47/2004-0-0

47/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 29 декември 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на точка 9 став 1 од потточката 9.3.14 “спортско-рекреативни центри” од Генералниот урбанистички план на град Скопје, донесен од Советот на градот Скопје со Одлука бр.09-1567/1 од 26 јуни 2002 година (“Службен гласник на град Скопје” бр.8/2002).

2. Имер Селмани од Сарај на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точка 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата со оспорениот дел од Генералниот урбанистички план на град Скопје, градот преземал дејствија за урбанистичко уредување на територија која не припаѓа под надлежност на градот Скопје, а тоа биле спортско-рекреативниот центар Сарај и Езерото Матка и дека истите биле територија на општина Сарај за која согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање и Законот за територијална поделба на Република Македонија право на просторот и усвојување на урбанистички план за територијата на општина Сарај исклучиво има Советот на општина Сарај.

Со оспорениот Генерален урбанистички план, се наведува понатаму во иницијативата, градот Скопје си ја проширил надлежноста во делот на урбанистичкото уредување на територија која законски влегувала во границите на општина Сарај, а кое нешто било утврдено со Законот за територијална поделба на Република Македонија и определување на подрачјата на единиците на локалната самоуправа од 1996 година.

Според подносителот на иницијативата оспорениот генерален урбанистички план бил спротивен на членовите 115 и 116 од Уставот на Република Македонија, Законот за територијална поделба на Република Македонија и определување на подрачјата на единиците на локалната самоуправа, како и на членовите 1, 2, 3, 9, 22 став 1 точка 1 и член 50 став 1 од Законот за локална самоуправа на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002).

3. Судот на седницата утврди дека во точката 9 градско зеленило, спорт и рекреација, став 1 од потточката 9.3.14 “спортско – рекреативни центри” од Генералниот урбанистички план на град Скопје е предвидено дека спортско-рекреативните центри се наоѓаат главно надвор од опфатот на планот, но со оглед на тоа што истите се во функција на градот, тие се третирани во планскиот период. Такви се спортско-рекреативните центри: Сарај, езерото Матка, Хиподром, Камник и езерото Треска.

4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а не постојат основи за поинакво одлучување.

Од причина што оспорениот дел од Генералниот урбанистички план на градот Скопје, бил предмет на оценување по однос на истите наводи како и во сега поднесената иницијатива Уставниот суд со Решение У.бр.29/2004 од 17 ноември 2004 година, ја отфрлил иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на точката 9 став 1 од потточката 9.3.14 “спортско-рекреативни центри” од Генералниот урбанистички план на град Скопје, донесен од Советот на градот Скопје со Одлука бр.09-1567/1 од 26 јуни 2002 година (“Службен гласник на град Скопје” бр.8/2002), бидејќи не е надлежен да одлучува за меѓусебната согласност на урбанистичките планови помеѓу градот Скопје и општините, Судот оцени дека и во конкретниов случај не постојат основи за поинакво одлучување. Според тоа, исполнети се условите Судот да ја отфрли иницијативата согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумовски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.47/2004
29 декември 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply