37/2003-0-1

37/2003-0-1

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 17 декември 2003 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 11 став 2 од Законот за државните службеници (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/2000, 34/2001, 103/2001, 43/2002, 98/2002, 17/2003 и 40/2003) во делот “и државните службеници во Кабинетот на претседателот на Републиката, Канцеларијата на претседателот на Владата и Кабинетот на претседателот на Собранието на Република Македонија …”.
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во ” Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.37/2003 од 29 октомври 2003 година, по повод иницијативата поднесена од м-р Ѓорѓи Наумов од Скопје поведе постапка за оценување на уставноста на членот 11 став 2 од Законот за државните службеници во делот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека според членот 11 став 2 од Законот за државните службеници е предвидено државните службеници, освен генералните, државните секретари и државните службеници во Кабинетот на претседателот на Републиката, Канцеларијата на претседателот на Владата и Кабинетот на претседателот на Собранието на Република Македонија, се вработуваат преку јавен оглас објавен најмалку во два дневни весници, од кои најмалку во по еден од весниците што се издаваат на македонски јазик и весниците што се издаваат на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик.
5. Согласно членот 8 став 1 алинеја 1 и 3 од Уставот, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се предвидени основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото.
Уставот на Република Македонија во делот на одредбите кои се однесуваат на економските, социјалните и културните права, во членот 32 став 1 утврдил дека секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност. Според ставот 2 од овој член од Уставот, секому под еднакви услови му е достапно секое работно место, а во ставот 5 е предвидено дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Законот за државните службеници (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/2000, 112/2000, 34/2001, 103/2001, 43/2002, 98/2002, 17/2003 и 40/2003) во членот 1 определил дека предмет на уредување на овој закон се статусот, правата, должностите и одговорностите на државните службеници, како и системот на плати и надоместоци на плати за државните службеници.
Согласно членот 3 став 1 и 2 од овој Закон, државен службеник е лице кое врши стручни, нормативно-правни, извршни, управно-надзорни работи и решава управни работи во согласност со Уставот и со закон. Државен службеник е лице вработено во органите на државната управа, во органите на единиците на локалната самоуправа и градот Скопје и стручните служби на: Собранието на Република Македонија, претседателот на Република Македонија, Владата на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија, Врховниот суд на Република Македонија, судовите, Републичкиот судски совет, Народниот правобранител, Јавното обвинителство, Агенцијата за државни службеници и Државниот завод за ревизија.
Според ставот 4 од овој член од Законот, лицето вработено во органот од став 2 на овој член, кое врши административно-технички или помошни работи нема статус на државен службеник и за него важат општите прописи за работните односи.
Согласно членот 4 од Законот, за прашањата што не се уредени со овој закон и за прашањата за кои овој закон не упатува на примена на друг закон, а се однесуваат на државните службеници, се применуваат општите прописи за работните односи.
Поаѓајќи од концептот на Законот за државните службеници кој ги регулира прашањата предмет на негово уредување во однос на класификацијата на државните службеници, согласно членот 6 од Законот се определени три групи и звања. Во И група се – раководни државни службеници во кои припаѓаат генерален секретар кој се именува во Собранието на Република Македонија, претседателот на Република Македонија, Владата на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија, Врховниот суд на Република Македонија, Републичкиот судски совет, Народниот правобранител на Република Македонија, Агенцијата за државни службеници, Државниот завод за ревизија и Јавното обвинителство и државен секретар кој се именува во министерствата. Во ИИ група се класифицирани стручни државни службеници, а во ИИИ група се класифицирани стручно-административни државни службеници.
Во делот на одредбите од Законот, кои се однесуваат на вработување на државните службеници, со членот 9 се регулирани општите услови за засновање на работен однос на државен службеник.
Меѓутоа, Законот, во членот 10 став 1 утврдил дека генералните секретари во органите од членот 6 став 5 на овој закон ги именуваат овие органи самостојно од редот на раководните државни службеници во тие органи, додека според членот 10 ставовите 4 и 5 од Законот, државниот секретар во министерството го именува Владата на Република Македонија на предлог на министерот, од редот на раководните државни службеници од министерствата и другите органи на државната управа.
Согласно членот 11 став 1 од Законот, барањето за потребата од нови вработувања на државни службеници, органите од член 3 став 2 на овој закон го доставуваат до Агенцијата за државни службеници. Во ставот 2 од членот 11, кој е и предмет на оспорување со иницијативата пред овој Суд, е утврдено дека државните службеници, освен генералните, државните секретари и државните службеници во Кабинетот на претседателот на Републиката, Канцеларијата на претседателот на Владата и Кабинетот на претседателот на Собранието на Република Македонија, се вработуваат преку јавен оглас, објавен најмалку во два дневни весници.
Според ставот 3 од овој член од Законот, генералниот, државниот секретар, како и функционерот кој раководи со органот од член 3 став 2 на овој закон, во кој не се именува генерален односно државен секретар, формира Комисија за спроведување на постапката за вработување на државен службеник, составена од пет члена, при што без да се нарушат критериумите пропишани со закон ќе се обезбеди соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници.
Понатаму, со членот 12 од Законот се регулира прашањето за полагање на стручен испит на кандидатите пред Комисијата, заради засновање на работен однос на државен службеник. Стручниот испит се полага во Агенцијата. По завршување на постапката за избор, генералниот секретар, државниот секретар, како и функционерот кој раководи со органот во кој не се именува генерален односно државен секретар, донесува решение за вработување.
Воедно треба да се има предвид дека со членот 7 од Законот е утврдено дека се основа Агенција за државни службеници како самостоен државен орган со својство на правно лице, заради вршење на стручни, управни и други работи што се однесуваат на статусот, правата, должностите и одговорностите на државните службеници. Во надлежностите на Агенцијата се определени подготовката и донесувањето на прописи што се однесуваат на државните службеници за кои е овластена со закон, развивање политика поврзана со вработувањето, селекцијата и престанокот на вработувањето, плати и надоместоци на плати и вршење на други со законот определени работи. Според членот 12-а од Законот, Агенцијата со правилник ги утврдува критериумите и стандардите како и постапката за вработување и селекција на државните службеници. Врз основа на овој член од законот, Агенцијата донела Правилник за критериумите и стандардите, како и за постапката за вработување и селекција на државните службеници (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/2001). Имено, со Правилникот се врши разработка на одредбите од Законот за државни службеници, заради операционализација на постапката за вработување на државните службеници која е утврдена со законот, односно со Правилникот се уредени па раметрите за утврдување на знаењето, способностите и достигнувањата, основата за нивно вреднување и соодветно бодирање за овие категории.
6. Од анализата на оспорената одредба од Законот во контекст и на останатите изнесени законски решенија Судот утврди дека Законот ги класифицира државните службеници во групи во зависност од службените задачи кои ги извршуваат и во системското уредување на прашањата кои се однесуваат за засновање на работен однос на државен службеник, ја пропишал постапката за вработување која во основа за сите државни службеници го содржи јавниот оглас објавен во дневни весници.
Врз основа на ваквиот законски концепт, според Судот не постои уставен основ за делот од оспорената одредба од ставот 2 на членот 11 од Законот за државните службеници, со кој сите државни службеници во Кабинетот на претседателот на Републиката, Канцеларијата на претседателот на Владата и Кабинетот на претседателот на Собранието на Република Македонија можат да бидат вработени без постапка на јавен оглас објавен во дневните весници, кој со законот е предвиден за вработување на државните службеници.
Според уставносудската оценка, овој дел од оспорената одредба од Законот, е во несогласност со уставната определба во членот 32 став 2 од Уставот, дека секому под еднакви услови му е достапно секое работно место. Ова поради тоа што со оспорениот дел од одредбата на Законот се овозможува спротивно на оваа уставна норма, одредени граѓани да можат да се вработуваат на одредени работни места како државни службеници без јавен оглас објавен во дневните весници и на тој начин под привилегирани услови да засноваат работен однос наспроти останатите граѓани кои според Законот, во постапка на јавен оглас во меѓусебна конкуренција претендираат за вработување за државни службеници и според оценка на условите кои тие ги исполнуваат да се врши изборот за вработување. Со оспорената одредба граѓаните се доведуваат во нееднаква положба во поглед на достапноста на работното место државен службеник во зависност од државните органи или стручни служби во кои тие се вработуваат.
7. Врз основа на изнесеново, по однос на наведениот дел од оспорената одредба од Законот, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.37/2003
17 декември 2003 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply