203/2003-0-0

203/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 10 и 11 март 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 246 од Законот за супервизија на осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.27/2002).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 6 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Иван Чукиќ од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста на членот 6 и членот 246 од Законот за супервизија на осигурување.

Во иницијативата се наведува дека со членот 6 од Законот за супервизија на осигурувањето, било предвидено дека друштвото за осигурување може да врши работи на осигурување само на една група осигурување од предвидените две групи: 1) неживотно осигурување, кое ги опфаќа класите од точка 1 до 18, од членот 5 од овој закон, или 2) осигурување на живот, кое ги опфаќа класите од точка 19 до 23 од членот 5 од овој закон. Имено, според наведената законска одредба друштвото за осигурување не може истовремено да ги врши работите на осигурување од двете групи и неговата работа е лимитирана само на една група осигурување.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека во делот на преодните и завршни одредби од Законот за супервизија на осигурувањето, биле предвидени одредби со кои постојните друштва се должни да ја усогласат својата органи-зација, основачките акти и актите на деловната политика со одредбите на овој закон. Меѓутоа, со членот 246 се предвидувал посебен начин на усогласување на друштвото за осигурување кое вршело работи на осигурување на двете групи, односно на осигурувањето на живот и неживотното осигурување, при што како исклучок се регулира дека друштвото за осигурување кое на денот на влегувањето во сила на овој закон истовремено врши работи на осигурување на живот и на неживотно осигурување, не е должно да ги усогласи својата органи-зација и работење со членот 6 став 1 од овој Закон.

Оттука, со ваквата законска регулатива, во случајов не е обезбедена еднаква правна положба на субјектите кои вршеле само една дејност (само животно или само неживотно осигурување), со оние кои ги вршеле и двете дејности, бидејќи првите нема да можат (поради членот 6 од Законот), да ги вршат и двете дејности, а другите можат да продолжат тоа да го прават (согласно членот 246 од Законот) со што се ставени во привилегирана, монополска положба, спротивно на член 55 од Уставот.

Исто така, подносителот на иницијативата наведува дека материјата за вршење на дејноста на трговските друштва е регулирана со Законот за трговски друштва, меѓутоа тој не содржел ограничување за субјектите кои вршат трговска дејност да можат да вршат една, а да не можат да вршат друга дејност, доколку ги испол-нувале пропишаните услови утврдени со закон, туку напротив, тие можат да ги вршат сите дејности кои со закон не се забранети, а забраната може да биде само под услови утврдени со Уставот, а регулирани со закон.

Со оглед на изнесеното, подносителот на иницијативата наведува дека оспорените одредби од Законот за супервизија на осигурувањето, се спротивни на членот 8 став 1 алинеја 3 и 7 од Уставот, според кои како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се “владеење на правото” и “слободата на пазарот и претприемништвото”, и на членот 55 од Уставот, поради што се предлага Судот да поведе постапка за оцена на уставноста на оспорените законски одредби.

4. Судот на седницата утврди дека Законот за супервизија на осигурување (“Службен весник на Репуб-лика Македонија” бр.27/2002), во “Дел Први”, во основните одредби, во насловот “Активности на друштвата за осигурување”, го содржи членот 6, според кој:

(1) Друштвото за осигурување може да врши работи на осигурување во една или повеќе класи на осигурување, во рамките на една од групите на осигурување:

1.) неживотно осигурување, кое ги опфаќа класите од точките 1 до 18 од членот 5 на овој закон и

2.) осигурување на живот, кое ги опфаќа класите од точките 19 до 23 од членот 5 на овој закон.

(2) По исклучок на одредбите од ставот 1 на овој член, друштвото за осигурување што врши работи на осигурување во групата на осигурување на живот, може исто така да врши работи на осигурување од класите на осигурување во кои спаѓаат здравственото осигурување и осигурувањето од последици на несреќен случај – незгода, наведени во членот 5 точките 1 и 2 од овој закон, под услов на нив да се применуваат табелите на веројатност и пресметки слични на осигурувањето на живот.

(3) По исклучок на одредбите од ставот 1 на овој член, друштвото за осигурување кое врши работи на осигурување во групата на осигурување на живот, може исто така во согласност со Законот за капитално финансирано пензиско осигурување да управува со пензиски фондови, доколку ги исполнува условите предвидени со тој закон.

(4) По исклучок на одредбите од ставот 1 на овој член друштвата за реосигурување можат да вршат работи на реосигу-рување за двете групи на осигурување.

Законот, во “Дел Седумнаесетти”, во преодните и заврш-ните одредби, во насловот “Усогласување на друштвата за осигуру-вање кои вршат работи на осигурување на живот и неживотно осигуру-вање”, го содржи членот 246, според кој:

(1) По исклучок на членот 245 став 1 од овој закон, друштво за осигурување кое на денот на влегувањето во сила на овој закон истовремено врши работи на осигурување на живот и работи на неживотно осигурување, не е должно да ги усогласи својата органи-зација и работење со членот 6 став 1 од овој закон.

(2) И покрај одредбите од ставот 1 на овој член, друштвото за осигурување кое истовремено врши работи на осигурување на живот и работи на неживотно осигурување е должно да ги усогласи својата организација и работење во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон со следниве одредби:

1.) посебно да управува со работењето на начин кој обезбедува вршењето на работите на осигурување на живот да е разграничено од вршењето на работите на неживотно осигурување;

2.) да води засебно сметководство на начин кој обезбедува евидентирање на сите приходи и расходи на друштвото за осигуру-вање засебно за осигурување на живот и за неживотно осигурување, а во зависност од тоа на која група на осигурување истите се однесу-ваат и

3.) засебно да го пресметува капиталот и потребното ниво на маргината на солвентност за осигурување на живот и за неживотно осигурување.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 и 7 од Уставот на Република Маке-до-нија владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Во делот на уставните норми кои се однесуваат на осн-о-вите на економските односи, со членот 55 од Уставот е предвидено дека се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.

Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувување на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

6. Законот за супервизија на осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.27/2002), во членот 1 определил дека предмет на уредување на овој закон се условите под кои можат да се вршат работи на осигурување на живот, неживотното осигу-рување и реосигурување, осигурително брокерски работи, основање, работење, супервизија и престанок со работа на трговските друштва за осигурување и реосигурување (друштва за осигурување), осигури-телните брокерски друштва и Националното биро за осигурување.

Според членот 3 став 1 од овој Закон, друштво за осигу-рување се основа како акционерско друштво со седиште во Република Македонија, под условите утврдени со овој закон и со Законот за трговските друштва.

Од анализата на оспорениот член 6, а во контекст и на останатите одредби од Законот произлегува дека вршењето на работите од двете групи на осигурување – неживотното осигурување и осигурувањето на живот, со Законот се допуштени да се вршат од страна на друштвата за осигурување. Во основа и на самиот концепт на Законот е регулирано дека работите на осигурување ги вршат друштвата за осигурување кои можат да ги основаат домашни или странски физички и правни лица и тие се акционерски друштва со седиште во Република Македонија кои имаат дозвола од министерот за финансии. Исто така, работите на осигурување можат да го вршат и филијала на странско друштво за осигурување (кое добило дозвола од министерот за финансии), како и друштво за осигурување на земја членка на Европската унија кое основало филијала на територија на Република Македонија или е овластено дирекно да врши работи на осигурување на територијата на Република Македонија согласно со овој закон. Оттука, неспорно е дека Законот не го попречува вршењето на работите на осигурување на друштвата за осигурување и тоа од двете групи на осигурување, но како одделни дејности.

Понатаму, во делот на преодните и завршни одредби од Законот со членот 245 став 1 е уредено дека постојните друштва за осигурување се должни својата организација, основачките акти и актите на деловната политика да ги усогласат со одредбите од овој закон во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Од анализата на оспорениот член 246 од Законот, пак, произ-легува дека интенцијата на законодавецот е во однос на друштво за осигурување кое до влегувањето во сила на овој Закон истовремено вршело работи на осигурување на живот и неживотно осигурување, затекнатата состојба да ја задржи како исклучиво право наспрема востановениот правен режим со овој закон за останатите друштва за осигурување кои истовремено не вршеле работи од двете групи на осигурување, а тоа не можат да го вршат ниту според одредбите на овој закон (член 6).

Оттука, за Судот се постави прашањето дали исклучувањето на субјектите кои истовремено вршеле работи на осигурување од двете групи, од новиот правен режим утврден со Законот за супервизија на осигурувањето ги повредува принципите од членот 8 став 1 алинеја 3 и 7 и членот 55 од Уставот.

7. Судот оцени дека е право на законодавецот со закон да го пропишува правниот режим на осигурувањето на начин за кој смета дека вршењето на оваа дејност ќе биде во согласност со правилата и стандардите на осигурувањето заради заштита, пред се, на интересите на осигурените лица и други субјекти, при што Судот констатира дека тој режим се совпаѓа со режимот на осигурување утврден во правото на Европската Унија односно во Директивата 2002/83/ЕЦ од 5 ноември 2002 година, која се однесува на осигурување на живот.

Поаѓајќи од тоа дека утврдениот правен режим со Законот се однесува за сите субјекти во правото, произлегува дека одредбите од членот 6 од Законот се движат во уставните рамки и не се во спротивност со економските принципи за слободно пазарно работење и еднаквата правна положба на субјектите на пазарот кои воедно ја исклучуваат монополската позиција на едни субјекти наспроти други, бидејќи со оспорениот член се поставени еднакви законски правила за субјектите во системот на осигурувањето.

Поради тоа, според Судот во однос на утврдениот правен режим во членот 6 од Законот не може да се постави прашањето за несогласност со уставните норми од членот 8 став 1 алинеја 3 и 7 и членот 55 од Уставот.

Меѓутоа, врз основа на изнесената уставноправна анализа на оспорениот член 6 од Законот, според Судот се доведува во прашање уставноста на оспорениот член 246 од Законот. Ова поради тоа што со одредбите од овој член од Законот се прави исклу-чок од пропишаниот начин на вршењето на работите на осигурува-њето само за одредени правни субјекти кои до донесувањето на овој Закон на поинаков начин ги вршеле работите на осигурувањето од новиот правен режим утврден со овој Закон и се допушта тоа да продолжи наспроти утврдените законски правила за останатите субјекти.

Со оглед на тоа Судот смета дека во случајов субјектите за кои им се дава можност за вршење на двете групи на осигурување се во привилегирана позиција од остана-тите субјекти кои тоа не можат истовремено да го вршат согласно со Законот. Имено, востановениот правен режим со Законот за супервизија на осигурувањето, треба да се однесува подеднакво за сите субјекти кои ги вршат работите на осигурување и усогласувањето на друштвата за осигурување кон законските норми кои го пропишуваат начинот на работење треба да биде во функција на важење на единствен, а не двоен правен режим.

Поради тоа, пред Судот основано се постави прашањето за согла-сноста на членот 246 од Законот со членот 8 став 1 алинеја 3 и 7 од Уставот кои се однесуваат на владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото и членот 55 од Уставот, со кој се обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот.

8. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.203/2003
10 и 11 март 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply