189/2003-0-0

189/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 24 март 2004 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 24 во делот “и доколку истите бидат изградени до 31 декември 2003 година, а ќе бидат ставени во промет до 31 март 2004 година” од Законот за изменување и дополнување на Законот за данок на додадена вредност” (“Службен весник на Република Македонија” бр.21/2003).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во ” Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива на Убавка Мицова од Скопје, со решение У.бр.189/2003 од 25 февруари 2004 година, поведе постапка за оценување на уставноста на член 24 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука.
Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорениот член со начелото на владеење на правото и принципот на забрана на ретроактивно дејство на законите утврдено во Уставот.
4. Во текот на постапката Судот утврди дека во член 23 од Законот за данокот на додадена вредност (“Службен весник на РМ” бр.44/1999) е предвидено дека од данокот на додадена вредност се ослободува, помеѓу другото, и прометот на станбени згради и станови, во оној дел во кој истите се користат за станбени цели, со исклучок на првиот промет кој ќе се изврши во период до пет години по изградбата.
Во член 14 од Законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност (“Службен весник на РМ” бр.86/1999) било предвидено дека првиот промет на станбените згради и становите чие градење отпочнало пред 1 април 2000 година се ослободуваат од данок на додадена вредност до 31 декември 2000 година, а даночните обврзници за истиот период го задржуваат правото на одбиток на претходно платениот данок.
Во член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност (“Службен весник на РМ” бр.8/2001) било предвидено дека во Законот за данокот на додадена вредност (“Службен весник на РМ” бр.44/1999, 59/1999, 86/1999 и 11/2000), во членот 30, а кој се однесува на повластената стапка од 5%, се додава точка 12 во која е предвидено дека повластената стапка ќе се применува и на првиот промет на станбени згради и станови во оној дел во кој истите се користат за станбени цели и кој ќе се изврши во период до пет години по изградбата.
Според тоа, со наведените измени како материјално решение, со Законот се вовела повластена даночна стапка од 5% за првиот промет на станбени згради и станови кој ќе се изврши во период од 5 години по изградбата.
Со член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за данок на додадена вредност (“Службен весник на РМ” бр.21/2003), членот 30 се менува на начин што повластената стапка од 5% на првиот промет на станбени згради и станови за становање се укинува.
Во оспорениот член 24 од наведениот закон е предвидено дека “Повластената даночна стапка од 5% ќе се применува и на првиот промет на станбени згради и станови во оној дел во кој истите се користат за станбени цели, но само доколку нивната изградба е започната пред денот на влегување во сила на овој закон и доколку истите бидат изградени до 31 декември 2003 година, а ќе бидат ставени во промет до 31 март 2004 година”.
Судот, исто така, утврди дека според член 31 став 1 точка 1 од Законот за данокот на додадена вредност, даночниот долг настанува во моментот кога е извршен прометот на доброто, а според став 2, кога плаќањето е извршено пред извршувањето на прометот, време на настанување на даночниот долг е моментот кога е добиено плаќањето во висина на данокот за добиениот износ.
5. Според член 8 од Уставот на Република Македонија темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, меѓу другото, е владеењето на правото.
Според член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.
Според член 52 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.
6. Од анализата на наведените законски одредби со кои се уредува режимот на плаќање на данокот на додадена вредност, произлегува дека предмет на оданочување на првиот промет се становите наменети за станбени цели што се извршува во рок од пет години по изградбата како општо правило, независно од тоа за каква стапка ќе се определи законодавецот.
Со член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за данок на додадена вредност (“Службен весник на РМ” бр.8/2001), со кој се менува членот 30, а кој се однесува на повластената стапка од 5%, се до донесување на оспорениот закон во правниот поредок на Република Македонија важело правилото дека овој промет се оданочува со повластена стапка на данок на додадена вредност доколку прометот се изврши во рок од пет години по изградбата.
Според тоа, ова правило за сето време на неговото важење претставувало предвидлива рамка врз основа на која субјектите во правото можеле да ги донесуваат своите одлуки за влегување во правни односи насочени кон изградба и ставање во промет на становите.
Меѓутоа, според мислењето на Судот, законодавецот со оспорениот член ги менува роковите за завршување на изградбата и ставање во промет на становите односно се впушта во уредување на односи кои претходно биле уредени на начин со кој на субјектите во иднина им се гарантирала една воспоставена состојба.
Имено, влегувањето на субјектите во односи за изградба, односно купување на станови со авансно плаќање во време на важење на претходниот правен режим со кој била пропишана стапка од 5% за првиот промет на становите по изградбата, според мислењето на Судот претставува основ да се тврди дека тие субјекти имале легитимни на закон засновани очекувања дека правниот однос и последиците од него во поглед на даночните обврски ќе се заврши така како што тоа било регулирано со претходниот закон.
Со оспорениот член законодавецот не го почитувал тоа што првично го гарантирал и утврдил нови услови и рокови под кои ќе се примени повластената даночна стапка.
7. На подготвителната седница што Судот ја одржа по повод оценувањето на уставноста на оспорениот член, покрај подносителот на иницијативата, учествуваа и претставници на Министерството за финансии и научни работници од Правниот и Економскиот факултет во Скопје.
На подготвителната седница од страна на учесниците во основа беа изнесени две спротивставени мислења во поглед на повратното дејство на оспорената одредба и принципот на заштита на легитимните очекувања.
Според едното мислење оспорената одредба нема повратното дејство, затоа што како момент на настанување на даночната обврска се смета моментот на ставање на становите во промет и нејзината примена не се однесува на веќе извршен промет во минатото.
Според тоа, првиот промет на становите по влегување во сила на законот ќе се оданочува според стапката што тој ја предвидел, која изнесува 18%, а оспорениот член се појавува како погодност за оние кои ја започнале изградбата на становите пред неговото влегување во сила доколку ги исполнат условите предвидени во него.
Според другото мислење, оспорената одредба има повратно дејство без оглед на тоа што моментот на прометот ќе се случи за време на важење на новиот закон, имајќи го предвид фактот што претходниот закон веќе го регулирал идниот прв промет на станови како гарантирана правна ситуација според кој субјектите го одредувале своето однесување односно на субјектите им се гарантирало дека идниот прв промет на станбени згради и станови кои се користат за станбени цели во рок од пет години ќе се оданочува по повластена стапка од 5%.
Воедно, со оспорената одредба според ова мислење се повредува принципот на заштита на легитимните очекувања на субјектите како елемент на начелото на владеење на правото.
8. Од наведените уставни одредби, од извршената анализа на одредбите од Законот за данок на додадена вредност кои се однесуваат на стапката на данокот на додадена вредност, како и фактот што законодавецот повластената стапка од 5% не ја врзува само со започнување на изградбата на становите пред влегување во сила на Законот, туку и со изградбата на становите до одреден временски период, односно нивно ставање во промет до одреден временски период, Судот оцени дека оспорената одредба од Законот има повратно дејство, без оглед на тоа што моментот на прометот ќе се случи во време на важење на Законот за изменување и дополнување на Законот за данок на додадена вредност (“Службен весник на Република Македонија” бр.21/2003). Ова од причини што претходниот закон веќе го регулирал идниот промет на становите како гарантирана правна ситуација според која субјектите го одредувале своето однесување и влегле во соодветни правни односи, кои не само што се од крајно сериозна природа според нивните инвестициони импликации, туку имаат и релативно траен правен ефект.
Поради тоа, Судот утврди дека оспорената одредба не е во согласност со принципот на забрана на повратно дејство на законите.
Воедно, Судот оцени дека со оспорената одредба во делот во кој се утврдени нови услови и рокови за користење на пов ластената даночна стапка се доведува во прашање и принципот на правната сигурност како елемент на владеење на правото, односно се повредуваат врз закон заснованите легитимни очекувања на субјектите дека правните односи и последиците од нив во поглед на даночните обврски ќе се завршат на начин предвиден со одредбите што биле законска рамка за нивно настанување, поради што Судот оцени дека таа не е во согласност и со начелото на владеење на правото.
9. Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
10. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.189/2003
24 март 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply