Решение У.бр.63/2003

У.бр.63/2003

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 и член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 29 декември 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за поведување постапка за оценување на уставноста на член 141 став 2 од Законот за парничната постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр.33/1998 и 44/2002).

2. Александар Гоџо адвокат од Охрид и Трајче Торов од Штип на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на член 141 став 2 од законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата на Александар Гоџо оспорената одредба не била во согласност со член 8 алинеја 3, член 50 и член 51 од Уставот, и била во спротивност со член 7 од Законот за судски такси и член 7 од Законот за судовите . Имено во иницијативата се наведува дека во Уставот и во законите никаде не се споменува дека разгледувањето на правата на граѓаните зависи од плаќање на определена такса. Постапувањето на определен државен орган по барање на странката не може да се условува со претходно плаќање на такса. Тоа претставува должност на државниот орган, дотолку повеќе што тие се финансираат од даноци кои ги плаќаат граѓаните. Во член 100 од Законот за судовите е предвидено дека средствата за работа на судовите се обезбедени со Републичкиот буџет. Тоа значи дека постапувањето на органот, во случајов судот, е врзано во рамки на член 50 од Уставот.

Поднесувањето на тужба или барање за утврдување на определени факти во согласност со Уставот и закон не може и не смее да се условува со плаќање на определен надомест, на кој начин се повредува начелото на владеење на правото.

Државата има инструменти како да ги наплати овие такси во текот и по завршувањето на постапката од странката, а не да се условува со плаќање на такса.

Од друга страна, пак, постои опасност оспорената одредба во практиката да создаде дискриминација во еднаквиот пристап на граѓаните пред судовите, така што странките што ја платиле таксата би добиле судење во рамките на тоа што значи судење во размен рок, а другите кои не би ја платиле не би добиле воопшто покани во законски предвидените рокови, а тоа особено се однесува во постапка по спорови од работните односи, по тужби поради смеќавање на посед, како и во постапки за одлучување по привремени и претходни мерки кои се итни, на кој начин се дерогира и начелото на итност во парничната постапка.

Понатаму, подносителот на иницијативата наведува дека во Законот за парничната постапка се предвидени инструменти за ослободување од плаќање на судски такси на лица кои не се во можност да ги поднесат судските трошоци, меѓутоа релативноста на поимите “материјална состојба”, “можност”, “тужбено барање” или “износ што се бара со тужба”, “вредност на спор”, при постоење на оспорената одредба само внесува конфузија и постои опасност судот при секоја иницирана постапка да се впушта во одлучување претходно за можноста или неможноста да се сносат трошоци што би се одразиле на ажурноста.

Подносителот на иницијативата Трајче Торов наведува дека оспорениот член од законот бил спротивен на членовите 8 став 1 алинеја 3 и 8, член 9, член 24 став 1, член 50 став 1, член 54 став 1 и 3, на Законот за судовите како и на член 6 од Европската конвенција за човековите права односно правото на судење во разумен рок.

Имено според подносителот на иницијативата граѓаните не смеат да бидат спречувани во остварување на нивните права пред судовите поаѓајќи само од фактот дали имаат пари или не а притоа не имајќи предвид дека судовите не се профитни комерцијални фирми ниту фискален орган, туку орган за заштита на правата и спроведување на законите.

3. Судот на седницата утврди дека во член 141 став 2 од Законот за парничната постапка е предвидено дека “судот нема да постапува по тужба ниту да превзема друго дејствие за кое не е платена судска такса”.

4. Судот, исто така, утврди дека ја оценувал уставноста на оспорената одредба од законот и со Решение У.бр.221/1998 и У.бр. 10/1999 од 24 февруари 1999 година не повел постапка за оценување на нејзината уставност.

Со ова решение Судот изразил став дека со оглед на фактот што обврската за плаќање на судски такси е востановена со Законот за судски такси, со оспорената одредба не се создава нееднаквост на граѓаните по основ на нивната имотна состојба при остварувањето и заштитата на со Устав утврдените слободи и права пред судовите, затоа што оваа одредба според својата формулација и нормативна содржина е единствена за сите граѓани и односот на судот спрема сите граѓани кои не ја платиле судската такса за тужба или друго дејствие што треба да го преземе судот, е еднаков без оглед на нивната имотна положба.

Судот, исто така, ги имал предвид и условите и начинот на ослободување од плаќање на судски такси во случај кога странката не е во состојба да ги плати, со што се обезбедува достапноста на судската заштита независно од материјалната состојба на граѓаните, поради што оценил дека членот 141 став 2 од Законот за парнична постапка не е во несогласност со Уставот.

Судот исто така ги имаше предвид и решенијата по предметот У.бр.52/1999 и У.бр.110/1999 со кои се отфрлени иницијативите за поведување постапка за оценување на уставноста на оспорениот член.

5. Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата, помеѓу другото, и ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

6. Со оглед на тоа што Судот веќе одлучувал за уставноста на оспорениот член од Законот, а не наоѓа основи за поинакво одлучување, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумовски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.63/2003
29 декември 2004 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply