113/2003-0-0

113/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 17 март 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Законот за штрајкот (“Службен лист на СФРЈ” бр.23/1991 и “Службен весник на Република Македонија” бр.38/1996).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, правото на штрајк било автономно право што се остварувало директно врз основа на Уставот и дека прашањата во врска со правото на штрајк не требало да се уредуваат со закон.

Во тој контекст во иницијативата се наведува дека постоела и терминолошка неусогласеност на постоечкиот Закон за штрајкот со Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека со овој закон штрајкот се дефинира како организиран прекин на работата на работниците заради остварување на економските и социјалните права и интереси по основ на трудот, дека правото на штрајк се остварува под условите утврдени со овој закон и дека работникот слободно одлучува за своето учество во штрајкот.

Понатаму, со овој закон се предвидуваат субјектите што можат да го организираат штрајкот и субјектите што ја донесуваат одлуката за стапување во штрајк (органот на синдикатот на соодветната гранка на дејност).

Исто така, во Законот се уредуваат правата и обврските на штрајкувачкиот одбор во врска со најавувањето, времетраењето на штрајкот и организирањето на истиот во смисла да не се загрозува безбедноста и здравјето на лицата и имотот.

4. Согласно член 38 став 1 од Уставот на Република Македонија се гарантира правото на штрајк.

Ставот 2 на овој член од Уставот предвидува со закон да може да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк во вооружените сили, полицијата и органите на управата.

Имајќи ја предвид оваа уставна одредба, Судот оцени дека со начелното гарантирање на правото на штрајк, Уставот не само што не ги утврдува условите и начинот на остварувањето на ова право, туку не упатува овие прашања да се уредат со закон.

Оттука, според мислењето на Судот, немањето изречно овластување во овој член од Уставот за законско уредување на условите и начинот за остварувањето на правото на штрајк, не претставува уставна пречка Собранието на Република Македонија, во рамките на неговото овластување утврдено во член 68 став 1 алинеја 2, да донесе закон со кој ќе се уредат овие прашања со цел да не се доведе во прашање остварувањето на другите со Устав гарантирани слободи и права, чие остварување е, исто така, грижа на државата.

Основа за донесување на закон со кој би се уредиле условите за остварување на уставно гарантираното право на штрајк индиректно е содржана и во самиот член 38 став 2 од Уставот. Имено, уставното овластување со закон да можат да се ограничат условите за остварувањето на правото на штрајк во вооружените сили, полицијата и органите на управата, упатува на заклучок дека условите за остварувањето на правото на штрајк прво треба на општ начин да се нормираат за да можат потоа да се ограничат во овие области, затоа што само однапред пропишани општи услови можат да се ограничуваат.

Според Судот, законското уредување на условите и начинот на остварувањето на правото на штрајк е неопходно и поради тоа што при постоење на правна празнина во овој поглед, остварувањето на ова право по обем и содржина може да се злоупотреби до тој степен што може да предизвика штетни последици од поголеми размери, како на заедницата во целина, така и на одделни субјекти, што сигурно во тоа не се состои и суштината на самата уставна гаранција на правото на штрајк. Остварувањето на ова право не треба и не може да биде апсолутно, без ограничување со интересот на државата, и со остварувањето на слободите и правата на другите.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека немањето изречно овластување во Уставот за законско уредување на условите и начинот на остварувањето на правото на штрајк, не претставува пречка со закон да се уредат овие прашања со цел да не се доведе во прашање остварувањето на другите со Устав гарантирани слободи и права, чие остварување е, исто така, грижа на државата.

При одлучувањето, Судот имаше предвид дека Законот за штрајкот е донесен од Собранието на СФР Југославија и дека согласно член 5 став 1 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија постојните сојузни прописи се преземаат како републички со надлежностите на органите утврдени во Уставот на Република Македонија.

Врз основа на оваа одредба, Законот за штрајкот е преземен како републички закон.

Независно од фактот што во Законот, како последица на времето на неговото донесување, постои терминолошка неусогласеност со Уставот на Република Македонија, Судот оцени дека не е релевантно да интервенира во тој поглед, меѓу другото, и од причина што прашањето за штрајкот е регулирано во повеќе закони на Република Македонија кои овозможуваат непречено остварување на ова право на штрајк.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.113/2003
17 март 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply