24/2004-0-0

24/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 19 мај 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 145 став 1 и став 2 во деловите

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 145 став 1 и став 2 во деловите: “или општ акт на Фондот” од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорените делови на одредбите од Законот не биле во согласност со членот 34 од Уставот на Република Македонија, според кој граѓаните имале право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор. Од наведената уставна одредба произлегувало дека правата од областа на социјалното осигурување се утврдувале со закон и со колективен договор, а не со општ акт на Фондот, како што било предвидено со наведените одредби од Законот.

Исто така, со иницијативата без образложение се наведува дека со оспорените законски одредби се повредувале членот 8 став 1 алинеја 3 и 4 и членот 51 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека со членот 145 став 1 и став 2 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување е предвидено правосилното решение, по барање на странката или по службена должност да може да се измени со ново решение, ако со правосилното решение е повреден законот или општ акт на Фондот на штета на странката.

Ако со правосилното решение е повреден законот или општ акт на Фондот на штета на странката, правото по новото решение припаѓа од денот кога се исполнети условите за стекнување со правото.

4. Според член 8 став 1 алинеја 7 од Уставот, хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно членот 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективни договори, а со членот 35 став 1 од Уставот е утврдено дека Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Од наведените уставни одредби, покрај другото, јасно произлегува дека Уставот го прокламира и утврдува општиот принцип на правото на граѓаните на социјална сигурност и социјално осигурување кое е препуштено на уредување со закон и колективен договор. Уставот, исто така ја прокламира грижата на Републиката за социјална заштита и социјална сигурност на граѓаните, која се остварува врз основа на начелото на социјална праведност. Според тоа, прокламацијата на тие уставни принципи произлегува од социјалниот карактер на државата, а видовите на правата од социјалното осигурување, начинот, постапката и условите за остварувањето на овие права на граѓаните се резервирани за законодавната власт која ги уредува релевантните односи од значење за остварување на социјалната сигурност на граѓаните.

Пензиското и инвалидското осигурување како елемент на правото на социјалното осигурување е предмет на уредување со Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

Според одредбите од овој Закон, правата од пензиското и инвалидското осигурување се остваруваат во Фондот на пензиско и инвалидско осигурување на Македонија кој има својство на правно лице.

Во делот на одредбите од Законот кои се однесуваат на остварувањето, користењето и губењето на правата од пензиското и инвалидското осигурување, меѓу другото е пропишана постапката за остварување на овие права, од што произлегува дека се применуваат прописите за општата управна постапка а за правата кои се остваруваат кај работодавец се применуваат прописите од работните односи, ако со овој закон поинаку не е определено.

Според Судот од содржината на законските одредби кои се оспорени со иницијативата во деловите “или општ акт на Фондот”, произлегува дека тие одредби се поволно законско решение во остварувањето на правата на граѓаните. Ова поради тоа што тие регулираат можност за измена на правосилното решение со кое поради повреда на законот или општ акт на Фондот, било одлучено на штета на странката, при што со одредбите не е определено дека општиот акт на Фондот пропишувал права и обврски кои можеле да бидат повредени а со тоа е оставена можноста повредата на штета на странката да биде и од аспект на формата и начинот на остварување на правата кои се препуштени да се операционализираат со статутот и другите општи акти на Фондот.

Според членот 163 точка 1 од Законот, Управниот одбор на Фондот донесува статут и други општи акти на Фондот, а според членот 169 точка 2 од Законот е предвидено дека со Статутот на Фондот покрај другото особено се уредува и начинот на остварување на правата од пензиското и инвалидското осигурување во согласност со законот. Со оглед на тоа што согласно членот 8 и членот 9 од Законот, Фондот има својство на правно лице што врши дејност од јавен интерес, Судот утврди дека не е во несогласност со Уставот надлежните органи на Фондот да донесуваат статут и други општи акти со кои ќе се уредат во согласност со законот одредени организациони и други технички прашања за начинот на остварување на правата од пензиското и инвалидското осигурување.

Оттука, врз основа на правата и обврските утврдени со одредбите од Законот за пензиското и инвалидското осигурување и во рамките на начинот на нивното реализирање кој е операционализиран со статутот како општ акт на Фондот, согласно со законското овластување за тоа во одделни сегменти од материјата на овој вид осигурување, определен е правниот основ за решавање во постапките.

Соодветно тоа е во компетенциите и се одразува во конкретното работење и одлучување на Фондот кој согласно членот 168 од Законот ги врши управните, финансиските, стручните, административните и други работи во спроведувањето на пензиското и инвалидското осигурување, утврдени со Законот и статутот.

Со оглед на изнесеното а имајќи ги во предвид одредбите од ставот 1 и ставот 2 од членот 145 од Законот, во однос на оспорените делови, Судот смета дека не е содржана законска определба права и обврски од пензиското и инвалидското осигурување да бидат пропишани со “општ акт на Фондот” како што подносителот на иницијативата ги интерпретира овие одредби, поради што не може основано да се постави прашањето за несогласност со нормите од Уставот, посебно за несогласност со членот 34 од Уставот на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.24/2004
19 мај 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply