192/2003-0-0

192/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 17 декември 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 4 став 2 точка 6 од Законот за детективска дејност (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/1999).
2. Александар Диневски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата, со оспорената законска одредба се повредувале основните слободи и права на човекот и граѓанинот содржани во член 9 став 1 од Уставот на Република Македонија. Ова од причина што истата продуцирала нееднаквост на граѓаните, односно на припадниците на органите на безбедност во Министерството за внатрешни работи и Армијата на Република Македонија кои биле ставени во подредена позиција во однос на останатите граѓани на Република Македонија. Во таква положба горенаведените лица се наоѓале поради тоа што со оспорената законска одредба се определувало ограничување на можностите за добивање на лиценца за вршење на детективска дејност.
3. Судот на седницата утврди дека согласно член 4 став 2 точка 6 од Законот за детективската дејност (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/1999 ), лиценцата за вршење на детективска дејност ја издава Министерството за внатрешни работи на лице кое покрај општите услови за засновање на работен однос определени со закон го исполнува и условот во последните две години пред да добие лиценца за работа д а не извршувал работи и задачи во областа на безбедноста и одбраната во органите на државната управа како: овластено службено лице или на посебни работни места согласно со прописите од областа на внатрешните работи, работни места на определени должности согласно со прописите од областа на разузнавањето или работните места од член 123 од Законот за одбрана.
4. Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а не постојат основи за поинакво одлучување.
Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.33/2000 од 27 септември 2000 година, не поведе постапка за оценување на уставноста на член 4 став 2 точка 6 од Законот за детективска дејност, од што произлегува дека оспорената одредба од Законот била предмет на оценување по однос на нејзината согласност со Уставот. При тоа Судот оценил дека “… доколку ваквото законско ограничување не би постоело, граѓаните би можеле да бидат доведени во состојба некој кој има неограничен број податоци за нив, а поседува лиценца приватно да врши детективска дејност, да може наместо да ги брани нивниот имот, живот, слобода и другите со Устав загарантирани права, да брани друг интерес злоупотребувајќи ги тие податоци”…, поради што и не поведе постапка.
Уставниот суд со решение У.бр.177/2001 од 10 октомври 2001 и У.бр.203/2001 од 14 ноември 2001 година иницијативите поднесени од други лица, по однос на истата одредба и нејзината согласност со член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 9, член 32 став 1 и 2, член 51 и член 54 од Уставот, ги отфрлил, наоѓајќи дека нема услови за поинакво одлучување.
Уставниот суд по повод сега поднесената иницијатива на Александар Диневски од Скопје, оцени дека не постојат поинакви основи за одлучување од утврдените при донесувањето на погорецитираните решенија.
5. Врз основа на изнесеното, а имајќи предвид дека Уставниот суд веќе го оценувал оспорениот акт, односно за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување, се одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.192/2003
17 декември 2003 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply