37/2004-0-0

37/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 29 декември 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 5 од Законот за основање на Државен универзитет во Тетово (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/2004).

2. Васко Костески од Битола на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 5 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорениот член 5 од Законот за основање на Државен универзитет во Тетово не бил во согласност со одредбите од члено-вите 8 став 1 точка 3, 44 став 2, 45 и 46 став 2 од Уставот на Република Македонија.

Во иницијативата се наведува дека зборовите “затекнати студенти од Универзитетот во Тетово, организиран како граѓанска иницијатива” биле неиздржани и директно биле во спротивност со членот 46 ставот 2 од Уставот, со кои било предвидено дека условите за основање, вршење и престанок на дејноста на Универзитетот се уредуваат со закон.

Имајќи го предвид фактот, се наведува понатаму во иницијативата, дека до донесувањето на оспорениот закон нема донесено некој друг закон за основање на друг Универзитет во Тетово не може да стане збор за некакви затекнати студенти, а уште помалку да стане збор за универзитет организиран како граѓанска иницијатива, што е непознато и спротивно и на членот 45 од Уставот каде е дадена можност дека “граѓаните имаат право, под услови утврдени со закон да основаат приватни образовни установи во сите степени на образование, освен во основното образование”. Одредбите од оспорениот член 5 од Законот го нарушуваат и принципот на достапност на секого под еднакви услови од член 44 став 2 од Уставот, така што одреден број граѓани се ставаат во привилегирана позиција во однос на најголемиот број граѓани кои примерно ја почитуваат и уставната и законската регулатива.

Според подносителот на иницијативата оспорените одредби од член 5 од Законот за основање на Државен универзитет во Тетово биле во спротивност со повеќе одредби од Уставот и истите дополнително го нарушуваат и владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Затоа, предлага Уставниот суд да ја прифати иниција-ти-вата за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 5 од Законот за основање на Државен универзитет во Тетово и истиот да го поништи како спротивен на Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека со членот 5 од Законот за основање на државен Универзитет во Тетово (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/2004), е предвидено дека статусот на затекнатите студенти од Универзитетот во Тетово, организиран како граѓанска иници-јатива, ќе се решава согласно со членот 198 од Законот за високото образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.64/2000 и 49/2003) и Статутот на Универзи-тетот.

4. Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Репуб-лика Македонија одлучува за сог-ласноста на законите со Уставот.

Според членот 8 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот, како и владеењето на правото.

Според член 44 став 1 од Уставот, секој има право на образование, а во ставот 2 е утврдено дека образованието е достапно на секого под еднакви услови.

Согласно член 45 од Уставот на Република Македонија граѓаните имаат право, под услови утврдени со закон, да основаат приватни образовни установи во сите степени на образованието, освен во основното образование.

Согласно член 46 од Уставот на универзитетот му се гарантира автономија. Според ставот 2 на овој член условите за основање, вршење и престанок на дејноста на универзитетот се уредуваат со закон.

Од наведените уставни одредби произлегува дека Уста-вот само ја гарантира автономијата на универзитетот, а при тоа не ја дефинира нејзината содржина, што укажува дека треба да се дефини-ра со закон.

Законот за основање на Државен универзитет во Тетово е донесен на 21 јануари 2004 година, и објавен во Службен весник на Република Македонија бр.8 на 23 февруари 2004 година.

Законот влегол во сила на 3 март 2004 година.

Според членот 1 од Законот се основа Државен универ-зитет во Тетово (во натамошниот текст: универзитет), како највисока автономна високообразовна, научна, односно уметничка установа, со следниве високообразовни установи во негов состав:

– Природно-математички факултет;
– Факултет за хуманистички науки и за уметности;
– Економски факултет;
– Правен факултет и
– Центар за политехнички студии, како висока стручна
школа.

Според член 2 став 1 од Законот универзитетот има својство на правно лице.

Според член 3 од законот подготовките за почеток со работа на универзитетот ќе ги врши матична комисија, а според ставот 2 на овој член членовите на матичната комисија ќе ги именува Владата на Република Македонија, на предлог на министерот надлежен за работите на високото образование.

Во ставот 3 од овој член е предвидено дека универзитетот ќе почне со работа веднаш по завршувањето на процедурата водена од страна на матичната комисија.

Согласно оспорениот член 5 од Законот статусот на затекнатите студенти од универзитетот во Тетово, организиран како граѓанска иницијатива, ќе се решава согласно со членот 198 од Законот за високото образование и Статутот на универзитетот.

Членот 198 од Законот за високото образование е помес-тен во главата четиринаесетта во преодните и завршните одредби, според кој лицата кои согласно со закон ги исполнувале условите за запишување за дипломски студии, а посетувале настава до влегува-њето во сила на овој закон, надвор од јавни високообразовни установи во различни форми на граѓански иницијативи во Република Македонија, организирани заклучно со 15 август 2000 година можат согласно со одредбите од овој закон и статутот на соодветната високообразовна установа:

– да ги продолжат своите студии на прва година од тие студии на соодветните високообразовни установи;

– да побараат проверка на своите знаења и врз основа на покажаните резултати да запишат студии на соодветната година или

– врз основа на покажаните резултати од проверката на стекнатото знаење да ги остварат другите свои права.

Согласно ставот 2 од овој член од Законот правата од ставот 1 на овој член се остваруваат на соодветните високообразовни установи согласно со одредбите на овој закон и нивните акти за внатрешна евалуација. Овие права можат да се остварат по лично барање, поднесено до соодветната високообразовна установа најдоцна до 31 декември 2005 година.

Од анализата на оспорениот член 5 од Законот за основање на Државен универзитет во Тетово, претставува дека тој член всушност упатува статусот на затекнатите студенти од универзитетот во Тетово, организиран како граѓанска иницијатива да се решава согласно членот 198 од Законот за високото образование.

Со оглед на тоа што оспорениот член 5 од Законот е упатна норма, која значи дека затекнатите студенти можат согласно одредбите од Законот за високото образование и статутот на соодветната високообразовна установа да ги продолжат своите студии на прва година од тие студии на соодветните високо-образов-ните установи, да побараат проверка на своите знаења и врз основа на покажаните резултати да запишат студии на соодветната година или врз основа на покажаните резултати од проверката на стекнатото знаење да ги остварат другите свои права, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од Законот со членовите 8 став 1 алинеја 3, 44 став 2, 45 и 46 став 2 од Уставот на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумовски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.37/2004
29 декември 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply