140/2003-0-0

140/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 24 март 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на Одлуката за донесување измени и дополнувања на Деталниот урбанистички план за населба “Кутлабица 2” за дел (Блок 1) општина Кичево, донесена од Советот на општина Кичево, на седницата одржана на 25 јуни 2003 година.

2. Мирко Грковски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорениот план не бил донесен во постапка согласна со Законот за просторното и урбанистичкото планирање, затоа што не бил изготвен Извештај за прифатените, односно неприфатените забелешки на Планот и што после јавната анкета, во Планот биле направени измени кои не содејствувале со неговата содржина што била прикажана на јавниот увид.

Притоа, подносителот на иницијативата посочува вцртување на три нови куќи на раскрсницата на регионалниот пат Кичево – Македонски Брод со што, според него, бил избиршан зелениот појас на катастарската парцела бр.427.

3. Судот на седницата утврди дека со членот 1 од Одлуката се констатира дека се вршат измени на Деталниот урбанистички план за населба “Кутлабица 2” за дел (Блок 1) – Општина Кичево.

Членот 2 од Одлуката ја определува содржината на Планот: текстуално образложение, графички прилози, стручна ревизија, стручно мислење, извештај по јавната анкета, согласност на предлог-измените на планот, издадена од Министерството за транспорт и врски – Сектор за уредување на просторот – Кичево.

Со членот 3 од Одлуката се регулира начинот на заверката на Планот (оригинални графички прилози на хамер и фолија со потпис и печат на доносителот).

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и природата.

Согласно член 22 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа, општините се надлежни за урбанистичкото планирање (урбано и рурално), издавањето на одобрението за градење на објекти од локално значење утврдени со закон, уредувањето на просторот и уредувањето на градежното земјиште.

Во членот 22 став 3 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање, е предвидено дека општината донесува урбанистички планови од член 7 алинеи 1, 2 и 3 на овој закон, а тоа значи дека општината ги донесува генералните и деталните планови и урбанистичка документација за населено место.

Според членот 18 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање, јавната анкета се спроведува со излагање на планот на јавно место најмалку 10 дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот, доставуваат писмени забелешки на анкетни листови до организаторот на анкетата.

Согласно ставот 2 на овој член од Законот, за времето и местото каде ќе биде изложен планот, задолжително се објавува соопштение во јавните гласила.

Извештајот за стручната расправа и јавната анкета со образложение за неприфатените забелешки, го изработува општината, односно Градот Скопје (член 18 став 4).

Членот 19 став 1 и став 2 од Законот предвидува дека пред организирањето на стручната расправа и јавната анкета се врши стручна ревизија, која што ја врши стручно научна институција или комисија што ја определува министерот за транспорт и врски.

Врз основа на овие уставни и законски одредби Советот на општина Кичево ја донел оспорената Одлука за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план за населба “Катлабица 2” за дел (Блок 1) – Општина Кичево.

Во контекст на наведените уставни и законски одредби постапката при донесувањето на Одлуката, течела на следниов начин:

На 17 февруари 2003 година градоначалникот на општина Кичево, согласно член 17 став 3 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (според кој по нацртот на деталниот урбанистички план и урбанистичката документација за населено место во општината се спроведува јавна анкета), донел одлука за организирање на јавна анкта по нацрт-измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план “Кутлабица 2” за дел (Блок 1) – општина Кичево.

Истиот ден, на 17 февруари 2003 година преку Радио – Кичево било објавено соопштение дека просторот опфатен со Деталниот урбанистички план “Кутлабица 2” за дел (Блок 1) – Кичево, го опфаќа просторот во следните граници: од исток: Ул. 11-ти септември; од запад: Магистрален пат М4 – Скопје – Кичево – Охрид; од југ: Регионален пат Кичево – Македонски Брод и од север: КП.4150 и 4076.

Понатаму, според соопштението Нацртот на Деталниот урбанистички план ќе биде изложен во просторијата бр. 23 во административната зграда на ЕЛС – општина Кичево, во рок од 10 дена од денот на објавувањето на соопштението т.е. од 17 февруари до 28 февруари 2003 година секој работен ден од 7,30 до 15,00 часот и дека во определениот рок, заинтересираните правни и физички лица од конкретното подрачје опфатено со планот, можат да достават писмени забелешки на анкетните листови.

5. Министерството за транспорт и врски на Република Македонија – Сектор за уредување на просторот – Подрачна единица Кичево на 19 мај 2003 година дало согласност на Предлог Деталниот урбанистички план за “Кутлабица 2” (Блок 1) – Кичево, врз основа на: Предлог – планот изготвен од ДООЕЛ “Перкан Проект” – Прилеп со тех.бр.20/2003 од април 2003 година; Стручната ревизија на Нацрт-планот изработена од ИН-Пума – Скопје од декември 2002 година; Стручното мислење од Министерството за транспорт и врски бр.13-15684 од 10 јануари 2003 година со Извештај од изработувачот на планот бр.07-7/1 од 13 февруари 2003 година; Одлуката за организирање на јавна анкета по нацрт-планот бр.08-162/1 од 17 февруари 2003 година и Програмата за изработка на урбанистички планови за општина Кичево за 2003 година.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека постапката за давање согласност за измена на Деталниот урбанистички план за населба “Кутлабица 2” за дел (Блок 1) општина Кичево, се остварувало во рамките на Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Инаку, од увидот во Анкетниот лист бр. 3 на Мирко Грковски (подносителот на иницијативата) се гледа дека тој предложил да се изврши корекција на неговата куќа во смисла што градежно нивелационата линија да се вцрта од северната страна на неговата КП.бр.4247/3.

Овој предлог му бил усвоен со тоа што е извршена парцелација од северната страна према катастарската скица 12-11/308 од 7 мај 2002 година.

Вториот предлог (барање) му бил дел од земјиштето западно од неговата парцела да се приклучи кон неговиот дел.

Овој предлог не бил прифатен од причина што бараното место за докомплетирање е приватна сопственост.

Исто така, од Анкетниот лист бр. 7 на Стојмир Ширгоски се гледа дека тој барал да се предвидат пет самостојни објекти со околу 400 м2 површина поединечно заедно со пристап до источниот сосед со намалување на зеленилото од јужната страна на парцелата.

Барањето му било прифатено според прописите.

Врз основа на ова барање дошло до вцртување на три згради на зеленилото од јужната страна, за што подносителот на иницијативата тврди дека не биле содржани во предлог – планот (тие не можеле да бидат содржани бидејќи се вцртани дополнително врз основа на усвоеното барање од јавната анкета).

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека постапката при донесувањето на Одлуката за измени и дополнувања на Деталниот урбанистички план за населба “Кутлабица 2” за дел (Блок 1) општина Кичево се остварувало во рамките на Законот за просторното и урбанистичкото планирање, поради што оцени дека не може основано да се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и со Законот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.140/2003
24 март 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply