обврзана да ги имплементира во своето законодавство, како дел од процесот на хармонизирање на законодавството со тоа на Унијата.

Поради тоа, во иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената законска одредба.

4. Судот на седницата утврди дека според членот 121 став 1 од Законот, военото лице е дисциплински одговорно за повреда на воената дисциплина.

Според ставот 2 од овој член од Законот, како повреда на воената дисциплина се смета постапување на воено лице што е спротивно на прописите за вршење на воената служба, наредбите и другите акти на надлежните старешини, а особено: одбивање или неизвршување наредба; несовесно и ненавремено извршување на должностите; одавање државна, деловна, службена или воена тајна, како и другите повреди на воената дисциплина утврдени во овој член, меѓу кои, во оспорената точка 16 е и сексуалната злоупотреба или хомосексуализмот.

5. Во членот 8 став 1 алинеите 1 и 11 од Уставот на Република Македонија, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се утврдени основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право.

Според членот 9 став 1 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Според ставот 2 од овој член, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Во членот 11 став 1 од Уставот е утврдено дека физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени, а според ставот 2 на овој член се забранува секој облик на мачење, нечовечко или понижувачко однесување и казнување.

Според член 12 став 1 и 2 од Уставот, слободата на човекот е неприкосновена и таа никому не може да му биде ограничена, освен со одлука на судот и во случаи и во постапка утврдена со закон.

Со членот 16 став 1 од Уставот, меѓу другото, се гарантира и слободата на уверувањето, совеста и мислата.

Со членот 25 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.

Во членот 54 став 1 од Уставот е утврдено дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот. Во ставот 2 на овој член се утврдува дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот, а според ставот 3 на овој член, ограничувањето не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.

Во членот 54 став 4 од Уставот се утврдени слободите и правата кои што воопшто не можат да се ограничуваат, а меѓу нив спаѓаат и слободата на уверувањето, совеста и мислата.

Од наведените уставни одредби произлегува дека со нив се гарантираат и заштитуваат основните лични слободи и права кои се однесуваат на приватната сфера од човековиот живот.

Овој вид на слободи и права на соодветен начин произлегуваат и се признати и во меѓународното право. Така, меѓу правата гарантирани со членот 8 став 1 и членот 9 став 1 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи се и правото на почитување на приватниот и семејниот живот, слободата на уверувањето и слободата на изразувањето. За одбележување е дека овие права и слободи, според ставот 2 на членовите 8 и 9 од Европската конвенција, може да се ограничуваат во согласност со закон и доколку е тоа неопходно во едно демократско општество во интерес на националната безбедност, јавната сигурност, здравјето или моралот или заштита на правата и слободите на другите.

Во однос на овие слободи и права, уставно утврдената еднаквост на сите граѓани пред Уставот и законите, всушност претставува обврска на законодавецот во законите да внесува одредби со кои ќе се обезбеди остварувањето на овие права и слободи да биде недискриминаторско, односно сите граѓани при нивното остварување да имаат еднаква можност и еднаков третман независно од полот, расата, уверувањето, потеклото и имотната или општествената положба. Забраната на дискриминација е утврдена и во членот 14 на Европската конвенција на кој член се повикува и подносителот на иницијативата.

При оценувањето дали со оспорената законска одредба се попречува некои од личните слободи и права утврдени во означените одредби од Уставот, Судот имаше предвид дека во конкретниот случај станува збор за одредба од Законот за служба во Армијата на Република Македонија, со кој според членот 1 на овој закон се уредуваат статусот, правата, должностите и одговорностите на лицата во служба на Армијата на Република Македонија, како и системот на плати и надоместоци на плати и други прашања во врска со службата во Армијата.

Според членот 2 став 1 од овој закон, под служба во Армијата, се смета вршење воени должности во Армијата, а согласно членот 3, служба во Армијата вршат воени и цивилни лица.

Воените лица служба во Армијата вршат со засновање на работен однос со Министерството за одбрана, со школување на Воената академија, односно стручно оспособување и усовршување за офицери и подофицери и со извршување воена обврска утврдена со закон (член 4 став 1 од Законот).

Според членот 25 став 1 од Законот, работен однос во Министерството за одбрана (како офицер, подофицер или професионален војник на служба во Армијата) може да заснова лице кое ги исполнува општите и посебните услови утврдени со овој закон. Во членот 25 од Законот се уредни следните општи услови за засновање на работен однос: лицето да е државјанин на Република Македонија, да е полнолетен, да има посебна здравствена и физичка способност потребни за вршење на служба во Армијата и да не му е изречена мерка на безбедност забрана на вршење професија, дејност или должност.

Освен правата и должностите, во Законот е утврдена и одговорноста на воените лица и тоа како материјална и дисциплинска одговорност.

Според членот 121 став 1 од Законот, военото лице е дискциплиснки одговорно за повреда на воената дисциплина. Согласно ставот 2 на овој член како повреда на воената дисциплина се смета постапување на воено лице што е спротивно на прописите за вршење на воената служба, наредбите и другите акти на надлежните старешини. Меѓу повредите на воената дисциплина кои таксативно се утврдени во овој член од Законот е и сексуалната злоупотреба или хомосексуализмот, утврдена во оспорената одредба од членот 121 од Законот.

Од наведените и другите одредби на Законот, произлегува дека законодавецот, тргнувајќи од уставно утврдената улога на вооружените сили на Република Македонија, како Армија на Република Македонија, да го штитат територијалниот интегритет и независноста на Републиката (член 122 од Уставот), а со оглед на значењето и специфичностите, вршењето на службата, односно на воените должности во Армијата со овој закон го уредил на посебен начин, утврдувајќи посебни права и обврски на воените лица, посебни услови за прием во служба на Армијата, посебни односи помеѓу претпоставените и потчинетите, а во тие рамки и посебни правила на однесување во вршењето на службата во Армијата.

Имајќи го предвид наведеното, а разгледувајќи ја оспорената законска одредба во контекст на целината на Законот за служба во Армијата на Република Македонија, според Судот јасно произлегува дека законодавецот со утврдувањето на сексуалната злоупотреба или хомосексуализмот посебно, како повреда на воената дисциплина, за која може да се изрече една од дисциплинските мерки предвидени во самиот Закон, не навлегува во личниот, односно приватниот живот на военото лице надвор од службата во Армијата кога тоа може слободно, без попречување од државата, да воспоставува какви било односи со други лица, вклучително и сексуални, зависно од неговата сексуална ориентација.

Напротив, забраната за сексуална злоупотреба или хомосексуализмот утврдени во оспорената одредба, претставуваат само едно од правилата на режимот на однесување на воените лица утврдени во Законот и подзаконските акти, кои што военото лице мора да ги почитува за време на вршење на службата во Армијата, а не надвор од службата. Предвидувајќи ја залоупотребата на сексуалноста и хомосексуалноста како дисциплинска повреда на военото лице за време на вршењето на службата во Армијата, е во функција на одговорно извршување на обврските на воените лица за јакнење на воената дисциплина, моралот и борбената готовност, остварувањето на одбраната на Републиката.

Ова особено, ако се има предвид дека во службата на Армијата на Република Македонија во најголем број се застапени лица од машки пол и дека системот на раководење и командување е заснован врз принципот на внатрешна хиерархија и субординација и односите во службата на Армијата се односи меѓу претпоставен и потчинет, поради што во услови на ваква специфична структура и организациона поставеност, хомосексуалната склоност може да биде и злоупотребена.

Според тоа, Судот смета дека оспорената законска одредба е во функција на заштита и на физичкиот и моралниот интегритет на другите лица во служба на Армијата на Република Македонија.

Со решението на оспорената законска одредба законодавецот воопшто не го повредува правото на приватност на военото лице од аспект на неговата сексуална определеност, туку предвидува дисциплинска одговорност која се злоупотребува сексуалноста или хомосексуалноста за време на вршење на воена служба, што и од аспект на член 11 од Уставот на Република Македонија и член 3 од Конвенцијата за заштитата на човековите права и основни слободи е оправдано, бидејќи физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени, а државата мора да забрани и санкционира секој облик на нечовечко и понижувачко однесување.

Во прилог на тоа дека правото на почитување на приватниот, односно личниот живот на поединецот не е апсолутно и дека тоа може да биде ограничено во определен обем се и одредбите од Европската Конвенција за заштита на човековите права и основните слободи и протоколите кон наведената Конвенција, според кои нема да постои никакво мешање од страна на јавната власт при остварувањето на правото на почитување на приватниот живот, освен во согласност со закон и доколку тоа претставува неопходна мерка која е во интерес на државната и јавната безбедност, економската благосостојба на земјата, заштита на здравјето и моралот или заштита на правата и слободите на другите во едно демократско општество.

Оттука, а со оглед на тоа што во конкретниот случај, со оспорената одредба преку принципот на пропорционалност, кој му припаѓа на владеењето на правото, е постигнат баланс меѓу правата на поединецот и интересот на државата за нејзината безбедност Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената законска одредба со Уставот.

При ваквата оценка Судот го имаше предвид и тоа дека системот на одбраната на Републиката, согласно Законот за одбрана и Законот за служба во Армијата на Република Македонија, според начинот на неговата организација и функционирање, неминовно вклучува одреден степен на ограничување на правото на личен, односно приватен живот на военото лице и тоа во повеќе негови сегменти, а не само во делот на сексуалниот живот. Ова особено се однесува за лицата што се наоѓаат на отслужување на воениот рок, што е и законска обврска. Имено, служењето на воениот рок во редовниот состав на Армијата на Република Македонија, каде што важат посебни правила за сместување, исхрана, за користење на слободното време, за средби и комуникации со лица надвор од Армијата и слично, само по себе значи ограничување на правото на приватен живот на војникот, кој што има статус на воено лице во смисла на Законот.

Во однос на наводите во иницијативата дека оспорената законска одредба не била во согласност и со членот 9 став 2 од Уставот поради дискриминација на граѓаните по основ на нивната сексуална ориентација, Судот смета дека и овие наводи се неосновани затоа што во конкретниот случај основ за дисциплинска одговорност е чинот на злоупотребата на сексуалноста и хомосексуалноста на военото лице во вршење на службата во Армијата, а не што тоа лице по сексуална ориентација е хомосексуалец. Дека е така зборува и фактот што хомосексуалноста, како сексуална ориентација, не е утврдена како посебна пречка поради која лицата – хомосексуалци не може да засноваат работен однос во служба на Армијата. Ова е уште еден аргумент поради кој Судот не го постави прашањето за согласноста на оспорената законска одредба со Уставот.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумовски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.98/2004
29 декември 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply