90/2004-0-0

90/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 29 септември 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 98 став 5 од Законот за основното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.47/1995, 24/1996, 34/1996, 35/1997, 82/1999, 29/2002, 40/2003 и 42/2003).

2. Сакип Велиу од Дебар на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 115 став 5 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, овој член од Законот за основното образование содржел дискреционо право на министерот за образование, затоа што му овозможувал да именува, а и да разрешува директори на основни училишта без да постојат правни основи и причини за разрешувањето, како што било во случај и со неговото предвремено разрешување од директор.

Поради ваквиот карактер на овластувањето на министерот, оспорената одредба од Законот не обезбедувала правна заштита и сигурност при вработувањето, односно со неа се ограничувале правата утврдени во членот 32 став 1 од Уставот. Поради тоа, во иницијативата се предлага таа, како противуставна да биде укината, а именувањето и разрешувањето на директорите на основните училишта да не се врши од страна на министерот, туку согласно пропишана процедура со закон и други акти.

3. Судот на седницата утврди дека членот 115 став 5 од Законот за основно образование, чија уставност се оспорува во иницијативата ниту во изворниот ни во пречистениот текст на Законот не одговара на содржината на која се укажува во иницијативата. Одредбата според која министерот за образование е овластен да го именува и разрешува директорот на основното училиште, а која фактички се оспорува со иницијативата е содржана во членот 98 став 5 од изворниот текст, односно во членот 111 став 5 од пречистениот текст на Законот.

Од тие причини како предмет на уставно судска оцена во постапката пред Судот се смета членот 98 став 5 од Законот за основното образование, а не член 115 став 5, кој што е наведен во иницијативата.

4. Судот на седницата утврди дека ставот 5 на член 98 од Законот во времето на поднесување на иницијативата гласел:

“Директорот на основното училиште се именува и разрешува од министерот. За именување на директор мислење дава Бирото за развој на образованието и училишниот одбор”.

Судот утврди дека во меѓувреме членот 98 во целост е изменет со членот 59 од Законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.63/2004). Според овие измени и дополнувања на Законот, директорот на основното училиште, наместо министерот за образование, го именува и разрешува градоначалникот на општината, согласно со овој закон (тоа е утврдено во ставот 10 од изменетиот член 98).

Судот, исто така, утврди дека според членот 79 од напред означениот закон, членот 59 и другите наведени членови во ставот 2 на членот 79 од овој закон, ќе се применуваат од денот на конституирањето на советите на општините и на градот Скопје и изборот на градоначалниците на општините и градоначалникот на градот Скопје по спроведувањето на првите наредни локални избори согласно со Законот за локалните избори (“Службен весник на Република Македонија” бр.46/1996, 12/2003, 35/2004, 52/2004 и 60/2004).

Тргнувајќи од тоа дека примената на членот 59 од Законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.63/2004) не е предвидена со денот на неговото влегување во сила, туку е пролонгирана до денот на конституирањето на советите на општините и градот Скопје и до изборот на градоначалниците по спроведувањето на првите наредни локални избори, според мислењето на Судот се дотогаш во примена и како дел од правниот поредок на Република Македонија останува и членот 98 од Законот пред неговите изменувања извршени со означениот закон. Поради тоа, Судот утврди дека во конкретниот случај не постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата во смисла на членот 28 од Деловникот, па затоа и се впушти во оцена на оспорениот став 5 од членот 98 од Законот, пред овие негови изменувања.

5. Според членот 8 алинеја 1 и 3 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, како и принципот на владеењето на правото.

Согласно член 32 став 1 и 2 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработувањето, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност, и секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место. Според ставот 5 на овој член од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.

Според членот 58 став 1 од Уставот, сопственоста и трудот се основа за управување и учество во одлучувањето, а според ставот 2, учеството во управувањето и одлучувањето во јавните установи и служби се уредува со закон и врз принципите на стручност и компетентност.

Согласно наведеното уставно овластување, управувањето и раководењето во основното училиште, кое се основа како јавна установа се уредени во посебна глава во Законот за основно образование (“Службен весник на Република Македонија” (“Службен весник на Република Македонија” бр.44/1995, 24/1996, 34/1996, 35/1997, 82/1999, 29/2002, 40/2003, 42/2003 и 63/2004). Во рамките на оваа глава е и членот 98, чиј став 5 се оспорува со оваа иницијатива. Според ставот 1 на овој член од Законот, директорот е раководен орган на основното училиште, а според ставот 2, за директор може да биде именувано лице кое покрај општите услови утврдени со закон ги исполнува и условите за учител, наставник, педагог или психолог и има пет години работно искуство во воспитно образовната дејност. Според ставот 3 на овој член мандатот на директорот трае четири години. Според оспорениот став 5 од овој член на Законот, директорот на основното училиште се именува и разрешува од министерот. За именување на директор мислење дава Бирото за развој на образованието и училишниот одбор.

Освен статусот и условите за именување на директорот, во членот 100 од Законот децидно се утврдени и случаите во кои директорот на основното училиште може да биде разрешен, со тоа што во овој член е предвидена можност тој да биде разрешен и во други случаи предвидени со закон.

Разгледувајќи ја оспорената законска одредба во однос на напред означените законски одредби во кои се утврдуваат постапката и условите под кои едно лице може да биде именувано за директор на основното училиште, како и во кои случаи директорот може да биде разрешен, според мислењето на Судот во конкретниот случај не станува збор за дискреционо право на министерот за образование, како што се тврди со иницијативата, со оглед на тоа што за неговото овластување утврдено во оспорената одредба законодавецот истовремено ги предвидел постапката и условите, односно случаите во кои министерот може да го користи тоа овластување. Тоа, со други зборови значи дека законското овластување на министерот за образование да именува и разрешува директор на основно училише не е неограничено, туку напротив тоа е дозволено само во постапка, под услови и во случаи утврдени во самиот закон. Сите овие елементи се доволна гаранција за заштита на правата на граѓаните од евентуално самоволно и арбитрерно одлучување на министерот при именување и разрешување на директор на основното училиште, на што тие имаат право според принципот на владеењето на правото, како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на членот 98 став 5 од Законот за основното образование со членот 8 алинеја 1 и 3 и членот 32 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.90/2003
29 септември 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply