119/2003-0-0

119/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и ?лен 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 3 декември 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на Одлуката за донесување Детален урбанистички план на централното градско подрачје на Скопје (Голем ринг – јужен дел) бр.07-684/1 од 4 јули 2001 година, на Советот на општина Центар – Скопје (“Службен гласник на град Скопје” бр.12/2001).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот на барањето за поведување на постапка за оценување на меѓусебната согласност на Одлуката означена во точката 1 од ова решение со одредбите на Правилникот за поблиска содржина и начинот на графичка обработка на плановите и за начинот и постапката за донесување на урбанистички планови (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/2002).
3. Месната заедница “Мирче Ацев”, општина Центар – Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.
Според наводите на подносителот на иницијативата, во постапката за донесување на Деталниот урбанистички план на централното градско подрачје на Скопје (Голем ринг – јужен дел), не бил утврден Нацрт-планот од страна на Советот на општината Центар, бидејќи и покрај тоа што во Извештајот од јавната анкета по Нацрт-планот било наведено дека тој бил утврден на седница на Советот на општината на 30 август 2000 година, седницата не била одржана.
Исто така, подносителот на иницијативата посебно изјавува дека Деталниот урбанистички план за Голем ринг – јужен дел не бил изложуван на јавен увид во Месната заедница “Мирче Ацев” во периодот од 26 септември 2000 година до 9 октомври 2000 година, како што е наведено во соопштението во весникот “Дневник” од 22 септември 2000 година, и на тој начин граѓаните немале можност да ги изнесуваат своите мислења и приговори по однос на содржините предвидени со Нацрт-планот.
Поради тоа што постапката за донесување на планот не била спроведена согласно одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање и оспорената одлука била во спротивност со одредбите од Правилникот за поблиска содржина и начинот на графичка обработка на плановите и за начинот и постапката за донесување на просторните и урбанистички планови, се предлага Судот да поведе постапка за оценување на законитоста на оспорената Одлука.
4. Судот на седницата утврди дека според членот 1 од Одлуката во донесувањето на наведениот план се почитувале содржините на Основниот урбанистички план на град Скопје, а со членот 2 е определен просторот за кој се однесува планот. Во членот 3 од Одлуката се утврдува дека планот содржи документациона основа и планирана состојба со текстуален дел и графички прилози кои се составен дел на Одлуката, вклучувајќи ги и одредбите за спроведување на планот и извештајот од јавната анкета со осврт од стручната консултација. Со членовите 4, 5 и 6 од Од луката е определено дека планот се заверува со печат на Советот на општината Центар и потпис на претседателот на Советот и дека во рок од 60 дена од завршувањето на постапката за донесување на планот, одделението за урбанизам на општината ќе обезбеди комплетна документација за реализација на планот и ќе се грижи за неговата реализација. Според членот 7 оваа Одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен гласник на град Скопје”.
5. Согласно членот 8 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.
Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија”бр.4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/2002) во членот 1 утврдил дека со овој закон меѓу другото се уредува планирањето на просторот, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесување на плановите и утврдувањето на условите за градба.
Со иницијативата се оспорува Одлуката бр.07-684/1 од 4 јули 2001 година на Советот на општина Центар-Скопје, за донесување на Деталниот урбанистички план на централното градско подрачје на Скопје (Голем ринг – јужен дел), поради тоа што постапката за планирање на просторот била водена спротивно на одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање. Оттука, Судот се впушти во преиспитување на законитоста на оспорената Одлука од аспект на постапката за нејзино донесување, во која всушност и се остварува заштитата на правата и интересите на заинтересираните страни.
Имајќи ја предвид документацијата која се однесува на постапката за донесување на планот, Судот утврди дека врз основа на одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/1996, 28/1997 и 18/1999) односно пред влегувањето во сила на измените и дополнувањата на Законот (“Службен весник на Република Македонија” бр.53/2001 и 45/2002) е започната постапката за донесување на Деталниот урбанистички план на централното градско подрачје на Скопје (Голем ринг – јужен дел) и е донесена оспорената Одлука.
Елаборатот на Нацрт-планот бил изготвен од АД за урбанизам, архитектура и инженеринг ЗУАС – Скопје, врз основа на добиено овластување од Министерството надлежно за работите на урбанизмот, за изработување на урбанистички планови, и на Нацрт-планот е извршена стручна ревизија од страна на ИН-ПУМА – Скопје под бр.74/2000 во јуни 2000 година.
Ова е во согласност со одредбите од членот 16 став 1 и членот 19 од Законот, според кои изработување на урбанистичките планови освен генерален урбанистички план, може да врши и организација односно институција овластена од Министерството надлежно за работите на урбанизмот, а пред организирање на јавна анкета за нацртот на деталниот урбанистички план се врши стручна ревизија од страна на стручно-научна институција или комисија што ја определува министерот надлежен за работите на урбанизмот.
Исто така, по Нацрт-планот е дадено стручно мислење од главниот архитект на градот Скопје, под бр. 18-а-1347/1 од 24 јули 2000 година, согласно со членот 52 став 1 точка 3 од Законот за локална самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/95) кој бил во важност во времето на постапката, а која одредба предвидувала дека главниот архитект на градот дава стручно мислење на деталните урбанистички планови.
Воедно за Нацрт-планот е извршена и стручна консултација на 21 септември 2000 година помеѓу претставници на Министерството за транспорт и врски, главниот архитект на градот, Јавното претпријатие за просторно и урбанистичко планирање “ИН-ПУМА”, проектанти од Заводот за урбанизам “ЗУАС” и од “ЗУМ” – Скопје и други.
Во постапката изготвувачот на планот АД за урбанизам, архитектура и иженеринг “ЗУАС” – Скопје, дал одговор во јули 2000 година до општината Центар – Скопје на забелешките од стручната ревизија и за нивното усогласување во планот.
Советот на општината Центар – Скопје донел решение бр.07/27 од 10 август 2000 година во кое утврдил дека дваесет и седмата седница на Советот ќе се одржи на 30 август 2000 година заради разгледување на прашања од дневниот ред меѓу кои бил и предлогот за усвојување на одлука за донесување на Детален урбанистички план на централното градско подрачје на Скопје (Голем ринг – јужен дел) со Нацрт-Одлука.
Седницата на Советот на општината била одржана на наведениот датум и од записникот од седницата произлегува дека Советот донел заклучок бр.07-647 од 30 август 2000 година за усвојување на наведениот предлог и за утврдување на Нацрт-Одлуката. Исто така, во заклучокот е утврдено дека Нацрт-Одлуката со графичките прилози на планот ќе бидат изложени во просториите на месните заедници “Благоја Деспотовски Шовељ” и ” Мирче Ацев”, заради јавен увид на заинтересираните граѓани и правни лица кои можат да достават забелешки на анкетни листови. Воедно со заклучокот е утврдено дека организирањето и спроведувањето на јавната анкета, треба да се соопшти во јавните гласила и општината е задолжена да изготви извештај од јавната анкета со образложение за неприфатените забелешки, кои со Предлог-Планот потоа ќе бидат доставени до Советот на општината за усвојување.
Судот утврди дека соопштението за јавна анкета по Нацртот на Деталниот урбанистички план на централното градско подрачје на Скопје (Голем ринг – јужен дел), било објавено во весникот “Дневник” на 22 септември 2000 година, со кое биле известени заинтересираните лица дека планот ќе биде изложен во месните заедници “Благоја Деспотовски Шовељ” и “Мирче Ацев” во период од 26 септември до 9 октомври 2000 година.
Ова е во согласност со членот 18 од Законот, според кој јавна анкета и за нацртот на деталниот урбанистички план се спроведува со излагање на планот на јавно место најмалку 15 дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот доставуваат писмени забелешки на анкетни листови до организаторот на анкетата. За времето и местото каде ќе биде изложен планот, задолжително се објавува соопштение во јавните гласила, а извештај со образложение за неприфатените забелешки, изработува општината.
Од извештајот за спроведената јавна анкета Судот утврди дека по Нацртот на Деталниот урбанистички план за централното градско подрачје на Скопје (Голем ринг – јужен дел), се доставени анкетни листови со забелешки на поголем број заинтересирани лица, а посебно во просториите на Месната заедница “Мирче Ацев” во Скопје биле поднесени 69 анкетни листови. Во извештајот од јавната анкета поединечно се дадени образложенија за неприфатените и за прифатените приговори во анкетните листови.
Исто така, од списите за спроведената јавна анкета, произлегува дека претседателот на Одборот на Месната заедница “Мирче Ацев” од Скопје со акт бр.03-23 од 10 октомври 2000 година, до општината Центар – Скопје, ги доставил примените анкетни листови и ја известил општината дека оваа месна заедница во целост ја спровела постапката за реализација на јавната анкета која имала голем одзив кај граѓаните.
По однос на овој дел од постапката за кој и се однесува иницијативата, Судот оцени дека таа била спроведена согласно со одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање. Ова поради тоа што од списите кои се однесуваат на постапката за донесување на планот за предметното подрачје се гледа дека покрај другите дејствија преземени во постапката согласно со закон, Советот на општината Центар – Скопје го утврдил Нацрт-планот на седница која ја одржал на 30 август 2000 година и неспорно Нацрт-планот бил изложен на јавен увид во Месната заедница “Мирче А цев” – Скопје, во периодот од 26 септември до 9 октомври 2000 година, што всушност се двете основни прашања поради кои со иницијативата се оспорува Одлуката за донесување на планот.
Исто така, во текот на постапката бил изготвен Предлог – план со тех. бр.874/2000 во јуни 2001 година и по оваа фаза на постапката Советот на општината Центар – Скопје, ја донел оспорената Одлука бр.07-684/1 од 4 јули 2001 година. Ова е во согласност со членот 22 став 5 од Законот, според кој општината од подрачјето на град Скопје донесува детален урбанистички план и урбанистичка документација за населено место за подрачјето на општината.
Министерството за транспорт и врски дало согласност бр.13-8179 од 6 август 2001 година за спроведување на Деталниот урбанистички план на централното градско подрачје “Голем ринг – јужен дел” – Скопје, согласно со членот 22 став 6 од Законот, според кој и деталниот урбанистички план може да се спроведува само по издавање на согласност од Министерството надлежно за работите на урбанизмот.
Поаѓајќи од изложената фактичка и правна состојба Судот оцени дека се неосновани наводите во иницијативата кои се однесуват за сторени повреди во постапката за донесување на оспорената Одлука спротивно на одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање и по однос на овој дел од иницијативата Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Поаѓајќи од содржината на член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, а по однос на наводите во иницијативата дека оспорената Одлука не е во согласност со одредбите од Правилникот за поблиска содржина и начинот на графичка обработка на плановите и за начинот и постапката за донесување на урбанистичките планови, Судот оцени дека не е надлежен да одлучува за нивната меѓусебна согласност.
Имено, според содржината на наведената одредба од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите, но не одлучува за меѓусебната согласност на подзаконските прописи.
Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.
Со оглед на тоа што оспорената Одлука и наведениот Правилник се прописи од ист правен ранг чија меѓусебна согласност Судот нема надлежност да ја оценува, Судот одлучи овој дел од иницијативата да се отфрли, како во точката 2 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.119/2003
3 декември 2003 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply