129/2003-0-0

129/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 18 февруари 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 11 алинеја 1 од Правилникот за нормативите и стандардите за основање на високообразовни установи за вршење на високообразовна дејност (“Службен весник на Република Македонија” бр.33/2003).

2. Гоце Коларовски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбата од актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата, со оспорената одредба било определено дека норматив за бројот на редовните студенти во една група за предавања изнесува најмногу 5 студенти на факултетите од областа на уметностите за с тручно-уметничките наставни предмети по кои се изведува индивидуална настава.

Вака предвидениот норматив ја укинувал индивидуалната настава како начин на изведување на наставнообразовниот процес, со што директно се повредувала автономијата на универзитетот гарантирана во членот 46 од Уставот. Владата на Република Македонија со донесување на наведениот акт вршела директно влијание врз начинот на едукацијата на кадрите од областа на уметностите, а воедно се потенцира дека индивидуалната настава била запазена во пониските степени на образование (основни и средни училишта), но тоа не било случај и со високото образование.

Поимот индивидуална настава единствено можел да се сфати како работа на наставникот само со поединечен студент, но не и како работа на наставникот со група од 2, 3, 4 или пак 5 студенти, а кое нешто произлегувало од специфичноста на наставните предмети од областа на музичката уметност како што се: изучување на одделни инструменти, соло-пеење, композиција и диригирање.

Врз основа на одредбите од Законот за високото образование, Интерунивер- зитетската конференција во Предлог-Правилникот за нормативите и стандардите за основање на високообразовни установи за вршење на високообразовна дејност предвидела норматив од еден студент во групат а за индивидуална настава од областа на предметите опфатени на Факултетот за музичка уметност, меѓутоа наспроти таквиот предлог Владата на Република Македонија со оспорената одредба предвидела норматив од најмногу 5 студенти.

На тој начин се повредувала автономијата на Универзитетот и гаранцијата на творечката природа на истражувачкиот и образовниот процес, санкционирани во членот 10 став 2 од Законот за високото образование.

Исто така била сторена и повреда на членот 11 алинеја 2 и 3 од Законот, кој го уредувал принципот на академска слобода, слободата на утврдувањето на облиците и видовите на наставнообразовните дејности, како и исклучивата надлежност на Универзитетот да ги утврди видот, начинот и методот на наставата. Инаку, Факултетот за музичка уметност во студиските програми што ги применувал предвидел како ќе ја изведува колективната, групната или индивидуалната настава.

Од изнесените причини се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одредба и истата да ја поништи.

3. Уставниот суд на Република Македонија на седницата утврди дека според член 1 од Правилникот за нормативите и стандардите за основање на високообразовни установи за вршење на високообразовна дејност се утврдуваат нормативите и стандар- дите за основање на високообразовни установи за вршење на високообразовната дејност во Република Македонија.

Во членот 2 од Правилникот се определени нормативите и стандардите за основање на високообразовните установи за вршење на високообразовната дејност. Во став 2 алинеја 1 како норматив е определен и нормативот за големината на групата за редовни студенти.

Според член 10 став 1 алинеја 8 од Правилникот, во една група се определува 1 студент како максимален број на студенти за вежби за стручно-уметнички наставни предмети по кои се изведуваат индивидуални вежби на факултетите од областа на уметностите.

Според содржината на оспорениот член 11 алинеја 1 од Правилникот, нормативот за бројот на редовните студенти во една група за предавања изнесува најмногу 5 студенти на факултетите од областа на уметностите за стручно-уметничките наставни предмети по кои се изведува индивидуална настава.

4. Согласно член 46 од Уставот, на универзитетот му се гарантира автономија, а условите, вршењето и престанокот на дејноста на универзитетот се уредуваат со закон.

Според член 10 став 1 од Законот за високото образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.64/2000 и 49/ 2003), високообразовните установи ја вршат својата дејност врз принципот на академската автономија.

Според член 10 став 2 од Законот, со автономијата на високообразовните установи се гарантира интелектуалната слобода на членовите на академската зедница и творечката природа на истражувачкиот и образовниот процес, како врвни вредности и способности.

Според член 11 алинеја 2 и 3 од Законот, академската слобода помеѓу другото опфаќа: слобода на студирањето, на утврдувањето на правилата на студирање, облиците и видовите на наставно-образовните дејности на проверка на знаењата на студентите, подготвување и утврдување на студиските програми и содржина на одделните предмети, како и подготвување на учебници и други учебни помагала.

Во членот 35 став 1 од Законот се определени општите услови за основање на факултет, односно висока стручна школа.

Според член 35 став 2 од Законот, условите од ставот 1 на овој член како нормативи и стандарди за основање на високообразовна установа за вршење на високообразовна дејност поблиску се утврдуваат во Правилник за нормативи и стандарди за основање на високообразовни установи за вршење на високообразовна дејност, кој на предлог на Интеруниверзитетската конференција го донесува Владата на Република Македонија.

5. Од анализата на содржината на членот 35 став 2 од Законот произлегува дека оваа одредба претставува законски основ и овластување за Владата на Република Македонија да го донесе Правилникот за нормативи и стандарди, во кој е содржана и оспорената одредба, предмет на уставносудска оценка.

Од наводите во иницијативата јасно произлегува дека со иницијативата не се оспорува овластувањето на Владата за донесување на Правилникот. Меѓутоа, од иницијативата и останатата документација приложена кон неа произлегува дека подносителот на иницијативата укажува на разликите што постоеле при определувањето на нормативите и стандардите помеѓу Интеруниверзитетската конференција како подносител на предлогот за донесување на Правилникот и Владата на Република Македонија како доносител на Правилникот, но постапката за донесување на Правилникот не се оспорува со иницијативата.

Притоа, посебно се потенцира дека како норматив за бројот на студентите на факултетите од областа на стручно-уметничките наставни предмети, по кои се изведува индивидуална настава, се предлагал норматив од 1 студент, но Владата се определила за норматив од најмногу 5 студенти.

Определба на Владата на Република Македонија е преточена во оспорената одредба од Правилникот. По оцена на Судот ваквата определба не значи повреда на автономијата на универзитетот гарантирана во членот 46 став 1 од Уставот. Ова особено ако се има предвид дека според содржината на ставот 2 од истата одредба условите, вршењето и престанокот на дејноста на универзитетот се уредуваат со закон, што значи дека автономијата на универзитетот не е апсолутна категорија која се исцрпува само со наведената уставна одредба. Материјата по однос на тоа што претставува автономија на универзитетот и кои се елементите на автономијата на универзитетот, Уставот препушта да биде предмет на уредување со закон (член 46 став 2 од Уставот).

Поаѓајќи од содржината на наведената уставна одредба, законодавецот се определил нормативите и стандардите за основање на високообразовни установи за вршење на високообразовна дејност, на предлог на Интеруниверзитетската конференција да бидат определени од страна на Владата на Република Македонија.

Оттука, не може да се прифатат како основани наводите на подносителот на иниицијативата дека оспорената одредба од Правилникот не е во согласност со членот 46 од Уставот.

6. Според Судот, подносителот на иницијативата оспорената одредба ја толкува на начин што не е соодветен на нејзината цел и содржина. Оспорениот член 11 алинеја 1 од Правилникот е само еден од нормативите и стандардите предвидени како минимални услови за основање на високообразовна установа и за вршење на високообразовна дејност, согласно член 1 од Правилникот и воедно претставува норма- тив за формирање на групата за редовни студенти за предавање, според целината на членот 11 од Правилникот.

Од друга страна поимот “група од најмогу 5 студенти” во себе опфаќа и индивидуа или еден студент, односно група од двајца студенти, тројца или пак четво- рица, но таа група во никој случај не може да биде поголема од 5 студенти, а доколку бројот на студентите е поголем од пет ќе се формираат и други групи. Оттука, поимот “најмногу 5 студенти” е употребен заради утврдувањето на максималниот број на студенти од кои може да се формира група за предавања, меѓутоа тоа истовремено не значи нужно изведување на наставата во група, ако спецификата на наставниот стручно-уметнички предмет неминовно бара изведување на индивидуална на става. Оспорената одредба има за цел да уреди кога ќе се формира група за редовна настава, а дали наставата ќе се изведува групн о или инидивидуално зависи од наставниот предмет.

Оттука, произлегува дека фактот што Владата на Република Македонија во оспорената одредба го определила максималниот број на студенти за формирање на една група за изведување на редовна настава, не зна чи дека навлегува во процесот или пак во начинот на изведувањето и споведувањето на наставата, кој пак процес е во доменот на секој факултет поединечно. Со определувањето на максималниот број за формирање на група оставена е целосна слобода на конкретен факултет или пак универзитетот, согласно студиските програми, да го утврди видот и начинот на наста- вата, што е на линија на задоволување и на потребите за изведување на индивидуал- ната настава.

Од друга страна, Правилникот прави разграничување на група за вежби и група за предавања. Можноста за спроведување на индивидуалната настава, во зависност од природата на стручно-уметничкиот предмет, е предвидена за изведување на индивидуалните вежби и тоа само со еден студент, според содржината на членот 10 став 1 алинеја 8 од Правилникот.

Врз основа на изнесеното Судот не ги прифати и наводите од иницијативата за повреда на членовите 10 став 2 и 11 алинеја 2 и 3 од Законот за високото образование, во кои се гарантира автономијата на универзитетот и творечката природа на истражувачкиот и образовниот процес, принципот на академска слобода, слободата на утврдувањето на облиците и видовите на наставнообразовните дејности, како и исклучивата надлежност на универзитетот да ги утврди видот и начинот на наставата.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи,Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.129/2003
18 февруари 2004 год.
С к о п ј е
мл/ла

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply