153/2004-0-0

153/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членот 28 алинеја 1 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 29 декември 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 63 од Законот за локална самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорениот член од Законот било предвидено дека за решавање на поединечните права, обврски и интереси на физичките и правните лица, градоначалникот донесува решенија, но не било предвидено кој орган одлучувал по евентуално поднесена жалба против првостепеното решение на градоначалникот.

Со оглед на тоа што оспорената законска одредба го исклучувала правото на жалба против решението на градоначалникот кое има карактер на управен акт, произлегувало дека оспорената одредба била во несогласност со членот 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 15 и член 51 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека Законот, во главата ВИИ – “Акти на органите на општините”, го предвидел членот 62 кој се однесува на прописите што Советот на општината ги донесува, и членот 63 кој се однесува на актите на градоначалникот на општината.

Во оспорениот член 63 од Законот, е предвидено дека за решавање на поединечните права, обврски и интереси на физичките и правните лица, градоначалникот донесува решенија.

4. Согласно членот 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот утврди дека нема надлежност да одлучува по иницијативата со која се оспорува членот 63 од Законот за локална самоуправа затоа што не регулирал прашања кои според подносителот на иницијативата требале да бидат регулирани, со оглед на тоа што Судот е надлежен да одлучува за она што оспорениот акт содржи, а не што би требало да содржи.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумовски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.153/2004
29 декември 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply