40/2003-0-0

У.бр.40/2003

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 30 јуни 2004 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 5 став 1 точка 3, 4, 5 и 6 и став 2, член 6 став 1 точка 4, 6, 8 и 11 и став 2 и член 10 став 1 точка 2 од Законот за финансиската полиција (“Службен весник на Република Македонија” бр.55/2002).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива од Стамен Филипов од Скопје и по сопствена иницијатива, со Решение У.бр.40/2003 од 21 април 2004 година поведе постапка за оценување на уставноста на член 5 став 1 точка 3, 4, 5 и 6 и став 2, член 6 став 1 точка 4, 6, 8 и 11 и став 2 и член 10 став 1 точка 2 од законот означен во точката 1 на оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека со Законот за финансиската полиција се основа финансиската полиција и се уредува нејзината организација, надлежност и начинот на работа. Финансиската полиција е орган на државната управа во состав на Министерството за финансии основана со цел да се спречат нелегалните финасиски активности, односно да се активира борбата против корупцијата, а особено фискалната евазија како исклучително штетно и опасно криминално однесување. Токму во таа насока, во Законот за финансиската полиција се утврдени одредени надлежности со цел да бидат откриени прекршителите вклучени во одредени активности поврзани со даночно затајување, криумчарење или друг вид на кривични дела и прекршоци утврдени во Кривичниот законик, Законот за прекршоците и други закони. Меѓутоа, при утврдувањето на тие надлежности на овој орган, има повеќе непрецизности и недоречености со кои се отежнува остварувањето на основните начела утврдени со Уставот.

5. Судот имајќи го предвид наведеното утврди дека во членот 5 став 1 од Законот, покрај другите, предвидени работи што ги извршува финансиската полиција е утврдено дека таа врши истрага.

Имено, според точките 3, 4, 5 и 6 од став 1 на член 5 од Законот, финансиската полиција врши:

“Истраги против едно или повеќе лица за кои постои основано сомневање дека се вмешани во недозволени финансиски активности кои се против економските интереси на земјата во целина или на одредени сектори од стопанството, кои се организираат во земјата или се од меѓународен карактер и се во надлежност на Министерството за финансии;

Истраги во кои се вклучени физички лица или претпријатија кои се занимаваат со активности кои се во спротивност со постојните прописи за перење на пари, даноци или други видови финансиски криминал;

Истраги на финансиски криминал кој не може да се докаже непосредно со постојните докази и вклучува методи на посредно докажување, како на пример: трошоци, процена на вредности или постоење на банковни сметки и слично, кои се користат во случаи кога дел или целокупната финансиска документација на даночниот обврзник не постои, е уништена или поради друга причина недостапна;

Истраги во случаи кога постои сомневање за склучени договори од сомнителен карактер”.

Согласно член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се и владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законот. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со член 98 став 1 и 2 од Уставот е утврдено дека судската власт ја вршат судовите кои се самостојни и независни и судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Според став 5 од овој член од Уставот, видовите, надлежностите, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Поаѓајќи од наведените уставни одредби законодавецот со Законот за кривичната постапка ги уредил процесните правила и правно пропишаните форми на постапување на субјектите и учесниците во кривичната постапка со која се обезбедува уставното начело на презумпција на невиност.

Во функција на остварување на ова начело Законот за кривичната постапка го сообразил постапувањето на надлежните органи кои имаат задача да ги откриваат, гонат и судат сторителите на кривични дела.

Според овој закон, истрагата е стадиум во кривичната постапка во која овластените државни органи преземаат одредени процесни дејствија кога постои основано сомненние дека определено лице сторило кривично дело. Истрагата се спроведува по барање на јавниот обвинител кое се поднесува до истражниот судија на надлежниот суд.

Барањето за спроведување истрага се однесува на конкретно едно или повеќе лица за едно или повеќе дела со што се определуваат димензиите на субјективниот и објективниот идентитет помеѓу барањето на јавниот обвинител и истрагата.

Иако барањето за истрага на јавниот обвинител или овластениот тужител е процесна претпоставка, таа нема задолжителен карактер. Имено, истражниот судија е тој кој по приемот на барањето испитува дали постојат материјалноправни и процесноправни претпоставки за истрага, па врз основа на тоа донесува решение за спроведување на истрага, од кој момент се смета дека е започната кривичната постапка.

Истражниот судија по правило пред да донесе решение за спроведување на истрага го испитува лицето против кое се бара спроведување на истрага освен доколку постои околноста опасност од одлагање.

Од наведеното произлегува дека за да се преземат одделни дејствија, во секој случај, претходно треба да биде донесено решение за спроведување на истрага.

Во членот 153 од Законот за кривичната постапка е предвидено кога не се спроведува истрага ако за тоа се согласи истражниот судија, а на предлог на јавниот обвинител.

Истрагата ја спроведува истражниот судија при што одделни дејствија тој може да ги довери и на органите за внатрешни работи.

Имајќи го предвид наведеното може да се заклучи дека по донесување на решение за спроведување на истрага, истрагата ја спроведува истражниот судија и е одговорен за законитоста и ефикасноста на истражната постапка. Спроведувањето на истрагата е право и должност на истражниот судија кој одлучува за времето, местото и редоследот на преземање на истражните дејствија и не постои никаква процесна можност на истражниот судија да му се одреди начинот на постапување.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби и од одредбите на Законот за кривичната постапка со кои меѓу другото е уредено и прашањето на истрагата како процесно дејствие кое е во исклучива надлежност на суд, а имајќи ја предвид содржината на точките 3, 4, 5 и 6 од член 5 став 1 од Законот за финансиската полиција, според кои е дадено право на финансиската полиција да спроведува “истраги”, со што се доведува во прашање начелото на поделба на власта на законодавна, извршна и судска и начелото на владеење на правото, Судот оцени дека тие одредби не се во согласност со одредбите на Уставот.

6-а. Судот, исто така, утврди дека во член 6 став 1 точка 4 од Законот е предвидено дека финансиската полиција врши претресување на деловни простории на осомничениот и други простории, по сопствена оцена или по барање на Јавното обвинителство.

Според член 8 став 1 алинеја 1, 6 и 11 од Уставот како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се утврдени: основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, правната заштита на сопственоста и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право.

Според член 26 од Уставот се гарантира неповредливоста на домот.

Правото на неповредливост на домот може да биде ограничено единствено со судска одлука кога е во прашање откривање или спречување на кривично дело или заштита на здравјето на луѓето.

Поаѓајќи од значењето на домот како услов за живот и работа на човекот, неповредливоста на домот, Уставот ја гарантира на начин што неповредливоста може да биде ограничена само со одлука на суд и кога е во прашање откривање и спречување на кривично дело или заштита на здравјето.

Меѓутоа, имајќи го предвид фактот што Уставот од една страна предвидува максимална иако не апсолутна неповредливост на домот, а Законот за кривичната постапка во член 198, покрај другите истражни дејствија предвидува и претрес на дом и други простории на обвинетиот, Судот смета дека уставната гаранција за неповредливоста на домот треба да се протега и на неповредливоста на други простории.

Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека со претресувањето на деловните простории од страна на овластените лица на финансиската полиција без налог на судот се доведува во прашање начелото на неповредливоста на домот, поради што утврди дека член 6 став 1 точка 4 од Законот не се во согласност со одредбите на членовите 8 и 26 од Уставот.

6-б. Судот понатаму утврди дека во член 6 став 1 точка 6 од Законот е предвидено дека покрај другото, финансиската полиција при вршењето на своите надлежности има право да приведува лица кои се под истрага или ја попречуваат или оневозможуваат истрагата или постапката.

Според член 12 став 1 од Уставот, слободата на човекот е неприкосновена. Според став 2, никому не може да му биде ограничена слободата, освен со одлука на суд и во случаи и во постапка утврдена со закон, а според ставот 3 на овој член од Уставот лицето повикано, приведено или лишено од слобода мора веднаш да биде запознато со причините за неговото повикување, приведување или лишување од слобода и со неговите права утврдени со закон и од него не може да се бара изјава. Лицето има право на бранител во полициската и судската постапка.

Од наведената уставна одредба произлегува дека Уставот прокламирајќи ја неприкосновеноста на слободата на човекот како негово основно право, истовремено ги утврдува и основните услови и начинот на нејзиното ограничување, така што утврдува дека никому не може да му биде ограничена слободата, освен со одлука на судот и во случаи и во постапка утврдена со закон. Според тоа, нејзиното ограничување мора да се врши со строго почитување на законските, односно со закон пропишаните услови и постапка, со што се исклучува секакво самоволие на кој било орган. Посебна гаранција е надлежноста на судот како независен и самостоен орган кој одлучува за нејзиното ограничување.

Според тоа, граѓанинот може да биде лишен од слобода кога таквиот случај е предвиден со закон и кога за тоа постои одлука на судот за негово лишување од слобода.

Врз основа на наведеното, а имајќи ја предвид содржината на член 6 став 1 точка 6 од Законот, според која финансиската полиција може да приведе лица, што во суштина значи лишување од слобода, без почитување на уставните начела, Судот оцени дека оспорената одредба не е во согласност со член 12 од Уставот.

6-в. Понатаму, Судот утврди дека во член 6 став 1 точка 8 од Законот е предвидено дека финансиската полиција конфискува стока која е ставена во промет или се транспортира, кога не постои доказ за платени давачки и документација за потеклото на истата, а според точката 11 од овој член, финансиската полиција може да одзема електронски, механички или други апарати кои можат да содржат податоци, записници, други документи или друг вид информации кои се сметаат за потенцијални докази.

Според член 8 став 1 алинеја 3, 4 и 6 од Уставот темелни вредности на уставниот поредок се и владеењето на правото, поделбата на власта на законодавна, извршна и судска и правната заштита на сопственоста.

Прашањето на одземање на предмети што се употребени или што биле наменети за извршување на кривично дело како кривично правна санкција е уредено со Кривичниот законик и Законот за кривичната постапка.

Имено, во поголем број на законски норми од наведените закони е предвидено кога со пресудата со која обвинетиот е огласен за виновен, покрај предвидената казна затвор или парична казна судот ќе определи конфискација и мерка одземање на предмети, од што несомнено произлегува дека до конфискација и до одземање на предмети може да дојде исклучиво во судска постапка и врз основа на судска одлука.

Оттука, според мислењето на Судот во конкретниов случај, финансиската полиција може само времено да одземе предмети што биле употребени или наменети за извршување на кривично дело со цел тие да послужат како доказ во кривичната постапка, но неможе трајно да ги одземе предметите ниту, пак, да определи конфискација.

Тргнувајќи од наведеното, а имајќи ги предвид уставните одредби, одредбите од Кривичниот законик и Законот за кривичната постапка, како и содржината на член 6 став 1 точките 8 и 11 од Законот, според кои овластените лица на финансиската полиција можат да конфискуваат и одземаат предмети, според мислењето на Судот конфискацијата и одземањето на предметите значи трајно одземање на предмети што е во исклучива надлежност на судот.

Според мислењето на Судот, со тоа се повредуваат темелните вредности на уставниот поредок, поради што оцени дека овие одредби не се во согласност со одредбите од Уставот.

7. Понатаму, судот утврди дека во член 5 став 2 од Законот за финансиската полиција е предвидено министерот за финансии да донесе поблиски прописи со кои ќе ги определи критериумите од ставот 1 точка 2 на овој член и за критериумите на посредните методи на докажување на приходите од ставот 1 точка 5 на овој член.

Во членот 6 став 2, пак, од наведениот закон е предвидено дека министерот за финансии ќе донесе поблиски прописи за начинот и постапката за примена на одредбите од ставот 1 на овој член.

Според член 91 алинеја 5 од Уставот, Владата на Република Македонија, покрај другото, донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Во членот 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Од наведените уставни одредби произлегува дека нема уставна пречка министерот да донесува подзаконски прописи за извршување на законите. Меѓутоа, во услови на непрецизни и недоволно јасни решенија со кои се надминуваат уставните рамки на надлежностите на еден орган каков што е финансиската полиција, органот на државната управа, односно министерот за финансии не може да биде овластен да ги уредува таквите прашања.

Тоа дотолку повеќе, ако се има предвид содржината на одредбите од член 8 став 1 алинеја 3 и 4, член 98 став 1, 2 и 5 од Уставот како и содржината на член 5 став 2 и член 6 став 2 од Законот за финансиската полиција со која е дадено овластување на министерот за финансии да донесе поблиски прописи за начинот и постапката за примена на одделни одредби. Врз основа на наведеното, според мислењето на Судот, со наведеното законско овластување се засега во уредување на прашања од кривичната постапка како една од видовите на судските постапки која може да биде уредена само со закон и се отстапува од општиот принцип на поделба на власта на законодавна, извршна и судска, поради што оцени дека член 5 став 2 и член 6 став 2 од Законот не се во согласност со одредбите од Уставот.

8. Судот, исто така, утврди дека во член 10 став 1 точка 2 од Законот е предвидено дека финансиските полицијци во вршењето на службена задача можат да употребат огнено оружје за “да спречат бегање на превозно средство”.

Според член 8 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е едно од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 10 став 1 од Уставот, животот на човекот е неприкосновен, а според член 11 став 1 од Уставот, физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени.

Според член 12 став 1 од Уставот слободата на човекот е неприкосновена, а според став 2 од овој член, никому не може да му биде ограничена слободата освен со одлука на суд и во случаи и постапка утврдена со закон.

Според член 54 став 1 од Уставот слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, а според став 4 од овој член, ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста.

Според член 118 од Уставот, меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.

Според член 2 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, правото на живот на секој човек е заштитено со закон. Никој не може намерно да биде лишен од животот, освен со извршување на смртна казна изречена со судска пресуда со која е прогласен за виновен за кривично дело кое според законот се казнува со таква казна. Според точката 2 од наведениот член од Конвенцијата, се смета дека одредбите од овој член не се повредени доколку смртта настапила како резултат на апсолутна потребна употреба на сила:

а) во одбрана на секој поединец од незаконско насилство;
б) при апсење според закон или спречување на бегство на лице уапсено врз основа на закон; и
ц) при законско спречување на немир или бунт.

Од наведените уставни одредби и означената конвенција произлегува дека неприкосновеноста на животот на човекот и неговиот физички и морален интегритет се негово основно и суштествено право, кое е реална основа за остварување на другите негови основни слободи и права. Таквиот карактер на ова право е потврда на општоприфатените светски стандарди за правата и слободите на човекот и граѓанинот и потврда на хуманиот однос спрема човекот како личност и активен чинител во севкупното дејствување во општеството во сопствен и во интерес на заедницата во која живее. Остварувањето на таквото право не може да биде на штета на истото такво право на другите лица. Поаѓајќи од таквата основа, секое општество вклучително и нашето, го задржува правото на употреба на апсолутно потребна сила на начин утврден со закон.

Доделувањето на специфичната власт на полицијата да користи средства на присилба треба да се бара во компромисот што треба да се воспостави меѓу слободата и безбедноста и одржувањето на балансот меѓу контролата на криминалот, како јавен интерес и почитување на правата и слободите на човекот.

Прашањето на балансот упатува на заеднички интерес на заедницата да се заштити од криминалот и на интересот на поединецот да се заштити од можноста системот да профункционира на негова штета.

Во услови на постојан подем на криминалитетот како во формите на своето појавување, така и во средствата на своето извршување, нужно се наметнува употребата на сила, доколку за тоа постојат услови, односно доколку се очекува овластеното лице да се соочи со лице кое е вооружено и опасно и не може да го совлада без да употреби оружје. Во спротивно овластеното службено лице непотребно би било изложено на ризик.

Оттука, може да се заклучи дека не секогаш примената на сила од страна на полицијата односно од финансиската полиција значи повреда на правото на слободата, а особено не тогаш кога било нужно со оглед на околностите да се спречи некое злосторство или да се одбие од себе или од друг истовремен противправен напад.

Употребата на максимална сила е непожелна во секое демократско општество што треба да подразбере дека и кај најекстремните случаи на криминално однесување не смее да се наметне концептот на располагање со максимална сила од страна на полицијата, односно на финансиската полиција.

Имено, правото на употреба на силата е оправдана само доколку е применета да отстрани зло поголемо од неа самата, односно тоа како средство на присилно спроведување на правото е дозволено во мера и обем која соодветствува на целите кои сакаат да се постигнат.

Тргнувајќи од наведеното, Судот смета дека оспорената одредба според која финансиските полицајци можат да употребат огнено оружје за да спречат бегање на “превозно средство”, во себе содржи опасност од злоупотреба во нејзината примена на штета на уставните принципи за неприкосновеност на животот на човекот, неговиот физички и морален интегритет и неговата слобода и е надвор од мерилата и стандардите за оправданата апсолутно потребна употреба на сила во смисла на Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, поради што оцени дека член 10 став 1 точка 2 од Законот не е во согласност со напред наведените одредби од Уставот.

9. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

9. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.40/2003
30 јуни 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply