104/2003-0-0

104/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 25 февруари 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 2 и член 40 став 1 од Правилникот за издавање на документ – касова сметка за сторна трансакција и за функционалните и техничките карактеристики кои треба да ги имаат фискалните апарати и интегрираниот автоматски систем за управување (“Службен весник на Република Македонија” бр.55/2001 и 57/2001).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата министерот за финансии не бил овластен со правилник да дефинира одделни поими, поради што Правилникот не бил согласен со членовите 10 став 2 и 19 од Законот за регистрирање на готовински плаќања и членовите 55 став 1 и 56 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.

Членот 40 став 1 од Правилникот, според подносителот на иницијативата, исто така, не бил согласен со членовите 10 став 2 и 19 од Законот за регистрирање на готовинските плаќања, затоа што предвидувал во првите седум години сервисирањето на фискалните апарати да може да го врши само производителот, со што се исклучувале сите други правни и физички лица за техничко одржување или сервисирање во земјата, а тоа значело повреда на член 9 и член 55 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот член 2 од Правилникот спаѓа во главата И – Општ дел и подглава која гласи: “дефинирање на поимите”.

Ставот 1 на овој член предвидува дека станува збор за поими кои што се употребуваат во овој Правилник и дека овие поими имаат одредено значење па, во натамошниот текст се експлицира што значи фискален апарат, фискален модул, фискална меморија, фискален екран, уред за печатење, работна меморија, дневен финансиски извештај, фискална сервисна пломба и сл.

Исто така, согласно членот 40 став 1 од Правилникот за сервисирањето на одобрената фискална опрема кое ќе се врши за периодот од најмалку седум години, производителите склучуваат договор со Управата за јавни приходи со тоа што ќе се води евиденција во која се содржани следните елементи: назив на фирмата, седиштето, адресата и даночниот број; комерцијално име на типот и моделот; регистарскиот број на фискалниот апарат; бројот на дозволата за одобрување на типот и моделот на апаратот и број на страни.

4. Правилникот е донесен врз основа на член 10 став 2 од Законот според кој документот за касова сметка го пропишува министерот за финансии.

Членот 19 од Законот кој, исто така, служи како основ за донесување на Правилникот предвидува министерот за финансии да ги пропишува функционалните и техничките карактеристики кои треба да ги имаат фискалните апарати и интегрираниот автоматски систем за управување, постапката и документацијата за нивно одобрување, елементите на фискалната сметка, начинот на проверка и контрола на фискалните апарати и правилата за техничко одржување и сервисирање на истите.

Согласно член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа министерот, меѓу другото, донесува правилници за извршување на законите.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека во случајов, министерот за финансии определувањето на значењето на одделните стручни поими кои се употребуваат во Правилникот, го сторил во функција на операционализација на Законот за регистрирање на готовинското плаќање, поради што не може да се постави прашањето за законитоста на членот 2 од Правилникот од овој аспект.

Во врска со прашањето дали со предвидувањето производителот на апаратот, во првите седум години да врши сервисирање не се повредува начелото на еднаквост на граѓаните и начелото на еднаквата правна положба на сите субјекти на пазарот, Судот оцени дека таква повреда не постои, поради следното:

Согласно член 9 став 2 од Уставот граѓаните се еднакви пред Уставот и законите.

Согласно член 55 став 2 од Уставот Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.

Имајќи ги предвид овие уставни одредби наспроти оспорената одредба од членот 40 став 1 од Правилникот, која предвидува производителот на апаратот да врши сервисирање на истиот во следните седум години, Судот оцени дека членот 40 став 1 од Правилникот нема допирни точки со овие одредби од Уставот, од причина што условот за седумгодишен сервис е само еден вид гаранција дека апаратот што е набавен е во исправна состојба и неговото сервисирање оди во прилог на таа гаранција.

Од тие причини Судот оцени дека не може да се постави прашањето за повреда на начелото на еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите ниту за повреда на начелото на еднаквата правна положба на сите субјекти на пазарот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.104/2003
25 февруари 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply